Регион

Сведок од Косово изјави дека српските сили убиле членови на неговото семејство

Вишиот суд во Белград. Фото: БИРН

Сведокот, Али Никци, пред Врховниот суд во Белград, денес изјави дека неговиот брат и неговата снаа, биле убиени во нападот на селата Ќушка, Павлан и Захаќ, на 14 мај 1999 година, за време на војната во Косово.

„Луѓето од Павлан на 14 мај ни рекоа, дека (српски борци) влегле (во селото); слушнавме истрели“, изјави Никци пред судот.

Тој додаде дека српските сили ги опколиле селаните и ги однеле на локација во близина на гробиштата во селото Захаќ, каде што им ги одзеле парите и скапоценостите.

Потоа им наредиле на мештаните, кој има трактор или друго возило да ги донесе, бидејќи „одат на пат“. Српските сили носеа воени и полициски униформи, рече сведокот.

Никци истакна дека српските сили прво ги принудиле локалните жители да тргнат кон Пеќ, но по некое време им наредиле да се вратат во Ќушка. Тогаш Албанците тргнале кон Рожаје, но српската полиција, која ја сретнале по патот кон овој североисточен црногорски град, ги вратила назад.

Сведокот изјави дека таа ноќ тој ја поминал во неговото село и дека следниот ден дознал оти неговиот брат и неговата снаа се убиени.

„Тие беа убиени во нивниот дом и запалени таму“, истакна Никци.

Според обвинителството, на 14 мај, српските сили влегле во Ќушак и во соседните села, Павлан и Захаќ, и убиле вкупно 138 Албанци.

Српското обвинителство подигна обвиненија против 11 поранешни припадници на 177 интервенциски одред на Војската на Југославија, ВЈ, за воени злосторства во косовските села Ќушка, Пављан, Захаќ и Љубениќ, извршени во пролетта 1999 година.

Обвинетите првично, во февруари 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, но, Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење.

Овој процес се смета за еден од најголемите, поврзани со воените злосторства на Косово, што досега се одвивал пред српските судови.

Судењето го следат одложувања, а сведоците одбиваат да дојдат во Белград и да сведочат.

Во август 2014 година, српското обвинителство за воени злосторства, започна истрага против Драган Живановиќ, поранешен командант на 125 бригада на ВЈ, бидејќи, наводно, не сторил ништо за да ги спречи убиствата на Албанците и уништувањето на куќите и имотот во четирите косовски села. Сепак, истрагата против него беше прекината.

Злосторствата во гореспоменатите четири косовски села, се обелоденети во документарниот филм на БИРН, „Неидентификувани“, во кој се открива командната структура на полициските и воените единици вклучени во насилствата.