Анализи

Медиуми и избори: Стравови, заложби и по некоја мерка

Кaкви медиумски политики се предвидуваат во предизборните програми

Едни плашат гласачи со тоа дека ако дојдат другите ќе добијат заробени медиуми, други ветуваат нивна слобода, трети вадат стари идеи за десоросоизација, но повеќето од партиите се согласни дека на земјава ѝ требаат слободни медиуми, реформирана МРТВ и позадоволни медиумски работници.

Барем таков е впечатокот од изборните програми со кои го бараат гласот на граѓаните на претстојните парламентарни избори.

Четири од шесте најголеми партии и коалиции со реални шанси да добијат свои пратеници во новиот собраниски состав, одвоија место за медиумитe во своите изборни програми, а темата се најде во јавниот дискурс како дел и од предизборниот фолклор.

„Гласањето за ВМРО-ДПМНЕ ќе стави крај на независните медиуми“, предупреди од митингот во Неготино, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во обид да ги убеди своите приврзаници да гласаат за партијата што изминатите седум години ја водеше Македонија.

„Слободата на медиумите е наша заложба и наш аманет!“, напишаа во својата изборна програма.

Во јавните настапи често ги користат фразите „заробени медиуми“ или „заробена држава“, како потсетување дека пред тие да дојдат на власт, во времето на Никола Груевски, земјава го допре дното во слободата на медиумите.

И ВМРО-ДПМНЕ, во програмата не останаа покуси со заложби и цели за развој на медиумите и нивна слобода.

Дури и нивната кандидатка за претседател на државата, Гордана Сиљановска Давкова, во своето обраќање по првиот изборен круг, директно им се обрати на новинарите што беа во партиското седиште, во очекување на резултатите, потсетувајќи ги дека „тие се огледалото на демократското здравје на оваа држава“.

„Ние покажавме дека сме поприлично различни“, се дистанцираше потпретседателот на партијата, Александар Николовски, кој во интервјуто за поткастот „Политиканти“ уверуваше дека сегашното раководство на партијата е спремно да прифати критика во медиумите. Истовремено предупреди на болните точки во секторот.

„Доколку медиумите сакаат да бидат слободни, и сопствениците на медиумите треба да се  потрудат да бидат слободни“, дополни тој.

Расправата се одржа во клубот на пратеници

Јавна расправа за измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јули 2023 | Фото: БИРН

Ова се покажа како сериозен проблем, бидејќи до 2016 година, државата беше најголемиот огласувач преку владините реклами, а во „интерес“ на медиумите беше да бидат блиски до власта. Тоа значеше дека тие добиваа пари, без да имаат некаква потреба да вложуваат во квалитетот на програмата, во своите вработени или во кревање на достоинството на новинарската професија.

Државното рекламирање запре во 2017 година, со промена на власта и законски измени, кои СДСМ си ги припиша како своја заслуга. Седум години подоцна, партијата што ги укина, иницираше и изгласа законски измени со кои ги врати државните кампањи во приватните медиуми. Најголемиот притисок за ова дојде од нивните сопственици.

Во новата изборна програма, фокусот го ставија на работничките права, кои ќе ги подобруваат со рамковен колективен договор, здравствено осигурување за сите ангажирани новинари, независно од договорот, и породилно отсуство за сите бремени новинарки. И новинарите ќе ги стават во групата корисници за бесплатен јавен превоз во Скопје и воз низ земјата, а ќе воведуваат телефонска линија за итни случаи за нивна заштита.

Формирање медиумски омбудсман, фонд за истражувачко новинарство и посебна стипендија за најдобрите студенти по новинарство, во чест и сеќавање на Никола Младенов, се меѓу активностите со кои планираат да чекорат кон европската иднина.

На бранот за работнички права се приклучи и Левица, во чија програма се залагаат за подобро синдикално здружување, додека ВМРО-ДПМНЕ кусо споменуваат преземање мерки за економски одржливи медиуми, кои нема да влијаат лошо „врз медиумскиот плурализам и различност“, и ќе бидат гаранција за нивната слобода. Оваа партија ќе се залага и за поголема транспарентност на сопственоста на медиумите, а ќе иницира дебати за законски измени, за  подобрување на сите сегменти на секторот.

Медиумскиот сектор е во лоша кондиција, што се потврди и во последното истражување „Професионален статус и работнички права на новинарите и медиумските работници“ на ССНМ и Институтот РЕСИС. Тоа покажа дека најголеми проблеми на македонските новинари се ниските примања, стресот при работа и непочитувањето на основните работнички права.Македонските новинари, во анкетите постојано се изјаснуваат дека ваквиот статус поттикнува самоцензура.

Партиите по неколку параграфи посветија и за МРТВ.

СДСМ, „сјајот на продукцијата“ ќе го враќаат со повеќе буџетски пари, за кои не е посочено од каде ќе се издвојат. Најавуваат измени во фукционирањето на Програмскиот совет и Надзорниот одбор на националниот радиодифузер, откако потфрлија и со реформите во МРТВ и со изборот на ново раководство.

Изборот на нов Програмски совет на МРТ, уште од 2020 година е заглавен во Собранието поради блокада од опозицијата. Сегашното раководство, на чело со генералниот директор Марјан Цветковски, беше избрано во времето на поранешниот премиер Никола Груевски.

Зградата во која е сместен националниот радиодифузер. Дел од овие простории користат повеќе државни институции.

Зградата на МРТВ | Фото:БИРН

И ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за модернизација на МРТВ. Ќе ја поддржуваат сопствената продукција „за заштита и унапредување на македонскиот културен и национален идентитет“, а ќе разгледуваат и можности за стимулирање продукција на јазиците на помалите етнички заедници. Новина им се два програмски сервиси на радиото, еден со 24-часовна македонска програма и музика, и вториот, дигитален сервис за информирање на македонската дијаспора.

Левица, пак, имаат низа идеи за работата на националниот радиодифузер, од законски измени на нивното финансирање, па сè до враќање на просториите од зградата во целосна сопственост на МРТВ. Ќе забрануваат откуп на информативна програма од надворешни продукции, бидејќи сметаат дека политичкото информирање мора да ги помине филтрите на матичната куќа.

Ова е само почеток на бројните забрани во делот за медиумите, кои Левица во својата програма ги става во пакет со граѓанското општество и заложбите за „десоросоидизација на невладиниот сектор, како основа за активно граѓанство!“

Со ова практично ги оживуваат најавите на поранешниот премиер Груевски, кој пред да ги изгуби изборите и да избега во азил во Будимпешта, од малата бина пред Државната изборна комисија, го најави овој процес. Следеа интензивни финансиски проверки во дваесетина невладини организации, кои донесоа многу стрес кај нивните вработени, но не најдоа ништо незаконско.

Партијата најавува целосно нова политика во медиумите, со посебен фокус на контрола и забрана за влегување странски пари во секторот. Ќе забрануваат странци да имаат медиуми во земјава, но и владини реклами во комерцијални медиуми. Тие ќе мора бесплатно да емитуваат кампањи од јавен интерес.

Левица планира криминализација на „фактчекерството“ на социјалните медиуми и ќе стават забрани за ограничување на објавите кога содржат лажни вести или говор на омраза. Сметаат дека една објава може да биде повлечена само со судска одлука.

Во програмите на Движењето ЗНАМ и на здружената албанска опозиција „Вреди“, медиумите не се споменуваат. Од ДУИ, пак, само ветуваат дека слободата на изразување ќе биде заштитена како основна човечка вредност и демократска норма и се залагаат за професионализам во новинарството. Не нудат ниту една конкретна активност како да се дојде до тоа.