Анализи

Медиумски реформи: На десно, во круг и назад

Од забрана за буџетски пари во медиумите до нивно „цементирање“ во законите

Весниците добија гаранција дека и во иднина ќе примаат субвенции, откако вчера Собранието ги усвои измените на Законот за медиуми.

Со овој чин, власта предводена од социјалдемократите, практично сврте цел круг во своите политики за медиумско финансирање. Прво ги забрани буџетските пари во приватните медиуми, а по седум години, сега таа го гарантира токму спротивното.

Претходно, уште во 2018 година, изборите станаа нов и сериозен извор на буџетски пари за сите видови медиуми, додека пред две недели, приватните телевизии добија законско решение што предвидува годишно да делат повеќе од два милиони евра за емитување јавни кампањи.

Кај еснафските здруженија овој потег го разбуди негативниот сентимент врзан со владините реклами од ерата на Никола Груевски.

Откако забрани буџетски пари во приватните медиуми, по седум години, сега таа го гарантира токму спротивното, со законските измени што ги прави непосредно пред крајот на мандатот

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите целосно не ги отпишува ризиците од корупција, клиентелизам и инструментализација на овие системски решенија во медиумската сфера.

Позитивно е што детално е пропишано како ќе се делат парите за јавните кампањи. Тоа би требало, барем на хартија, значајно да ја намали можноста за злоупотреби, вели тој.

Меѓутоа, Георгиевски е скептичен. Тој е еден од оние што многу години ги следат и добро ги познаваат медиумската и политичката сцена. 

„Искуството нè учи дека законските норми лесно се заобиколуваат според начелото сложни попови и во петок мрсат.“

„Едноставно, премногу пати сме се изгореле од тоа млеко, сега ќе дуваме не само на маштеница, туку и на кравите што го даваат млекото.“

Поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ даде повеќе од 26 милиони евра за таканаречените владини реклами. Никола Груевски и неговите министри, со тие пари цела деценија ја купуваа наклонетоста на медиумите и ја финансираа црната политичка пропаганда.

Возобновување на зависноста од државниот денар

Зоран Заев ја предава претседателската функција во СДСМ на Димитар Ковачевски

Три влади, двајца премиери и нула медиумски политики | Фото: СДСМ

Владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, пак, заведени од имиџот на слободарска опција, целосно ги препуштија медиумските политики на партиските интереси и на етаблираните медиумски газди.

Во 2018 година, на иницијатива на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во името на повисоката цел за промена на уставното име, се прифати моделот државата да ги плаќа изборните реклами на партиите. Буџетот исплати вкупно 12 милиони евра на медиумите за последните три изборни циклуси, додека за претстојните двe кампањи предвиде нови 10 милиони.

Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски е загрижен дека може да има злоупотреби при партиското рекламирање на интернет.

Буџетските пари за изборни реклами беа првиот чин за возобновување на медиумската зависност од државниот денар.

За претстојниве избори, 249 онлајн-медиуми се пријавени кај Државната изборна комисија (ДИК) за партиски реклами платени од буџетот. 

„Пријавени се веб-сајтови со непознати сопственици или без јасно објавен импресум, како и новоосновани портали, кои би можеле да бидат специјално создадени за профитирање од кампањата.“

Впрочем, БИРН пишуваше дека портали водени од човек близок до ДУИ го собрале кајмакот од државноплатените изборни реклами на последните локални избори.

Буџетските пари за изборни реклами беа првиот чин за возобновување на медиумската зависност од државниот денар.

Следеше прифаќање на барањето на неколку од весниците што останаа да се воведат годишни субвенции за печатени медиуми. Од 2018 година до лани се исплатени 2,7 милиони евра за печатење и за дистрибуција на магазини, неделници и на дневни изданија.

„Постоечката програма за субвенции за печатот не дава никакви видливи резултати“, вели Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

И понатаму малку луѓе читаат весници. Преку печатот се информираат само меѓу два и шест проценти од граѓаните, покажува последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), која се осврнува на последните три години. И покрај тоа, вчера во Собранието поминаа промените на Законот за медиуми, со кои субвенциите станаа законска обврска, а не само добра волја на актуелната владејачка гарнитура.

Нови јавни кампањи, стари стравови

Канал 5, Сител, Алфа ТВ, Телма и Алсат М

Моќните телевизии избоскуваа буџетска поддршка | Монтажа: БИРН

Парите за весниците ги разбудија апетитите на моќните медиуми.

Националните телевизии, неколкупати тивко ги бојкотираа власта и нејзините претставници. На тој начин, пред две недели, избоксуваа законско решение што им гарантира државни пари.

Тие, од буџетот, годишно ќе делат нешто повеќе од два милиони евра за емитување на таканаречени кампањи од јавен интерес. Од предвидените пари, 40 отсто ќе можат да ги користат националните телевизии, 40 отсто кабелските и сателитски телевизии, 15 регионалните и локални телевизии, и 5 отсто радијата.

Националните телевизии, неколкупати тивко ја бојкотираа власта. На тој начин избоксуваа законско решение што им гарантира државни пари

„Овој модел не поттикнува квалитетни содржини и нова продукција на домашни содржини од јавен интерес, туку само промовира спотови што се договорени од страна на политичари, со што постои огромен ризик, јавниот интерес да биде заменет со партиски, и тоа со пари на граѓаните“, коментира Секуловски.

Наспроти директното вбризгување буџетски капитал во медиумите, не заживеа идејата за медиумски фонд. Тој требаше со јавни пари да финансира исклучиво новинарски проекти од јавен интерес. 

Заев, од позиција на премиер, вети оти лично ќе се заложи за фондот, наследникот Ковачевски поддржа дебата, меѓутоа идејата сè уште постои само во иницијативите на еснафските асоцијации, како ЗНМ.

Секуловски ги објаснува предностите на фондот.

„За разлика од владините кампањи преку кои се цели да се откупи медиумски простор во приватните медиуми, преку фондот медиумите се мотивираат да креираат квалитетна содржина од јавен интерес.“

Ни МРТ(ва), ни жива

Зградата на Македонската радиотелевизија

Јавниот сервис – потценет и потфинансиран | Фото: БИРН

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите смета дека сите расположливи јавни пари, сепак, треба да се насочат на друго место. 

„Кон МРТ, каде што продолжува повеќедецениската пракса на потценување и потфинансирање“, дециден е тој.

СДСМ, по доаѓањето на власт, ја укина радиодифузната такса и сега МРТ се финансира директно од буџетот, меѓутоа тоа не промени нешто суштински за куќата. Нема ништо од предизборното ветување на социјалдемократите, радиотелевизијата дополнително да се финансира со продажба на програмата што самата ќе ја продуцира. 

Напротив, МРТ сега купува програма од домашни продуцентски куќи.

Секуловски, од ЗНМ коментира дека јавниот сервис има нестабилен и недоволен буџет.

Во изминативе седум години имаше два неуспешни обида да се смени програмскиот совет на МРТ

„МРТ, во изминатите години бележи помали годишни буџети, во споредба со претходните години и помалку вработени, иако обврските се зголемени со воведувањето на новите канали.“

Двата најважни услови за функционирањето на јавните радиодифузни сервиси се финансиска независност и самостојност во одлучувањето.

„Овие две начела во моментов не се запазени во целост, земајќи го предвид погоре кажаното (н.з. недоволниот буџет) и фактот што на членовите на програмскиот совет повеќе години им се истечени мандатите“, вели Секуловски.

Во изминативе седум години имаше два неуспешни обида да се смени програмскиот совет на МРТ.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, во 2019 и во 2021 ги блокираа обидите за промени и овозможија куќата да ја води истото раководство, кое беше одговорно за асоцирањето на МРТ со пропагандната машинерија на Груевски.

Блокадата во парламентот го продолжи мандатот и на составот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (АВМУ).  Актуелниот состав на Советот на АВМУ, Парламентот го изгласа во 2014 година, со мандат од пет години.

Советот е исклучително важна институција за спроведување медиумски политики.

Статус кво наместо неопходните промени 

Покрај пренасочување на државните пари во јавниот сервис, Георгиевски од Центарот за развој на медиуми смета дека медиумската политика треба да претрпи промени.

„Квалитетот на медиумската понуда, вклучително и информативната компонента, а особено во сегментот на аудиовизуелни медиумски услуги, ќе се подобри само со консолидација на пазарот, при што би останале навистина мал број играчи, но кои ќе имаат подобри можности и капацитет за инвестирање во поквалитетни содржини.“

Наспроти потребните промени, имаме ситуација во која се цементира актуелната распределба на силите во медиумскиот сектор, која им оди во прилог само на газдите на големите медиуми и на партиите.

„Се согласувам дека, кога ќе се подвлече црта, се работи токму за одржување на статус кво ситуацијата на медиумскиот пазар со јавни пари“, вели Георгиевски.