Регион

Договорот меѓу Косово и Србија мора да обезбеди судење на лицата осомничени за воени злосторства

Пред околу две години, косовските власти потврдија оти постојат налози за апсење за 57 Срби, за кои постои сомнение дека учествувале во злосторствата извршени во местата како што се Ѓаковица, Ќушка, Пављан, Захаќ и Љубениќ; во случајот на тројцата убиени браќа Битиќи и во злогласната шема за прикривање на масакрите во ‘камион ладилник’.

Сепак, постои ризик дека сите овие зборови и постапки ќе бидат безвредни, бидејќи ЕУ, молчеливо и соодветно, го игнорира можеби најважното прашање што можеше да биде поставено во текот на дијалогот, освен самото признавање на Косово, а тоа е гонењето на политичката елита на другата земја.

Косовските обвинители имаат потреба од одредени договори со Србија, со цел од Србија да можат да бидат екстрадирани осомничени лица и за да можат обвинителите да добијат пристап до докази и сведоци во Србија. Но, Србија не го признава Косово, така што нема такви билатерални договори. Од друга страна, и на Србија и е потребно Косово да преземе такви обврски.

Вучиќ, Тачи и Могерини на средба во Брисел. ФОТО: ЕЕАС

Досега, барањата за помош на обвинителството или за екстрадиција, одеа преку ЕУЛЕКС и УНМИК, механизми на ЕУ и ООН, кои помогнаа во управувањето со Косово по војната. Но, ваквата поставеност е гломазна и сѐ понемоќна. Ниту еден од овие механизми не е замислен како постојана институција.

Треба сериозно да се разгледа можноста за формирање на специјален суд за воени злосторства кои ги извршиле српските државјани, што неодамна беше предложено од страна на косовските лидери. Ова би можело да потполни одредени празнини. Но, ова нема да ги реши вообичаените барања за помош во случаите кои не вклучуваат воени злосторства или за кои е потешко да се докаже примената на меѓународното хуманитарно право.

Без билатерален договор за екстрадиција, секоја земја може да има несовладливи правни и политички проблеми за да ги испочитува барањата за екстрадиција на другата земја. Ова ќе остане така, дури и ако Косово се приклучи кон Европол и Интерпол, две релевантни меѓународни механизми кои се занимаваат со барањата за екстрадиција.

Додека се разговара за пристапувањето на Косово во Европол и во Интерпол, Уставот на Косово и српскиот закон, забрануваат екстрадиција на свои граѓани, без други правно обврзувачки инструменти. Пристапувањето во овие тела, без билатерален договор за екстрадиција, за жртвите, генерално, е беспредметно.

Договорите за меѓусебна правна помош се однесуваат на овластувања и постапки врз основа на кои обвинителите на една земја можат да пристапат до докази и сведоци од другата земја.

Ова е голема работа. Белград беше главниот и административен центар на поранешна Југославија. Во Србија остануваат клучни досиеја, докази, сведоци и осомничени лица. Тие се клучот за правични и легитимни истраги и гонење на осомничените кои се наоѓаат во Србија.

Иако несовршени по форма и имплементација, вакви билатерални договори имаат многу други балкански земји, поради што се поставува прашањето,  зошто ЕУ, Србија и Косово го заобиколуваат ова прашање?

Одговорот, се разбира, е дека ова се смета за премногу опасно за политичките елити. Имено, налогот за апсење на косовскиот премиер, Рамуш Хардинај, сé уште е важечки во Србија. Така, минатата пролет, српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, се закани дека ќе го уапси Харадинај, доколку тој стапне на тлото на Србија.

Од друга страна, Косово има валидни налози за апсење на поранешниот шеф на српската армија, Љубиша Диковиќ, и за членот на извршниот одбор на владејачката Српска напредна партија, Горан Радосављевиќ.

Ова се само некои од стотиците осомничени кои секоја страна верува дека другата ги штити. Повеќе од 20 години, осомничените го користат овој правен вакуум за да ја избегнат правдата. Се чини дека никој не е заинтересиран да ја отвори вратата на правдата, против елитата со која преговара, понекогаш и директно.

Но, да бидеме искрени. Ниту еден технички договор не гарантира правда. Лидерите во двете земји предолго се бореа за неказнивоста. Тие ќе продолжат да се противат на барањата на обвинителството со образложение дека се „политички мотивирани”, нецелосни или недефинирани.

Но, ова можеби е последна најдобра можност за да се „засади семето на правдата”. Заедно со поддршката за формирање на РЕКОМ, регионална комисија за утврдување на фактите за војните во деведесеттите години и соработката во пронаоѓање на исчезнатите лица, овие договори, врзани за правдата, се од суштинско значење за „сеопфатен” договор кој го ветија претседателот Тачи и другите.

Потребно е апсолутно да се поддржи мирното подобрување на односите меѓу двете земји. Но, и условите се, исто така, важни.

НАТО интервенираше во Косово речиси пред 20 години, во голема мера за да ги запре воените злосторства. Легитимноста на Косово како независна држава е вкоренета во гневот кој го бара крвта што обичните цивили ја пролија за време на војната.

Но, секој договор што ги игнорира грануларните механизми што овозможуваат правда, би бил нецелосен. Тоа би ја предало историјата зад „историскиот” договор. ЕУ, Косово и Србија веднаш мора да почнат да даваат приоритет на ова прашање.

Правен Мадхираџу е извршен директор на Pretrial Rights International, невладина организација со седиште во САД, која го застапува случај на браќата Битиќи.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.