Регион

Интервенцијата на НАТО засекогаш ги промени односите помеѓу Запад и Русија

Ретроспективно, руското вето во 1999 година, беше пресвртница во односите на Русија со Западот

„Рамбује не е документ што еден типичен Србин би го прифатил. Тоа беше ужасен дипломатски документ, што никогаш не требаше да се презентира во таа форма”, додаде Кисинџер.

Но, неуспехот на преговорите во Рамбује, не беше единствената причина за започнување на 78-дневната интервенција на НАТО.

Акцијата беше започната и поради грубото кршење на човековите права и етничкото чистење во Косово, што резултираше со повеќе од еден милион раселени Албанци, од поранешната српска покраина.

Од друга страна, Србите најмногу зборуваа за своите цивилни жртви. Бројот на жртви, во интервенцијата на НАТО, се движеше од неколку илјади, според српски официјални извори, до 500, како што се вели во извештајот на Хјуман рајтс воч.

20-годишнината од бомбардирањето, е добра можност повторно да погледнеме на овие настани, чие значење е малку запоставено, иако тие имаат трајно влијание на глобалните прашања.

Праведна војна – или само војна?

За правниот аспект на интервенцијата, многу се дебатираше во изминатите две децении. Во отсуство на одобрение од Советот за безбедност на ООН, акцијата беше сомнителна во очите на оние кои сметаа дека принципот на суверенитет е камен-темелник на меѓународните односи.

Правно, под знак прашалник, акцијата беше оправдувана како единствен начин да се стави крај на хуманитарната криза. Сепак, нејзиниот хуманитарен карактер не стави и крај на контроверзноста. Толкувањето на интервенцијата се движи околу две спротивставени групи на аргументи.

За едните, тоа беше „злосторство, агресија врз суверена земја и нејзиниот народ”; за другите, праведна војна за запирање на хуманитарната трагедија.

Во потрага по законска основа, многумина на Запад нагласуваа дека Резолуцијата 1160 на Советот за безбедност на ООН, од март 1998 година, правно ја оправдува интервенцијата.

Постојат и аргументи дека војната во Југославија во 1999, беше претходница на војната во Ирак во 2003 година.

Водени од истата логика како и во случајот на Косово, американските и британските власти тврдеа дека постоечките резолуции на Советот за безбедност на ООН, кои се однесуваа на заливската војна во Персискиот залив во 1991 година и на инспекциите nа ирачките програми за вооружување, кои следеа, ja оправдуваат инвазијата на Ирак.

Зградата на центарот Ушќе во Белград, беше бомбардирана на 21 април 1999 година. Фото: Википедија.

Колку и да е дискутабилен од гледна точка на меѓународните правни норми, случајот на Југославија посочи дека е неопходно да се воведе група на универзални принципи, за одредување на однесувањето кон меѓународните актери, кои флагрантно ги кршат универзалните норми за човекови права.

Во согласност со поглавјето VII од Повелбата на ООН, се сметаше дека новата доктрина треба да содржи одредби за навремена хуманитарна интервенција.

Неуспехот на светот да го спречи геноцидот во Сребреница, источна Босна, извршен во 1995 година за време на босанската војна 1992-1995 година, неуспехот да делува во случајот со геноцидот во Руанда во 1994 година, а подоцна и интервенцијата во Југославија, го поттикнаа тогашниот генерален секретар на ООН, Кофи Анан, заедно со Африканската унија, да го развие концептот Одговорност за заштита, кој беше одобрен од Обединетите нации во 2005 година.

Руско вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН

За прв пат по падот на Берлинскиот ѕид, Русија, во 1999 година, стави вето на резолуција на Советот за безбедност. Од почетокот на југословенската криза, како членка на таканаречената Контактна група за Балканот, Москва беше конструктивен партнер во заедничките меѓународни напори за деекскалација на оваа крвава граѓанска војна.

Сепак, на Русија, на чие чело беше Борис Елцин, ѝ беше тешко да се помири со идејата за воена акција против нејзиниот сојузник на Балканот. Но, нејзиното вето имаше повеќе врска со руските интереси дома, отколку со нејзиниот сојуз со Југославија.

Иако руската блокада во Советот за безбедност беше девалвирана со интервенцијата на НАТО, со неа на Западот му беше испратена силна порака, да не се меша со втората војна во Чеченија, која се одвиваше истовремено со војната во Косово.

Москва не сакаше Косово да постави преседан за идните интервенции, вклучително и оние во постсоветските земји.

НАТО и Русија

Ретроспективно, руското вето во 1999 година, беше пресвртница во односите на Русија со Западот. Оваа промена во политиката, го трасира патот кон поконфронтирачка Русија, како што денес ја знаеме.

Во очите на Кремљ, конструктивната политика на Русија во 1990-тите години, се покажа како стратешка грешка; Москва не беше третирана како рамноправен партнер и нејзините интереси не беа почитувани. Кремљ заклучи дека ја изгубил својата релевантност со тоа што бил премногу кооперативен.

Март 1999 година, беше тест за интересите на руската надворешна политика и руската чест.

Друг предизвик беше самитот на НАТО во Вашингтон, кој се одржа во април, по повод 50-годишнината од формирањето на Алијансата, на кој им беше посакано добредојде во сојузот на поранешните земји од Варшавскиот пакт, Чешка, Полска и Унгарија.

Бомбардирање на НАТО на рафинеријата во Нови Сад. Фото: Дарко Дозет Извор:Викимедиа комонс

Само 10 дена подоцна, Алијансата, надвор од волјата на Русија, ја започна својата интервенција. Ако НАТО за Москва пред 1999 година беше предизвик, по овие настани, Русија јавно стави до знаење дека проширувањето на НАТО го смета за безбедносна закана. Со своите интервенции во Грузија и Украина, Москва не само што го предизвикуваше Западот, туку, исто така, стави голем знак прашалник, на понатамошното проширување на НАТО.

Западниот интерес за Балканот драстично се намали во последните 20 години. Терористичкиот напад на Њујорк на 11 септември 2001 година, војните во Ирак и Авганистан и растечкото значење на Кина, ја преобликуваа американската надворешна политика.

Во меѓувреме, ЕУ, погодена од финансиската криза, мигрантската криза и Брекситот, се сврте кон своите интереси. Неа ѝ недостига политичка посветеност за подлабока вклученост во ситуацијата на Балканот. Меѓутоа, додека Западот го запоставуваше и го оставаше по страна регионот, Русија го задржа Балканот на релативно високо место во својата политичка агенда, како и Кина, чие влијание продолжува да расте.

Додека западните лидери ретко го посетуваат овој дел од светот, претседателот Путин, во последните неколку години, се сретна со српскиот претседател, Александар Вучиќ, 12 пати. Ова го негира секој аргумент дека Балканот е ниско на списокот на приоритети на Москва.

Како и во случајот со неколку други, не така одамна, преземени интервенции, кампањата на НАТО ја прекина хуманитарната катастрофа, но остави незавршени работи. А историјата ни кажува дека незавршената работа, често е катализатор за нова криза.

Веско Гарчевиќ е поранешен црногорски амбасадор во НАТО, ОБСЕ и во други меѓународни организации. Во моментов е професор на Универзитетот во Бостон, на школата за глобални студии, Фредерик Парди.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.