Анализи

Инспекција на малите хидроцентрали – „на чесен збор“

Контрола „колку за да помине редот“

Контролата на работењето на малите хидроцентрали, во услови кога државата грчевито се бори за секој киловат-час струја, е прашање на периферијата на интересот на јавноста.

За разлика од дебатите „за“ и „против“ нивната изградба, каде што страните се цврсто поларизирани, нивната проверка на хартија е решена, но во пракса не функционира.

Реторичко е прашањето колку би бил објективен инспекцискиот надзор, ако инспекторите одат на терен со џип на инвеститорот на хидроцентрала што треба да ја проверуваат.

Наодите од регионалната студија „Уништени реки“ на мрежата CEE Bankwatch за пет домашни хидроцентрали во 2017 година го потврдуваат впечатокот дека малите хидроцентрали произведуваат малку струја и многу проблеми за животната средина.

Државните ревизори, во најновиот извештај констатираа дека „произведената електрична енергија од малите хидроцентрали во 2020 година учествува само со 4 проценти во вкупното домашно производство“.

Верувај им на инвеститорите

Нема јавни податоци за протоците на вода од кои се прави струјата | Фото: Eко-свест

Да има за производство на струја, но да има и за живиот свет. Ова го пишува во Методологијата за утврдување минимален проток на површински водотеци што ја нарачало Министерството за животна средина од 2018.

Тоа значи дека инвеститорите, покрај „за џебот“, мора да осигураат дека нивните капацитети ќе испуштаат доволно вода за нормално да функционираат екосистемите.

Но, од „Еко-свест“ велат дека тоа е мртво слово на хартија бидејќи оваа методологија не е правнообврзувачки документ, за неа нема донесено подзаконски акт, па затоа инвеститорите се „лабави“ кога е во прашање почитувањето на протокот на вода во реките.

Во моментов, 10 проценти од вкупното количество вода од минималниот годишен среден проток треба да се испушти низводно од зафатот од кој се прави струја.

Ако на веб-страницата на МЕМО, македонскиот оператор на пазарот на електрична енергија, редовно има податоци за тоа колку струја произведуваат малите хидроцентрали, јавни податоци за протоците на вода од кои ја прават струјата, нема.

Пола инвеститори со години не плаќале воден надоместок

Ревизорите констатираа дека од 96 мали хидроцентрали, кои се повластени производители, само 39 целосно го платиле надоместокот за користење на водата. Четириесет делумно, а 17 немаат ниту една уплата. Неуплатениот надоместок за вода е еден од условите за одземање на дозволата.

Од Министерството за животна средина, кое државната ревизија го посочува како единствено во заштитата на животната средина, за БИРН, го исцитираа законот, според кој, е пропишано дека концесионерите на хидроцентралите имаат обврска да го мерат и да го евидентираат зафаќањето на количеството вода од хидроцентралите на дневна основа и постојано да испуштаат биолошки минимум.

Треба да мерат, ама податоците се за нив. Вака сумарно звучеше одговорот од Министерството за животна средина на прашањето дали може да се најдат податоци за состојбата со реките каде што има мали хидроцентрали.

„Со податоците располагаат операторите со системите и тие не се јавно достапни“, ни кажаа од Министерството и повторија дека инвеститорите „не се обврзани да доставуваат податоци од евиденцијата што ја водат на дневна основа“.

Дали податоците се точни, изгледа дека останува на чесниот пристап на инвеститорите. Исто онака како што им се верува на податоците во изготвените елаборати пред воопшто да почнат да работат хидроцентралите.

Ѓорѓи Митревски од граѓанската организација „Еко-свест“ вели дека немаат сознанија дали „кој било инвеститор на постојните мали хидроцентрали го мери количеството на зафаќање вода или, пак, доставува податоци до ресорното Министерство.“

Само двајца водостопански инспектори за стотина хидроцентрали

Мапа на реките каде што има мали хидроцентрали | Мапирање: Eко-свест

Лидија Зафировска е една од вкупно двајцата водостопански инспектори што ги има државата. Таа и нејзиниот колега Тони Димески, покрај сите други обврски за контроли, се задолжени и за редовен и вонреден надзор на 97 мали хидроцентрали, колку што моментно има во државата.

Освен што се само двајца, немаат теренски возила, па мора да одат во контрола на хидроцентралите заедно со тие што треба да бидат контролирани.

Зафировска, за БИРН, вели дека „инспекторатот не располага со возила за тешко пристапен терен“.

И нејзиниот колега Тони Димески, пак, кој работи во Прилеп, го сподели истото искуство „ги користиме возилата на правните субјекти“.

Зафировска рече дека јавната дебата околу хидроцентралите се врти околу тоа дали ни требаат малите хидроцентрали, а вистинското прашање дали се градат во согласност со стандардите и прописите и дали инспекторите имаат услови и опрема сето тоа да го контролираат.

Ги прашавме инспекторите како ги прават инспекциите на терен на хидроцентралите, одговорот беше „со ништо, бидејќи немаме мерни инструменти“.

Па така, во објава за еден вонреден надзор на социјалните мрежи, тие буквално велат дека направиле „слободна проценка, односно визуелна контрола на денот на надзорот“.

Оваа очигледно слаба алка во контролата на реките каде што има мали хидроцентрали ја посочува и Митревски од „Еко-свест“, укажувајќи на тоа дека протокот на водата е само еден од параметрите од животната средина што треба да се проверува.

За контрола, како што рече, не е доволен само еден водостопански инспектор, туку тим од повеќемина инспектори, за животна средина, шумарски инспектор, водостопански инспектор и градежен инспектор, бидејќи тие би контролирале различни параметри.

Смета дека единствено решение за тоа е инспекцискиот надзор да се одвива организирано преку инспекцискиот совет.

Што се контролира?

Невладините препорачуваат еколошки, наместо биолошки минимум | Фото: Eко-свест

Кога веќе инспекторите ќе стигнат на терен со инвеститорите, нивна задача е да проверат неколку работи: градбата на малата хидроцентрала, односно машинската зграда со испуст на водата и цевководот.

Треба да проверат и дали се испушта биолошки минимум вода во рибјата патека, a jа контролираат и „целата документација во која спаѓа и елаборатот за заштита на животната средина“.

Ако сакаат да ги побараат записниците и решенијата од минатогодишните контроли, нема да успеат, бидејќи сите документи изгореа во пожарот што го зафати инспекторатот во 2020 година.

Ревизорите, врз основа на проверки до 2020 година, констатирале дека има едвај 49 инспекциски контроли и оти инспекторите не постапувале превентивно.

Бројките на контроли годинава се удвоени споредено со претходните години. Но, останува прашањето какви се тие.

На пример, во извештаите што инспекторот Димески ни ги достави, се гледа дека од 12 надзори врз малите хидроцентрали во 2020, бројот пораснал на 22 годинава заклучно со октомври.

Но, изрекол само три мерки, и тоа за инвеститори што не уплатиле еден процент од производствената цена за еден киловат час за користењето на водата.

Ревизорите тука наведуваат уште еден проблем – дека се гледало дали е наплатен надоместокот, но не се вршела контрола на точноста на платениот износ.

Во извештаите на Димески немаше изречени мерки за непочитување на биолошкиот минимум и за непочитување на прописите за зафаќањето на водата од која се произведува струја.

Незаконски уште на старт

Судејќи според извештајот на ревизорите, кај малите хидроцентрали, процедурата сериозно била компромитирана. Законот вели дека Комисија формирана од министерот, пред хидроцентралата воопшто да почне да работи, треба да изготви потврда за извршен преглед на објектите и постројките. „Таков преглед не е извршен кај ниедна мала хидроелектрана“, зашто на комисијата ѝ истекол мандатот, а дури годинава била формирана нова.

Ревизорите биле на терен заедно со инспекторите и посетиле шест мали хидроцентрали. Таму било утврдено дека има „неправилно изведен зафат на вода без рибја патека, како и присуство на остатоци од градежни активности и големи количества комунален отпад на зафатот на реката“.

Мештаните и граѓанските организации најгласно реагираа токму за недоволниот и слаб инспекциски надзор, што резултира со пресушување на реките.

Инспекторот Димески раскажа дека нивото на водата во реките е сложено прашање и зависи од повеќе фактори, како на пример од сезоната или од количеството врнежи.

Невладините во студијата „Уништени реки“, токму во оваа сфера нотирале системски проблем, а тоа е дека пресметувањето на просечниот проток на водата за биолошки минимум „не ги зема предвид промените во водотеците во разни периоди од годината“.

Решение, според невладините, е наместо да се испушта 10 проценти од биолошкиот минимум, да се воведе „еколошки минимум“ што ќе обезбеди доволно количество вода во речните корита и во сушните месеци, кога тоа е најпотребно.

Димески вели дека контролата на нивото на биолошкиот минимум на реките, главно се сведува на обврска да се провери дали го има.

Во борба за вода

Четири децении стари податоци за протокот на водите | Фото: Еко-свест

Токму во контролата на протокот на вода во реките лежи проблемот или различното читање на состојбите. Институциите и инвеститорите од една и локалното население и граѓанскиот сектор од друга страна.

Хидрологот Васко Стојов од УХМР вели дека Управата може да излезе на терен и да врши „истраги со цел добивање хидролошки податоци“, но дециден е дека УХМР „нема надлежност да проверува биолошки минимум на реките каде што има мали хидроцентрали.

„За таа работа постои Државниот инспекторат за животна средина“.

Љупка Зајков, помошник-раководителката на Секторот за води во ресорното Министерство за животна средина, пак, вели „биолошкиот минимум се обврзани да ги мерат „инсталациите, односно носителот на дозволата“.

Според сето ова, излегува дека контролата ја има само на хартија, но не и во пракса.

Тоа го покажаа наодите на тимот што работеше на студијата „Уништени реки“. За време на теренската посета во септември 2017 година, односно во сувиот период од годината, на Брајчинска река утврдиле дека „биолошкиот минимум кај двата зафати изнесува само 0.001 m3/s (1 литар во секунда), што во пракса значи целосно суво речно корито“.

Научната фела и граѓанските организации алармираат дека поради слабиот водостој во вакви услови е невозможно да опстои преспанската пастрмка.

Митревски од „Еко-свест“ укажува дека дури и кога доследно би се почитувала постојната обврска за обезбедување на 10 проценти од средниот годишен проток, тоа не е доволно за „одржување на речните екосистеми“.

„Уште повеќе што мерењата и податоците за годишниот проток се стари, понекогаш повеќе од 20, 30, па и 40 години“.

Потврда за тоа се и наодите од ревизорите, кои навеле дека првите три постапки за концесија се базирани врз студија стара 40 години.