Регион

Годините што Караџиќ ги помина во бегство, сé уште се под превезот на тајната

Многу работи од времето кога Караџиќ се наоѓаше во бегство, сѐ уште се под превезот на тајната, која, се чини, ниту српските, ниту босанските власти, не сакаат да ја истражат

 

Работен ден е, попладне, а малото кафе „Луда куќа” во Белград, е полно со постари, но зборлести редовни гости.

На ѕидовите се наоѓаат фотографии од воените лидери на босанските Срби, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, на либискиот диктатор, Моамер ел Гадафи, на рускиот претседател, Владимир Путин, и на некогашниот српски моќник, Слободан Милошевиќ.

Во ова кафуле, Караџиќ, преправен во друга личност, доаѓал пред 2008 година, кога беше уапсен, а подоцна и суден пред Хашкиот трибунал, за воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995 година.

Караџиќ, во 2016 година, беше осуден на 40 години затвор за геноцид во Сребреница, прво вакво злосторство во Европа по Втората светска војна, како и за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Тој поднесе жалба против оваа одлука, а конечната пресуда, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), ќе му ја изрече на 20 март.

Посетителите на кафулето „Луда куќа”, при споменувањето на Караџиќ, веќе не се толку зборлести, но велат дека не го препознале. Додека се криеше во Белград, тој имаше долга брада и се претставуваше како Драган Дабиќ, „духовен исцелител”.

„Човекот доаѓаше, пиеше кафе … Никој не знаеше дека тоа е тој”, вели еден од посетителите.

Постојаните гости се сеќаваат на „навалата” на новинарите, по апсењето на Караџиќ на 21 јули 2008 година. Тие велат дека во ова кафуле, со големина на еднособен стан, имало околу 350 новинари.

Караџиќ, по долгогодишна потрага, беше уапсен во Белград, 12 години откако по него беше распишана меѓународна потерница. Сепак, она што се случувало во текот на годините додека тој беше во бегство, можеби засекогаш ќе остане мистерија, бидејќи Србија и Босна и Херцеговина не направија многу, за да ја откријат мрежата на луѓето, кои му помагале.

Во Босна и Херцеговина, по истрагата со која беа опфатени 58 лица, само едно лице беше обвинето за помагање на Караџиќ, кое, по судскиот процес против него, во јануари 2012 година,  беше ослободено. Во Србија, пак, досега никој не е обвинет за помагање на Караџиќ.

Внатрешноста на кафулето „Луда куќа” во Белград, кој Караџиќ, како Драган Дабиќ, често го посетувал. Фото: БИРН

Бегството од БиХ

Последната година од војната во БиХ, во 1995 година, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) подигна обвинение против Караџиќ. Во јули 1996 година, тој поднесе оставка на функцијата претседател на Република Српска (РС) и на Српската демократска партија (СДП), во чие предвоено формирање учествуваше и самиот.

Неофицијалните информации кои циркулираа наоколу, укажуваа дека Караџиќ, првата година, се криел во Босна и Херцеговина, а потрагата на стабилизациските сили на НАТО, СФОР и на странските безбедносни служби, беа безуспешни.

Британскиот новинар, Џулијан Боргер, автор на книгата „Трагата на крвникот”, која говори за апсењето на сторителите на воени злосторства на Балканот, вели дека постојат различни причини зошто апсењето на Караџиќ во БиХ, пред тој да замине во Србија кон крајот на 1999 година, било безуспешно.

„Во почетокот, немаше волја. Трупите на теренот во 1996 и 1997 година, сметаа дека задача им е да бидат мировници и не сакаа да ризикуваат жртви или повторно да предизвикаат конфликт. Мислам дека во 1998 и 1999 година, лукавството на гонетиот ги надмина вештините на ловците“, вели Боргер за БИРН.

Караџиќ, во 2017 година, во интервју за весникот „Вечерње новости“, изјави дека, откако тој ја напуштил функцијата претседателот на РС, „слободно се движел” на територијата на овој ентитет, сметајќи дека има „таен договор” со американскиот пратеник за Балканот, Ричард Холбрук.

Според наводниот договор, Караџиќ немал да биде кривично гонет, ако се откаже од јавниот живот. Холбрук, пак, негираше дека тој некогаш му дал таква гаранција на Караџиќ.

Откако почна да се крие во 1997 година, се раширија гласини дека Караџиќ живеел во манастири или дека бил во Црна Гора, па во Грција, Русија или во Белорусија.

Боргер нагласува дека „би сакал да има повеќе детали за периодот 1998-1999”, бидејќи од перспективата на Караџиќ, нема доволно информации.

„Верувам дека времето го поминал на црногорската граница и оти живеел во манастири. Неговиот правен тим укажа на тоа“, додава Боргер.

Духовен исцелител и забавувач во кафулето

Кога кон крајот на 1999 година заминал во Србија, Караџиќ, наводно, прво се криел во Нови Сад, а потоа се преселил во Белград, каде што станал Драган Дабиќ, самопрогласен духовен исцелител.

Откако завршил курс по парапсихологија, Караџиќ почнал да предава и да работи како консултант за приватни здравствени фирми.

Според зборовите на Боргер, тој можел да ја сокрие трагата дека се крие во Србија, бидејќи имал помош од некои офицери на српската безбедносно-информативна агенција, БИА, кои за него го создале идентитетот, Драган Дабиќ.

Тој додаде дека ЦИА, од 2000 година, се сомневала дека Караџиќ се наоѓа во Белград, но оти ја немала потребната помош на локално ниво, за да го најде.

„Маскирањето во Дабиќ беше успешно, бидејќи беше толку необично. Никој сериозен не би очекувал да го види овој бегалец, обвинет за воени злосторства, како духовен исцелител“, нагласува Боргер.

Караџиќ креирал (сега непостоечка) интернет страница, www.dragandabic.com, на која била прикачена лажната биографија на Драган Дабиќ, во која се вели дека тој е роден во еден мал град во централна Србија, каде што како момче „ги истражувал околните шуми и планини, дека поминувал многу време на планината Копаоник, каде што собирал природни и моќни лековити растенија, кои растеле насекаде по овие зелени пасишта“.

На веб страницата се наоѓале и десет негови омилени „кинески поговорки”, а една од нив велела: „Оној што ќе се преврти во својот гроб, копа два други”.

Некои од неговите клиенти го фалеа Дабиќ, дури и откако беше откриен неговиот вистински идентитет.

Една од нив е Данијела Балабан, која во 2008 година, за српски „Курир“, изјави дека тој му помагал на нејзиниот аутистичен син Данило. „Жал ми е, затоа што знам дека му помагаше на мојот син. Верувам дека Данило би прозборел, да можеше Дабиќ да продолжи да му помага“, вели таа.

Караџиќ, како Драган Дабиќ, живеел во Нов Белград, кога почнал да доаѓа во „Луда куќа”, каде што понекогаш свирел на гусла, како придружба на пеењето на епски поеми.

Со години, Караџиќ ѝ сведочеше на променливата политичка ситуација во Србија. Тој беше присутен кога на 5 октомври 2000, по масовните протести, Милошевиќ беше соборен од власт, но и кога во 2003 година беше убиен неговиот политички опонент, премиерот, Зоран Ѓинѓиќ.

Сепак, неговото време како бегалец завршува во 2008 година, кога за време на Владата предводена од Демократската партија, се менува раководството на БИА.

Новиот шеф на БИА, младиот поранешен началник на полицијата, Саша Вукадиновиќ, не беше дел од воениот кадар во безбедносните служби и претходно работел на истраги од областа на организираниот криминал.

Само неколку дена откако Вукадиновиќ стапи на функцијата, операцијата за апсење на Караџиќ беше успешно спроведена. На 21 јули 2008 година, агентите на БИА го следеа Караџиќ во јавен превоз, и на мирен начин го симнаа и го уапсија. Потоа тој беше префрлен во Хаг, за да му се суди.

Нов Белград, каде Караџиќ живеел до апсењето. Фото: Михаило Анѓелковиќ/Википедиа

Српскиот безбедносен експерт, Александар Радиќ, вели дека верува оти причината зошто Караџиќ толку долго бил на слобода во Србија, е комбинација на неговото успешно криење, недостатокот на волја на власта која дојде по Милошевиќ и постојаното влијание на воениот персонал кој останал на власт во агенциите како што е БИА.

„Имавме (политички) сили кои беа наследство од војната и кои немаа мотив да ја овозможат екстрадиција на Караџиќ, потоа, од друга страна, имавме сили кои ова го доживуваа како прашање со кое може да се тргува во преговорите со Запад”, нагласува Радиќ за БИРН.

Тој додава дека, сепак, и самиот Караџиќ, вложил многу напори за да остане скриен.

На прашањето зошто Србија никогаш не ги процесирала оние кои му помагале на Караџиќ, Радиќ вели дека она што било откриено во судницата, ќе било непријатно за многумина кои во тоа време биле во Владата, и кои „директно или индиректно, со својата пасивност, ја делеле одговорноста“.

„Тоа се ‘валкани алишта’ од минатото, кои, како и многу други теми, сакаме да ги закопаме”, вели Радиќ, додавајќи дека речиси сите високи политички личности, по падот на Милошевиќ во 2000 година, биле повеќе или помалку вмешани во развојот на ситуацијата со Караџиќ.

Неуспешно откривање на мрежата на помошници

Десетици луѓе беа или сменети од јавната функција или Канцеларијата на високиот претставник во Босна и Херцеговина го замрзна нивниот имот, поради помагање во криење или финансирање на хашките бегалци, меѓу кои бил и Караџиќ.

Меѓу нив беа и високи претставници на босанските Срби, како поранешниот српски член на претседателството на Босна и Херцеговина и претседател на РС, Мирко Шаровиќ, поранешниот министер за внатрешни работи на БиХ и обвинет за воени злосторства, Момчило Мандиќ, поранешниот функционер на Српската демократска партија, Милован Бјелица, соосновачот на Српската демократска партија и поранешен градоначалник на Требиње, Божидар Вучуревиќ, поранешниот министер за внатрешни работи, Зоран Ѓериќ, и поранешниот претседател на организацијата на ветераните на РС, Пантелија Ќургуз.

Тука се и поранешните полициски службеници како Томислав Ковач, Драгомир Андан, Предраг Јовичиќ и Миломир Maлиша, како и неколку бизнисмени и сопругата и синот на Караџиќ.

На крајот, Момчило Мандиќ беше осуден на пет години затвор за корупција, во случајот Стопанска банка Српско Сараево, но беше ослободен од обвинението за помагање на Караџиќ, поради недостиг на докази.

Мандиќ за БИРН вели дека во целиот случај се работело за „западна пропаганда” и волја на меѓународната заедница и прозападните Срби. Тој нагласи дека обвиненијата биле политички и дека тој не прекршил ниту еден закон.

„Јас бев осуден за банката, бидејќи сметаа дека давала кредити на фирми, кои им помагале на обвинетите од страна на МКТЈ, меѓу кои бил и Караџиќ”, вели Мандиќ, кој истакна дека тој не позајмувал пари на осомничени компании.

Пред неколку години, обвинителството соопшти дека истрагата против 58-те лица, за пружање на финансиска поддршка на Караџиќ, е суспендирана, бидејќи немало докази за кривичните дела и бидејќи лицата кои биле под истрага, соработувале со МКТЈ.

Србија, од друга страна, нема поднесено ниту едно обвинение и не се знае дали некогаш водела истрага против некого, за помагање на Караџиќ.

Босанскиот адвокат, Асим Црналиќ, вели дека сега ќе биде тешко да се докаже кој му помагал на поранешниот политички лидер на босанските Срби, додека тој бил во бегство.

„Тоа е прилично тешка процедура, особено по толку многу време. Тој не можел да се крие толку години без нечија помош, но потребните напори за утврдување кој му помагал, не се направени“, додаде Црналиќ.

„Ниту денес не ја знаеме вистината за тоа каде бил и со кого”, додаде тој.