Истражувањa

Олимписки – базен без дно

Олимписки базен се одржува во живот со спорни договори, од кои никој не е задоволен

Државата, не само што со години не заработува од концесијата на Олимписки базен, туку, поради специфичните договори, таа му должи милионски суми на закупецот, а услугите што ги нуди базенот, од година во година се полоши и полоши.

Состојбата во која денес се наоѓа базенот може да се опише како употреблива. Реновирани се влезот и кабините, а покривот, плочките и двата базени се одржувани, но во нив не е вложувано.

Во петокот попладне внатре немаше ниту еден пливач. На влезот немаше ниту вработен во билетарницата. Целиот базен зjaеше празен. По шарените и релативно нови кабини веднаш се чувствуваше засилениот, препознатлив за базенот, мирис на хлор.

Малиот и големиот базен се како замрзнати во времето. Обложени се со истите плочки како пред декади, кои сега се избледени од времето. Големите прозорци над базенот, пак, не се провидни како порано. И ним им минало времето.

Во зима функционира само малиот базен | Фото: БИРН

Олимписки изгледа како од минатиот век. Тогаш кога и бил изграден.

Сите страни имаат поинакво видување за најголемиот базен во Македонија. Во зависност со кого зборувате, за виновник е посочен другиот.

Меѓутоа, заеднички дел на нивните различни приказни е дека никој не е среќен со ваквата состојба, ниту закупецот, ниту државата, ниту, пак, пливачите.

Родителите на децата од пливачките школи во Олимписки базен велат дека проблемите почнуваат штом ќе залади.

 „Иако водата во базенот се грее, салата нема греење, па е ладно“, посочува родител, кој вели и дека „ако врне надвор, може да врне и внатре“, а ако дува надвор, поради тоа што не дихтуваат вратите, дува и внатре.

Се жалат и дека од крајот на декември до март не функционира големиот базен.

Со овој објект, кој е во државна сопственост, од доцните 1980-ти раководи истиот човек – Мијалче Маневски и неговата фирма „Полет“, која има концесија за базенот уште 13 години. Формално, во име на државата, со базенот од 2000 година управува Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија.

Маневски и претходно имал различни договори со различни државни субјекти, но сегашното раководење е според договорот од 2004 година и анексот од 2006 година, со кој концесијата му се продолжува до 2035 година.

Проблематична концесија

Маневски- барав да се раздружиме | Фото: БИРН

Сите проблеми со функционирањето на базенот „извираат“ од тие договори за концесија.

Државата, со договорот од 2004 година, се обврзала да му ги покрива на Маневски инвестициите во објектот. Тоа подразбира дека тој за секое реновирање во зградата на базенот испраќал и испраќа сметки до претпријатието, кое, пак, треба да му го врати вложеното.

Државата никогаш не ги покривала реално трошоците поради блокираната сметка на јавното претпријатие, поради што и тој одамна не ја плаќа концесијата од 750 евра месечно.

Вработени во претпријатието, договорот го сметаат за „криминален“ и „коруптивен“.

Тие ја посочуваат условната затворска казна на поранешниот директор Аљиљ Палоши, кој бил осуден зашто со приватни фирми, меѓу кои и со онаа на Маневски за Олимписки, склучил договори за закуп на пониски цени од реалните.

Проблематична за нив е и клаузулата што практично на концесионерот му овозможува да го собира профитот, не само од базенот, туку од целиот објект, а инвестициите што ќе ги направи и за други комерцијални, а не спортски потреби, да му ги покрива државата. 

Маневски, според договорот, има неприкосновено право да ги реиздава деловните простори во базенот и паркингот и да зема кирии од нив.

Сето ова е наведено и во извештајот на јавното претпријатие од март оваа година, а во кој БИРН има увид.

Маневски раководи со објектот граден со самопридонес од 1989 година. Таа можност прво му се отвора како раководител на работната организација за младински туризам „Полет“. Тогаш не плаќал кирија, а објектот бил помаган од државата. Во раните 1990-ти, договорот се преименува во договор за закуп, а тој станува сопственик на фирмата „Полет“.

Затоа Државното правобранителство и јавното претпријатие, неколкупати се обиделе да ги поништат договорите на суд, меѓутоа не успеале. Од претпријатието се повикуваат на Законот за располагање со стварите во државна и општинска сопственост, во кој се забранува закупецот да реиздава нешто што државата го дала под закуп.

„Кога би требало да се вратам сега назад во времето, знаете кога би потпишал ваков договор? Никогаш. Значи таква глупост сум направил во животот, работам З0 години, а не знам што правам“, вели Маневски во разговорот со БИРН.

Тој денес има мала канцеларија на приземјето во зградата на базенот. Десно од неговото работно место се наоѓа хотелот „Центар“, кој е во негова сопственост, а лево е влезот на базенот. Од страните се распоредени десетина фирми, во просториите што Маневски ги издава под закуп на други.

Нѐ пречека нервозно, со прашање дали е под истрага. Наспроти првиот впечаток дека е незадоволен зашто „постојано инвестира, а многу не добива за возврат“, тој не е подготвен да се откаже од управувањето со базенот.

Неговите одговори за работата со Олимписки базен се движат од „јас ништо не направив, само зијани правам“ до „немам загуби и не паѓам во долгови“.

Децениите работа со Олимписки базен, тужби и контратужби го „зближиле“ со вработените во јавното претпријатие, па на прашањата поврзани со нивните обвинувања одговараше со контраобвинувања наменети за вработените.

Маневски вели дека тој предложил да ги повлече контратужбите, со што би се откажал да им бара да му исплатат милион и 270.000 евра за вложените пари, а за возврат „да го остават да работи на мир“, но дека јавното претпријатие одбило.

Логиката, објаснува, му била оти знаел дека никогаш нема да му ги дадат парите, па на тој начин ќе се спаси од „малтретирање“.

Но, на прашањето зошто тогаш не го напушти објектот веднаш ако не заработува од него, вели „државата нека ми исплати еден милион евра што ми ги должи и веднаш заминувам со блех-музика“.

Статус кво на штета на пливачите

Некои денови има помалку од десетина рекреативци | Фото: БИРН

Должината на концесијата, цели триесет години, се покажала како проблем за него зашто со текот на времето се смениле навиките на скопјани.

Самиот Маневски вели дека пред дваесетина години продавал и по 2.000 билети дневно, а сега, во летната сезона, има денови кога рекреативните пливачи се бројат на прстите од двете раце.

Денес, се жали тој, не би можел да опстане само со приходите од базенот, ако не се дополнителните пари што му стигнуваат од кириите од фирмите, кои се наоѓаат во зградата на базенот.

„На Олимписки базен немаше ниту еден квадратен метар деловен простор, сето она што го гледате, сега јас сум го платил“, вели Маневски.

Оваа можност, да зголемува деловен простор му е дадена во 2010 година, иако во извештајот на јавното претпријатие се наведува дека нивна комисија на терен констатирала дека канцелариски простор е пренаменет во хотел во 2006 година.

Четири години подоцна, Маневски добил писмена согласност од јавното претпријатие да го направи хотелот, но како што се забележува во извештајот без за тоа претходно да донесе одлука управниот одбор.

Toj очекува, а договорот и му овозможува, државата да му ги покрие и парите вложени во канцелариите. Го зголемувал деловниот простор зашто, како што тврди, не постои друг спортски објект на Балканот што се одржува со самофинансирање.

Маневски е убеден дека државата, како сопственик на Олимписки базен, требало да вложува и во него, исто како што вложувала и во базенот во Карпош, без разлика што таму нема приватен концесионер и профитот и трошоците одат кај државата.

„Прашање е дали ќе работи базенот“ | Фото: БИРН

„Државата овде шајка нема удрено од кога е направен базенот.“

Годинава има дополнителни проблеми.

Поради енергетската криза, Маневски вели, сериозен трошок е и струјата што се користи за базенот.

Сметките му се зголемиле неколкукратно и дневниот приход од базенот не можел да ги покрие трошоците за електрична енергија, кои одат и до 85.000 денари дневно.

„Прашањето е до кога и дали ќе работи базенот“, вели тој.

Ни државата премногу не се ангажирала околу базенот.

Маневски, за Олимписки во 2019 година, на средба со поранешниот премиер Зоран Заев побарал да му се исплатат долговите, а тој да го врати базенот.

„Барав да се раздружиме.“

Заев, според Маневски, начелно ја прифатил иницијативата, но побарал државата да направи вештачење за вредноста на неговите инвестиции во објектот.

Заев се повлече од функцијата и тука заглавиле работите.

Олимписки не е во најдобра кондиција и сè потешко се менаџира базенот, пливачите сѐ почесто и пожестоко се жалат, меѓутоа Маневски сè уште има сметка да ја одржува таа статус кво ситуација.

„Одам по тенка жица, ама не паѓам во долгови“, вели тој во разговорот со БИРН.

Загрозена безбедност

Маневски- државата треба да го контролира кровот | Фото: БИРН

„Повеќе сериозни нарушувања на објектот, бесправно отуѓување на државен имот, предизвикување општа опасност по безбедноста и здравјето на посетителите, што е спротивно на договорот за закуп“, ова се дел од наодите за Олимписки поместени во извештајот на ЈП по комисиската посета на базенот во 2018.

Во него се наведува дека во 2018 година, петчлена комисија на јавното претпријатие, а по препорака на владата, направила увид во Олимписки базен.

„Немам поим за што зборувате? Тоа е „рекла-казала“. Кој го потпишал тоа? Од Јавно претпријатие? Има таму некој стручен?“, цинично одговара Маневски на прашањето како го коментира овој дел од извештајот.

Тој, вината за безбедноста на објектот ја префрла на државата, која, според него, како сопственик требало да го контролира покривот на базенот.

„На секои пет години, сопственикот треба да си ја проверува конструкцијата. Мислите дека тоа го интересира некој? Ако остане вака уште 20-30 години, може да биде опасност.“