„Добијте го животот од вашите сништа“, „месечни заработки од 1.000 до 6.000 евра“, „нема да можете да заспиете поради возбуда од вашиот нов живот“. Овие и многу други силни ветувања за целосна промена и за „враќање на животот во своја сопственост“, може да се најдат на еден веб-сајт, покрај фотографии од човек како стои на јахта во розова кошула или како шета низ модерен деловен центар во костум и зборува на телефон.
Човекот на овие и на другите фотографии со кои се илустрира успех во животот и во кариерата е Мирко Чешелкоски, а сајтот е на неговата академија за онлајн-маркетинг „Мистер њу лајф“ (Господин нов живот), која почнала да работи од мај годинава.
Чешелкоски, кој има 26 години искуство во онлајн-маркетингот и во заработување преку интернет, за суми од 599 до 999 евра нуди курсеви со кои ќе им ги открие тајните на својот успех на другите и ќе ги научи како да го подобрат својот живот. Но, освен мотивациските пораки, сумите и формуларите за контакт и за плаќање, на сајтот на Мистер њу лајф, како и на други сајтови на кои овој бизнисмен ги рекламира своите бизниси, се наоѓаат и едни невообичаени рекламни содржини.
Тоа се извадоци од весници со наслови „Машината за лажни вести“, „Во македонскиот комплекс на лажните вести“, „Пари, лаги и манипулации – темните сили зад лажните вести“, објавени од Си-ен-ен, Ваерд, Сингапур тудеј и други медиуми од целиот свет. На сајтот тој прикачува и видеа во кои е нарекуван „стратег на лажните вести“, „кликбејт тренер“, и дава интервјуа покажувајќи ја својата визит-картичка со натпис „Човекот што му помогна на Доналд Трамп да победи на изборите во САД“.
Токму во периодот по американските претседателски избори во 2016 година, на кои Трамп ја победи противкандидатката Хилари Клинтон, Чешелкоски ги имаше своите пет минути светска слава. Големи заслуги за таа победа ѝ се припишуваа на велешката фабрика за лажни вести, чиј инспиратор, барем индиректно, бил тој.
Во следните две-три години, откако влијанието на дезинформациите врз изборите и врз демократските процеси стана голема тема, а социјалните мрежи беа присилени да преземаат разни мерки за отстранување на невистинитите содржини од своите платформи, голем број меѓународни медиуми чукнаа на вратата на Чешелкоски да побараат интервју.
Бизнис-шемата со лажните вести заврши откако онлајн-платформите воведоа построги контроли, проверка на факти и ги ограничија можностите за рекламирање на сајтови со непроверени содржини. Тогаш за Чешелкоски дојде „новиот живот“.
Негативен публицитет како бизнис-портфолио
На сајтот на „Мистер њу лајф“ нема да најдете што точно би требало да работите за да ги заработите парите со кои нема да можете да заспиете од возбуда, ќе станете „неодоливи за спротивниот пол“ и ќе имате „зголемен углед, почит и восхит од вашата околина“. Нема опис за тоа со каков бизнис би се занимавале, во која област, со какви производи или услуги.
За да ги најдеме одговорите на тие прашања, се упативме во една нова зграда во скопската населба Црниче. Тазе отворена, дел од становите сѐ уште не се вселени. Тука, на третиот кат, Чешелкоски нѐ пречека во голема светла просторија со нов мебел, опкружена со тераса, со поглед на Водно.
Тоа е седиштето на неговата фирма Максимум маркетинг, која е формален сопственик на академијата Мистер њу лајф. Тука тој ги држи предавањата. Има конференциска маса, флип-чартови, фломастери, голем смарт-телевизор на ѕидот… Вообичаена просторија за обуки.
Амбиентот лесно се препознава од видеата објавени на сајтот на Мистер њу лајф, каде што се соопштува кои студенти колку заработиле во првите месеци – суми од 250 до 1.020 евра, за кои Чешелкоски вели дека се бебешки чекори и дека ќе им бидат смешни во блиска иднина. Се споменува дека парите се од продажби, но не се откриваат повеќе детали.
Сепак, Чешелкоски, расположен и насмеан во својата канцеларија, без задршки ни објасни што точно е бизнисот.
„Станува збор за онлајн-продажба на какви било физички и дигитални производи низ целиот свет, услуги и градење брендови. Тоа е новоспакувана програма што го користи искуството од претходно, собирано повеќе од 26 години. Јас во животот не сум работел ништо друго, освен дигитален маркетинг. Уште од 1996 година, кога интернетот се плаќаше со суво злато“, објаснува.
Тој додава дека луѓето не мора да имаат никакви вештини, ниту искуство. Некои што веќе имаат бизнис, доаѓаат за да научат како да ги продаваат своите производи, а повеќето доаѓаат за да влезат во светот на „дроп шипинг“, во кој само наоѓаат купувачи за нешто што друг го произведува. Не треба ни да купуваат, ни да складираат стоки.
Од производителот до купувачот тие се доставуваат со карго-служба. Со тоа од Македонија може да се раководат продажби на стоки што стојат во Америка, Германија, Полска…
„Има многу партнери зашто низ целиот свет има недостиг од луѓе што знаат да продаваат онлајн“, вели Чешелкоски.
Студентите, исто така, може да станат партнери во некои од бизнисите што Чешелкоски ги води, како агенција за наоѓање возачи за транспортни компании, онлајн-продавници за дијамантски прстени или за патентирана козметика итн. Во тој случај, дел од нивната заработка оди кај него, а ако некои од студентите станат ментори на свој тим, добиваат дел од заработката на тие што ќе ги менторираат.
Прашан зошто дел од највпечатливите наслови и видеосодржини поврзани со велешката машинерија за лажни вести, која главно доби негативен публицитет во медиумите, денес ја користи како дел од своето бизнис-портфолио, па и како средство за рекламирање на Мистер њу лајф, тој вели – целта ни беше да покажеме која е моќта на дигиталниот маркетинг.
„Тој негативен публицитет ни донесе соработка со светски фирми. Многу луѓе и бизнисмени во светот размислуваат на таков, неконвенционален начин“, додава Чешелкоски.
Десетмина велешани станале милионери?
Видеата на сајтот ги насловил како „што велат медиумите за мене“ или „документарец за нашата работа“, и тие се од Си-ен-ен, Ал џазира и од други медиуми. Има и 30-минутен документарен филм од американската режисерка и продуцентка Лесли Ајверкс.
Но, тие немаат никаква врска со академијата „Мистер њу лајф“, туку се занимаваат со неговиот удел во изградбата на империјата со лажни вести.
Во повеќето видеа, тој објаснува како настанала целата шема, потенцирајќи дека неговото влијание врз изборите во САД било случајно и индиректно, како и дека ниту тој, ниту младите велешани што ги обучил да оперираат со сајтови со лажни вести, немале никакви политички интереси и ги интересирале само парите што ги заработуваат.
Чешелкоски, преку Максимум маркетинг, од 2012 година држел курсеви за генерирање посетеност на интернет-портали и за заработка од објавените реклами.
Некои од првите студенти му биле млади луѓе од Велес, кои почнале да објавуваат вести за здрава храна и здрав живот. Биле успешни, па дошле и други нивни другари. Ги советувал да пишуваат за американската публика. Некои приказни ги измислувале, а почесто превртувале приказни што веќе биле објавени. Важно било да имаат добар наслов, за читателите да не можат да му одолеат.
Во фејсбук-групи со голем број членови се следи кои теми се најпопуларни, односно кои содржини од регуларните медиуми најмногу се коментираат и се споделуваат. Забележувајќи го гладот за информации на таа тема, велешаните ги земале содржините од другите медиуми, правеле одредени измени и ги реобјавувале на своите сајтови.
Содржините во велешката индустрија прво не биле политички, но кога сопствениците на сајтовите виделе дека таа тема влече многу публика и посети, се свртеле кон неа. Како што вели, не им било целта да му помогнат на Трамп, туку се воделе исклучиво од податоците за посетеноста, а публиката што го поддржувала Трамп, најмногу кликнувала на текстовите што тие ги подготвувале. На крајот, од објавените реклами, земале многу пари.
„Се одметнаа некои студенти, ги злоупотребија методите, но тие методи за вирални текстови и видеа се користат до ден денес, за продажба на производи“, додава тој.
На дел од одметниците, тоа многу им се исплатело.
„Десетмина од моите студенти станаа милионери. Денес имаат бесни германски возила, станови во Дубаи, куќи во Грција, викендички во Банско и во Боровец, се занимаваат со хотелски и ресторански бизниси, недвижнини и, секако, со онлајн-маркетинг. Но, не е најважно што десетина ученици постигнаа милионерски статус, туку што стотици други си го сменија животот“, ни изјави тој.
Како што и самиот истакнува, веќе нема услови за долгорочен бизнис во лажните вести. Но, иако вели дека нема никакви политички интереси во својот бизнис, сепак не крие дека му пречи политичката страна што притискаше за поголема контрола на информациите.
„Генерално, во денешно време се гледа дека оваа лева политика што е во целиот свет, либералната, ни најмалку не е либерална, туку скриено се обидува да ни го загорчи животот на сите нас“.
Сто илјади долари од една измислена вест
Како пример за целосно измислена приказна и многу исплатлива, тој посочи објава на неговата сопруга, која напишала дека од ознаките на дното на тубите со паста за заби може да се види од што тие се направени. Станува збор за мали квадратчиња што се користат во производството на амбалажата и служат за да им покажат на ласерските секачи каде да ја пресечат и да ја запечатат тубата. Фактот што тие квадратчиња може да бидат во разни бои, ги поттикнало да измислат дека зелениот квадрат значел дека пастата е од природни материи, црвениот дека е мешавина од природни материи и хемикалии, а црниот дека е целосно од хемикалии.
Кога ја објавиле оваа информација, таа се ширела со невидена брзина бидејќи, „секој сака да знае што става на својата четка за заби наутро“.
Информацијата стана толку вирална што и „Колгејт“ мораше да објави демант. Чешелкоски вели дека тоа што го направиле „можеби не е многу етички“, но е добар пример.
„Го кажувам чисто како пример, да им се отвори умот на луѓето, колку може да се стигне со интернетот. Не мора такви митови да се користат, но тоа е интересна приказна за презентација“, ни рече тој.
Се ближеше крајот на времето од еден час што Чешелкоски можеше да го одвои за нас, бидејќи го чекаа нови состаноци. Уште еднаш ни потврди дека неговата улога во лажните вести завршила, но интернетот е доволно голем и секогаш може да се најде друго поле за работа и за создавање „нов живот“, со нови обуки и нови луѓе што „може да станат милионери“. А минатиот труд, кој го скандализираше светот, останува да служи како референца за успешноста.