Анализи

Владини „реклами“ повторно во игра

Формирана работна група за промени во медиумските закони

Формирана е работна група за медиумските закони, ова е кусиот одговор што го добивме минатата недела од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) на прашањата на БИРН за тоа што содржат и во која фаза се промените на Законот за АВМУ, за кои во последно време често и многу се шпекулира.

Од Министерството не открија повеќе детали за работата и за мандатот на групата и без дополнителни објаснувања додадоа дека „во тек се разговори“.

Информацијава доаѓа во период откако протестираа локалните и регионални телевизии и радија. Со денови, овие медиуми во прајм-тајм ја прекинуваа програмата на пет минути за да ѝ го свртат вниманието на владата, од која очекуваат помош за решавање на финансиските проблеми.

Ова е беше уште еден во низата обиди на приватните електронски медиуми да избоксуваат враќање на државните пари во медиумите, дополнителни извори на финансирање и помали давачки. Она што јавно го бараат локалните и регионалните, не толку гласно, но сосема извесно е дека го бараат и големите национални телевизии.

 „Општествен консензус“ како критериум

Протестот на локалните електронски медиуми

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, во разговор со БИРН, рече дека владата би разговарала за помош, и тоа не само на локалните радија и телевизии. Во таа насока е и обврската  на  владата да компензира половина од давачките за авторски музички права што електронските медиуми му ги плаќаат на ЗАМП.

„Тоа се отприлика осум милиони денари (н.з. 130.000 евра) годишно“, вели тој.

Меѓутоа од разговорот со Битиќи е извесно дека за поголеми буџетски интервенции може да стане збор само во случај на постигнат „општествен“ консензус – дали, колку и како да им се излезе во пресрет на овие медиуми.

Под општествен консензус, тој, како што ни рече, не подразбира „само зелено светло од опозицијата“, туку и „амин“ од новинарската заедница.

Од она што може да се чуе низ новинарските кулоари, а некои медиуми тоа веќе и го објавија, во игра е годишен буџет за владини реклами вреден приближно четири и пол милиони евра, односно 0,1 процент од државниот буџет

Тоа сега изгледа тешко веројатно зашто новинарските организации ЗНМ и ССНМ повеќепати јасно кажале дека се против директно државно финансирање на медиумите поради лошото искуство во деценијата зад нас, кога власта ја купуваше наклонетоста на медиумите преку владините кампањи.

Здруженијата, пред еден месец, со писмо до премиерот и до претседателот реагираа против најавите за укинување на забраната за рекламирање.

Во недостиг од официјални информации се множат шпекулациите.

Од она што може да се чуе низ новинарските кулоари, а некои медиуми тоа веќе и го објавија, во игра е годишен буџет за владини реклами вреден приближно четири и пол милиони евра, односно еден 0,1 процент од државниот буџет.

Според тие наводи, најголемиот дел од овој буџет, меѓу 75 и 80 проценти би оделе кај петте најголеми национални телевизии, а остатокот би го делеле регионалните и локалните радиодифузери.

Националните телевизии, својот колач, пак, би го делеле така што секоја телевизија би добила по 300.000 евра, а остатокот (од некои два милиони евра) според рејтингот.

Прашан за овие наводи, Битиќи ниту ги потврди, ниту ги демантира. „Шпекулациите се врлина на нашето општество“, кажа тој.

И неофицијалните информации од парламентарните партии упатуваат на тоа дека нешто се „крчка“ во таа насока.

Каква била промена на медиумските закони, сепак, ќе мора да помине низ Собранието, кое во моментов е под активна блокада на опозицијата. Сепак, првичните реакции на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ не се во старт негативни.

„Ако предлогот е добар и во интерес на граѓаните, би го гласале, но за да се изјасниме, мора да го видиме“, изјави за БИРН, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Владата распната меѓу барањата на медиумите и реакциите

Владините кампањи од времето на ВМРО-ДПМНЕ | Монтажа: БИРН

Политичките превирања во 2015 година, крунисани со договорите од Пржино, ја прекинаа праксата на владино рекламирање. Откако СДСМ ја освои власта, во законот стави директна забрана за државно рекламирање, тоа е оној веќе фамозен член 102 од Законот за АВМУ.

Оттогаш државата и општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.

Забраната за државно рекламирање несомнено им предизвикала финансиски проблеми на приватните телевизии и радија. Некои најдоа начин да ја заобиколат рестрикцијата, а дел од нив „крпеа“ од парите што ги заработуваа од изборните кампањи.

Впрочем и власта на Никола Груевски ги поткупуваше медиумите под превезот на јавниот интерес, како што беа кампањите за здрава храна, да не фрламе ѓубре, за поттикнување наталитет  и слично

Обидите за враќање на државните пари во електронските медиуми се стари речиси колку што е стара и забраната, но тие, сè досега, биле сопирани од реакциите  на новинарските организации.

Последниот обид што беше најавен, но не се реализираше, предвидуваше промена на Законот за АВМУ, со кој забраната за владини реклами би се „премостила“ со воведување на таканаречени кампањи од јавен интерес, кои би се реализирале според „фиксен клуч за правична дистрибуција на парите во медиумите“.

„Јас, на пример, не би можел мирно да спијам ако државата не е подготвена да го анимира, информира своето население при евентуални катастрофи, земјотреси, пожари, поплави или слично. Ние немаме начин како. Секаде во светот постојат тие алатки“, вака експремиерот Зоран Заев аргументираше во корист на ова решение што тогаш на крајот, сепак, не помина.

Поимот јавен интерес е прилично растеглив и под него може да бидат подведувани различни теми.

Впрочем и власта на Никола Груевски ги поткупуваше медиумите под превезот на јавниот интерес, како што беа кампањите за здрава храна, да не фрламе ѓубре, за поттикнување наталитет  и слично. БИРН веќе објави дека владата во периодот од 2010 до 2017 година им дала повеќе од 26 милиони евра на националните телевизии.

Постојан тивок притисок

Неколку години, петте национални телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат-М и Алфа, обединети во здружението Македонска медиумска асоцијација (ММА), ја притискаат власта околу 102-ката.

На почетокот од 2020, непосредно пред закажаните парламентарни избори, и сега во април се појавија написи по порталите дека националните телевизии неколку дена ја бојкотирале владата. Порталите, повикувајќи се на информации од новинарите што работат во телевизиите, објавија дека наводно не се пренесувале изјави од министрите и директорите на јавните претпријатија и тие не се канеле на дебатни емисии.

Првиот човек на телевизиското здружение и директор на Канал 5, Иван С. Мирчевски, пред неколку недели, кога повторно излегоа информациите за тивок бојкот, во разговор со БИРН нервозно, дрско и со закана за тужба демантираше дека ја бојкотираат власта.

Од друга страна, пак, извори во Владата информираа дека претставници на ММА во изминатиов период биле на состаноци на Илинденска бр. 2. Тоа го потврди и вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој во разговор за БИРН тогаш објасни дека она што на сите нас ни личело на бојкот, телевизиите го нарекувале „уредувачка политика“.

Се чини дека субвенциите за весниците ја отворија Пандорината кутија и електронските медиуми почувствуваа дека има расположение во власта за слична државна поддршка.

СДСМ дојде на власт со јасен став за нула државни денари во медиумите.

Меѓутоа, во 2018 година, со поддршка на новинарските здруженија ја имплементираше програмата за годишно субвенционирање на весниците со објаснување дека тоа е светска пракса за преживување на весниците како медиум.

Оттогаш Владата подели околу 2,4 милиони евра на десетина дневни весници и магазини.

Овој потег се чини ја отвори Пандорината кутија и електронските медиуми почувствуваа дека има расположение во власта за слична државна поддршка.

Таа, пак, во целиов период срамежливо покажува дека е распната меѓу барањата на телевизиите и негативниот одиум во јавноста што би следел по евентуалната одлука да им се дадат државни пари на електронските медиуми.

Оттаму и критериумот за „општ консензус“ за кој зборува Битиќи во одговорот на БИРН.