Актуелно

Владини кампањи на чекор назад до медиумите

Владата активно работи на олабавување на забраната за рекламирање што самата ја воведе

Олабавување на строгата законска забрана за државно рекламирање на приватните радија и телевизии било тема на разговор на владината седница минатата недела, дознава БИРН.

Владата ја потврди информацијата.

„Се дискутираше, конечни одлуки не беа донесени. Точката беше одложена за некоја од следните седници“, изјавија од Илинденска бр. 2 за БИРН.

Токму владата предводена од СДСМ ја прекина праксата на владино рекламирање, со која во минатото се купуваше наклонетоста на големите електронски медиуми.

Во таа насока, владиното мнозинство во парламентот го смени Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Од јануари 2019 година, државните институции и општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.

Владата сега нѐ информираше дека со промените ќе се дефинираат можности за исклучоци од оваа забрана за владините кампањи од јавен интерес, од што може да се заклучи дека не би требало целосно да се тргне рестрикцијата поместена во член 102 од Законот за ААВМУ.

Еснафот е против

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), новинарскиот синдикат ССНМ и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите, вчера експресно реагираа со заедничко соопштение насловено: Не ни треба реприза со платените јавни кампањи во медиумите.

„Ние бевме и сме против овие законски измени и апсолутно не сметаме дека тие треба да се стават во кошница со други медиумски реформи.“

БИРН немаше увид во законските измени, поточно во измените на конкретниот член 102, бидејќи владата засега не ги споделува со медиумите и не ги објавила на веб-страницата ЕНЕР, каде што обично се публикуваат ваквите иницијативи.

Сепак, од владиниот писмен одговор до БИРН, кој вчера се појави и како брифинг за друг медиум, се открива дека по најновите законски промени, владата ќе може да спроведе едукативна и информативна кампања преку радиодифузерите (радијата и телевизиите).

„Истовремено се воведува фиксен клуч за правична дистрибуција на средствата за закуп на медиумско време кај сите радиодифузери, преку строго утврдени критериуми кај кои не постои можност за интервенција на човечки фактор“, се вели во владиниот допис до БИРН.

Овие промени ќе бидат дел од пакет предлози, за кои ќе се дискутира на некоја од следните министерски седници, а владина проценка е дека тие ќе влезат во собраниска процедура до крајот на овој месец.

Во пакетот влегува и таканаречениот медиумски фонд.

За некого не важела рестрикцијата

Локалните телевизии и радија конкретно бараа целосно да се отстрани рестриктивниот член 102, бидејќи во последниве две години останаа покуси за парите што ги добиваа од општините.

„Со воведувањето на членот 102, локалните и регионалните медиуми се најдоа во исклучително тешка финансиска и материјална ситуација и добар дел од нив се наоѓаат пред гаснење“, реагираше во декември Иницијативниот одбор на локалните и регионалните електронски медиуми со седиште во Битола.

Сепак, истражувањето на БИРН покажа дека дел од општините и досега не ја почитувале законската рестрикција и потпишувале договори со радиодифузери. Други правеле најразлични „вратоломии“ за да пуштат пари во медиумите, а, сепак, да не го прекршат законот.

БИРН побара од 28 општини, по неколку од сите географски региони на државава, да ни достават договори што ги склучиле со медиумите за периодот од 2019 до 2021 година.

Првиот наод што веднаш паѓа в очи е дека општините Гостивар, Желино и Јегуновце по критичниот јануари 2019 потпишале договори со приватни телевизии или радија, иако не смееле.

Општина Гостивар, во септември 2019 и во септември 2020 потпишала едногодишни договори со три радиодифузери, со локалните телевизии ТВ Дуе и Глоби и со гостиварското радио Про-ФМ.

Договорите на Општина Гостивар со овие три електронски медиуми се идентични. Медиумите се обврзале да снимаат и да емитуваат седници (веројатно оние на општинскиот совет), специјални емисии, видеоспотови и се обврзале на медиумско презентирање за потребите на општината. Со договорите, општината закупила рекламен простор во овие медиуми и се осигурува дека ќе ѝ се објавуваат соопштенијата.

Платени интервјуа со градоначалникот

„Предмет на овој договор е 1-2 гостувања на градоначалникот месечно во емисијата ‘Што мисли народот…?’“. Ова е дел од обврските што телевизија Стар од Штип ги презела со договор потпишан со Општина Пробиштип, во јануари 2019 година, непосредно пред да стапи во сила законската забрана.

Општината одвоила вкупно околу 16.000 евра (без ДДВ) годишно за овие медиуми.

Локалната самоуправа на Јегуновце, лани во април потпишала едногодишен договор со телевизијата Кисс и Менада од Тетово. Таканаречениот договор за деловна соработка вклучува емитување емисии, во кои ќе се запознаат жителите со новите проекти, планови и со инвестициите во општината. За овие услуги, општината се обврзала да ѝ плаќа на телевизијата по 10.000 денари (без ДДВ) месечно или околу 2.000 евра за целата година.

Слично постапила и Општина Желино. Таа, лани во декември склучила договор со регионалната телевизија со седиште во Тетово, ТВ Коха.

Телевизијата со договорот презела обврска во период од една година да „дистрибуира вести и соопштенија во врска со активностите на општината“. За оваа услуга, таа на општината ќе ѝ наплати 2.400 евра (без ДДВ) за целата година.

БИРН веќе пишуваше дека Општина Гевгелија во 2019 година потпишувала месечни договори во вредност од 1.000 евра (без ДДВ) со локалната телевизија. Тогаш од општината за БИРН објаснија дека општината склучувала договори со телевизијата, не со цел да се рекламира, туку да ја информира јавноста за работата и за одлуките на општинскиот совет.

Вратоломии

Општина Струмица нема потпишано вакви годишни договори со електронски медиуми, меѓутоа оваа локална самоуправа, спроти Нова година, се договорила со струмичката ТВ Канал Вис и со радовишката ТВ Кобра за 15.000 денари (без ДДВ), двете телевизии да ја пренесат новогодишната видеочеститка на градоначалникот Коста Јаневски.

Интересно е дека договорот за емитување на честитката на ТВ Кобра не е потпишан со правното лице што стои зад телевизијата, туку со друга фирма на сопственикот на телевизијата.

Документите и од други општини укажуваат дека се правеле слични обиди да се заобиколи законската рестрикција за државни пари во приватни радија и телевизии.

Во 2019 година, кога стапува во сила забраната, двете соседни општини Штип и Карбинци потпишале договор со компанијата „Амика груп медиа“, за која радиото од Штип – Канал 77 објави дека е поврзана со сопствениците на регионалната телевизија од овој град, ТВ Стар.

„Фирмата е во сопственост на вработена во ТВ Стар, а и седиштето е во зградата каде што е сместена телевизијата.“

„Низ примерот на овој договор се гледа еден од начините што ги прават медиумите, сѐ со цел да се заобиколи забраната од член 102 само да се дојде до општинските пари“, пишува во истражувањето на Канал 77.

Индикативен, а по малку и комичен е договорот што оваа компанија го потпишала со општините Штип и Карбинци.

Медиумски фонд

Медиумскиот фонд, според владата, би го поттикнал истражувачкото новинарство.

„Сумата на годишно ниво би се движела помеѓу 1,5 и 2,5 милиони евра, средства кои нема да бидат на товар на граѓаните.“

Парите би се користеле за поддршка на независни истражувачки новинарски проекти, за обуки и подигање на професионалните стандарди, како и за поддршка на домашната продукција од јавен интерес.

„Управувањето на овие средства би било со вклученост на самата фела, која и самата се заложи за формирање ваков фонд“, велат од Владата.

Во овие договори, обично во првите членови се објаснува кои се обврските на двете страни по потпишувањето. Меѓутоа, во договорите на „Амика груп медиа“ од 2019, со Штип и со Карбинци, во првиот член точно пишува што не е предмет на договорот, а никаде јасно не стои кои се обврските на фирмата кон општината.

„Предмет на овој договор се услуги што не претставуваат аудио и аудиовизуелни услуги“, пишува во договорот.

Вредноста на овој чуден договор со Општина Карбинци изнесува околу 2.300 евра денари на годишно ниво, додека со Општина Штип 7.600 евра за период од 12 месеци. Локалната самоуправа во Штип и во следните две години, 2020 и 2021 потпишувала договор со истата фирма.

Неколку општини ни дадоа договори со интернет-портали, кои законот не ги забранува, иако и тие горе-долу се потпишуваат со истата цел, презентирање на работата на општинските власти.

„Снимање и емитување информативни содржини, објавување соопштенија, известување, огласи, информативни интервјуа со градоначалникот и други службени лица, емитување кампањски и други активности, како и снимање и емитување инсерти од седниците на општината“, вака гласи договорот потпишан меѓу Општина Радовиш и порталот mediapress.mk во февруари годинава.

Во сите овие случаи не се во игра големи пари, какви што беа во времето на експремиерот Никола Груевски на државно ниво, меѓутоа ефектот од клиентелизмот може да биде ист.