Истражувањa

Медиумскиот клиентелизам тешко умира на локално ниво

Симбиозата меѓу општинските власти и газдите на медиуми е отпорна и на јасната законска забрана за рекламирање

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дел од општините не се откажуваат од платената медиумска промоција, и покрај законските промени со кои требаше да ѝ се стави крај на лошата пракса што создава медиуми зависни од политичарите на власт.

Искуството низ годиниве покажа дека зависните медиуми повеќе им служат на властите за ширење пропаганда, отколку што ги информираат граѓаните.

Затоа власта предводена од СДСМ ја прекина праксата на владино рекламирање, со која во минатото се купуваше наклонетоста на големите електронски медиуми, а го смени и Законот за медиуми за да ја постигне истата цел и на локално ниво.

Тоа значи дека од јануари, општините не смеат да трошат пари за информирање и за запознавање на јавноста со своите услуги и активности преку приватните радиодифузери, односно преку телевизиите и радијата.

Истражувањето на БИРН покажува дека симбиозата меѓу општинските власти и газдите на медиуми е отпорна и на јасната законска забрана

Истражувањето на БИРН покажува дека симбиозата меѓу општинските власти и газдите на медиуми е отпорна и на вака јасната законска забрана, односно градоначалниците и понатаму склучуваат договори за промоција на својата работа во локалните и во регионалните медиуми.

Иронија е тоа што општините што ја продолжуваат спорната соработка со медиумите ги водат градоначалници токму од редовите на владејачката СДСМ, партијата што ги воведе законските забрани и која во изминатава деценија жестоко се бореше против медиумскиот клиентелизам под патронот на ВМРО-ДПМНЕ.

Не се во игра големи пари, какви што беа во времето на експремиерот Никола Груевски на државно ниво, меѓутоа ефектот од клиентелизмот може да биде ист.

Не смее на телевизии, ама може на нивните портали

„Сопствениците на порталите вршат притисок“, вели охридскиот градоначалник

Сега забрането е рекламирање само на телевизиите и на радијата, па затоа Општина Охрид ја продолжила соработката со порталите и склучила дури 11 договори со различни сајтови. Оваа законска „дупка“ ѝ овозможила на општината да ја продолжи соработката и со две помали телевизии и едно радио, со тоа што официјално се договорила со нивните портали.

Порталите се обврзале да ги следат активностите и настаните на општината и да ги пласираат како информации, соопштенија и интервјуа.

Искуството од минатото нѐ научило дека властите се тие што одат со парите кај медиумите и ја купуваат нивната наклоност, но во Охрид, барем според зборовите на градоначалникот Константин Георгиески, се случува спротивното.

Тој се жали дека станува збор за пракса што ја наследил.

„Сопствениците на порталите вршат притисок, нѐ условуваат со вакви договори за да нѐ објавуваат. Не доаѓаат на пресови и не ги проследуваат вестите. Така се научени. Јас би бил најсреќен да немам договори со медиумите.“

„Не ја гледам логиката општината да плаќа за нивната работа којашто им е основна дејност, посебно во време кога кратиме за образование и за спорт“, изјави за БИРН, градоначалникот Георгиески.

Сопствениците на порталите изгледа го постигнале ефектот со притисокот и по паузата во мај и во јуни, кога немало договори, пред еден месец општината распишала нов повик. 

Овојпат направила правилник со кој ќе се склучуваат договори само со најпосетените онлајн-медиуми.

„Се обидувам да се што помалку портали“, вели Георгиевски и додава дека драстично ги намалил сумите во однос на претходните години.

Вредноста на договорите што се однесуваат за првите три месеци од годинава, зависи од порталот и варира од 10.000 до 25.000 денари или вкупно за сите околу 3.000 евра месечно.

Општина побрза од Службен весник

Општина Куманово годинава склучила договор со три радиодифузери, со тоа што успеала да се договори со медиумите пред Службен весник да ги објави законските промени и забраната да стапи во сила. Ако законот бил променет на 29 декември 2018, а почнувал да важи од 8 јануари следната година, градоначалникот Максим Димитриевски веќе на 3 јануари 2019 потпишал договори со две телевизии и со едно радио.

Од кабинетот на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за БИРН тврдат дека не знаеле за законските промени. Кога дознале веднаш почнале постапка за да ги раскинат договорите.

Општина Куманово годинава склучила договор со три радиодифузери, со тоа што успеала да се договори со медиумите пред Службен весник да ги објави законските забрани 

Во меѓувреме, медиумите ја информирале општината дека, сепак, законот уште еднаш е сменет и оти веќе потпишаните договори не треба да се прекинуваат. 

„Врз основа на оваа измена, договорите останаа во сила, во спротивно со нивно раскинување ќе произведевме штетни последици по општината“, се вели во дописот од Општина Куманово.

Телевизиите и радијата презеле обврска да ги покриваат најавите и настаните поврзани со работата на општината и да вршат директен пренос и реприза на активностите на општината и советот. Покрај со радиодифузерите, општината потпишала договор и со три портали, од кои едниот е сестрински медиум на радио.

Сите договори на годишно ниво тежат повеќе од 13.000 евра.

Различно применување на законот

Законската забрана

Општините Струмица и Гевгелија, пак, едноставно ја продолжиле минатогодишната соработка со локалните телевизии, кои ги пренесуваат седниците на советот, иако законот јасно го забранува тоа.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски го прекинал договорот кога сфатил дека соработката е незаконска.

„Се надеваме дека законот ќе се измени, бидејќи е во колизија со други закони што предвидуваат информирање на јавноста“, вака општината ја информирала телевизијата откако го раскинала договорот.

Првиот човек на Гевгелија, Сашо Поцков, за разлика од својот струмички колега, не го поништил договорот зашто поинаку го толкува законот.

„Треба да се обрне внимание на насловот на именуваниот член, кој гласи ’Забрана за рекламирање’. Од насловот произлегува целта на законодавецот – да забрани општините да финансираат рекламирање на своето работење, пракса која до пред неколку години беше вообичаена во нашата земја. Но, Општина Гевгелија склучува договори со телевизијата, не со цел рекламирање, туку со цел информирање на јавноста за работата и одлуките на Советот, што пак е законска обврска“, стои во дописот од Општина Гевгелија.

До март годинава, градоначалникот Сашо Поцков потпишувал месечни договори тешки преку 1.000 евра без ДДВ, што значи дека општината би потрошила околу 14.000 евра доколку ја продолжи соработката со медиумите до крајот на годинава.

Манчевски признава дека забраната е рестриктивна

„Има проблем во некои ситуации“, Манчевски | Фото: Фликр на Влада на РСМ

На линија на аргументите на градоначалниците на Струмица и на Охрид е и Министерството за информатичко општество и администрација. Токму ова министерство предложи со закон да им се забрани на општините и на државните институции да потпишуваат договори со телевизии и со радија.

Сега, пак, првиот човек на оваа институција, Дамјан Манчевски смета дека забраната, сепак, е рестриктивна.

„Напишавме дека ништо не може и крај! Гледам дека е проблем во некои ситуации“, признава министерот.

Тој дава пример со општините.

„Постојат сервисни информации кои општините треба да им ги соопштат на граѓаните, а кои не се доволно атрактивни за медиумите за да им посветат внимание во информативната програма, особено медиумите што емитуваат на национално ниво.“ 

„Втор пример. Јавното претпријатие за стопанисување со станбен простор се занимава со продажба на станови. Сега ние сме им забраниле што било да рекламираат. Како ќе продаваат станови?“

Манчевски вели дека ова се исклучоци кои во законот не ги предвиделе. 

„Треба да размислиме како тоа да го дозволиме, ама да не отвориме вентил масовно да се склучуваат договори.“

Покрај Охрид, Куманово, Гевгелија и Струмица за потребите на ова истражување побаравме информации и од Велес, Прилеп, Гостивар, Штип, Тетово, Свети Николе и од Кавадарци.

Од Штип и од Тетово не добивме одговор дали имаат договори со медиуми склучени оваа година, додека останатите одговорија дека не ангажирале медиуми за своја промоција.