Вести

Собранието ги врати државните реклами во приватните медиуми

Членот 102 се брише. Овие четири збора тежат неколку милиони евра

Со поддршка на 78 пратеници, вчера доцна попладнето во Собранието се изгласаа измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Меѓу позначајните законски измени е тоа што го укинаа мораториумот за државно рекламирање на приватните телевизии, пракса што власта предводена од СДСМ ја прекина во 2017, а со закон ја забрани во 2018 година.

„Членот 102 се брише,“ стои во измените прифатени вчера, со што за централната и за општинските власти повеќе нема правна пречка за реклами во приватните радиодифузери.

Определен е и износот, „0,1 отсто од државниот буџет од даночните приходи утврдени во последната донесена завршна сметка на Буџетот“.

Бројките од завршната сметка на буџетот за 2022 година покажуваат дека за ланската година тоа би биле 2,3 милиони евра. Годинава, ако се поголеми даночните приходи, тоа се уште повеќе пари.

Владата, во една календарска година спроведува најмалку една државна кампања.

Постапката е следна. Министерството за информатичко општество и администрација ќе им побара на партиите од власта и од опозицијата да предложат претставници во комисија, која ќе одлучува за кампањите од државен интерес.

Кога комисијата ќе биде формирана, членовите ќе можат да предлагаат теми за изработка на кампањи.

Од предвидените средства, 40 отсто ќе можат да ги користат националните телевизии, 40 отсто кабелските и сателитски телевизии, 15 отсто регионалните и локални телевизии, и 5 отсто радијата.

Претходно, овој сооднос беше повисок во корист на петте национални телевизии, кои требаше да добијат 65 отсто од парите. Но, со амандман, тој износ е ревидиран и намален.

Како натаму меѓу телевизиите и радијата ќе се делат парите, ќе определува Министерството за информатичко општество и администрација, а критериумите се висината на платените даноци, придонесите и други јавни давачки за претходната календарска година, како и бројот на вработени.

Обврска за емитување кампањи ќе имаат и државата, и општините.

Тие ќе можат во текот на една календарска година да спроведат најмногу четири државни кампањи на локално ниво. За тоа ќе одлучува комисија составена од членови на општинските совети.

Во Законот пишува дека парите за кампањите на локално ниво треба да бидат обезбедени од буџетот на општината. И таму начинот за распределба на парите е идентичен, како и за државните реклами. Износот е 0,5 отсто од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка.

За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, милиони евра се истураа во медиумите, кои важеа за блиски до тогашната владејачка партија. На тој начин ја „купуваа“ уредувачката политика и наклонетоста кон владејчката елита.

Пред неколку дена, Здружението на новинарите, Синдикатот на новинарите, како и другите сродни медиумски организации објавија соопштение, во кое, остро се спротиставуваат на укинувањето на забраната за државни реклами.

Тоа, како што напишаа, ќе значи партиско влијание и зависност на медиумите и нарушување на медиумскиот пазар.

„Крајно време е да се формира фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање, кое служи како алатка за политичко влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности, како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници“.

На иста линија со еснафските организации е и Агенцијата за медиуми.

Меѓу другите измени, во законот пишува и дека Советот на Агенцијата за медиуми задолжително ја продолжува дозволата за емитување, освен ако радиодифузерот најмалку трипати во текот на времетраењето на дозволата не ги почитувал забраните што се определени со закон, за што има правосилни судски пресуди, или ако во еден изборен циклус не известувал правично, избалансирано и непристрасно.

Законот со европско знаменце беше поднесен лани во ноември.

Првиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е донесен во 2013 година и оттогаш е изменет уште 12 пати.