Регион

Суровото наследство на Радован Караџиќ

Наследството на Караџиќ на Балканот продолжува да живее преку политичарите кои го негираат геноцидот и одбиваат да ја прифатат вистината за злосторствата, за кои тој е осуден на доживотен затвор

А дека беше обичен измамник кој беше во затвор 11 месеци во 1984 година, не беше дел од неговата внимателно создадена јавна личност.

За време на војната, Караџиќ ја задржа таа аура на духовен водач на босанските Срби, кој, со користење на националистички клишеа и генерализации, говореше за состојбата на својата нација, која се бори за етнички опстанок, за цивилизациската борба меѓу српкото православие и исламот на Бошњаците.

Валканата работа за поставување на оваа идеологија, која се базира на етничко чистење и надмоќ, во реалноста – геноцид и етничко чистење на Бошњаците – му ја препушти на својот воен командант, Ратко Младиќ.

Сепак, визијата за српска Босна, која Младиќ и другите војници ја спроведоа, беше на Караџиќ.

Билборд поставен во Бања Лука, на кој е фотографија на Милорад Додик (десно) и на поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ. Фото: БИРН

Караџиќ нареди Сараево да се држи под опсада, Сребреница да се прегази, бошњачките мажи и момчиња од Сребреница да се погубат, градовите Братунац, Фоча, Кључ, Приедор, Сански Мост, Власеница и Зворник, и многу, многу други, етнички да се исчистат од несрбите.

Кога заврши војната во 1995 со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој беше замрзнат конфликтот, де факто доделувајќи им ја на босанските Срби сета територија што тие ја добија со спроведувањето на кампањата на терор и етничко чистење, Караџиќ исчезна.

Тој 12 години се криеше од меѓународната правда, со помош на мрежа поддржувачи во Црна Гора, Србија, Република Српска, а веројатно и на други места.

Централното место на Караџиќ, во врска со воените злосторства во Босна, избледе кога Трибуналот презеде други важни случаи, меѓу кои главен беше случајот на Слободан Милошевиќ.

До моментот кога случајот на Караџиќ дојде во Хаг, непосредноста и итноста на меѓународната правда, престанаа да постојат.

Судењето на Милошевиќ спектакуларно пропадна со неговата смрт во 2006 година. Фарсата на 11-годишното судење на Воислав Шешељ ја исцрпи сета енергија во Хаг.

Владите во Белград и во Сараево, а сигурно и во странските земји, имаа други приоритети.

Кога Караџиќ конечно беше уапсен во јули 2008 година во автобус во Белград, тој уште еднаш успеа приказната да ја сврти кон себе, а не кон неговите жртви, неговите злосторства или катастрофалниот политички проект што го водеше.

Приказната се вртеше околу начинот на кој тој се замаскирал, околу неговиот живот како „духовен исцелител“, белградските кафулиња во кои тој одел, како и околу мистериозниот клан на приврзаници кои му помагале да ја избегне правдата.

Со текот на годините, неговиот бесмислен костим, неговиот изглед на Дамбдор полн со брчки и коса фатена во опашка, станаа приказната за Караџиќ. Тој стана шега, интернет мем, дел од навидум бескрајниот глобален репертоар на расизмот, исламофобијата и белата надмоќ.

Но, Радован Караџиќ не е шега, мем, дел од балканскиот фолклор, лице на маица која може да се купи по уличните тезги во Белград.

Тоа е човекот кој нареди Сараево да се држи под опсада четири години, без храна и залихи, претворено во отворен концентрационен логор, додека на неговите 400.000 очајни жители се пукаше со снајпери од околните ридови, често случајно, заради забава или поради мали облози.

Тоа е човекот кој го нареди гранатирањето на најпрометниот пазар во Сараево, единственото место во градот под опсада, каде што луѓето можеа да купат храна или да тргуваат со роба, при што уби и рани стотици, за потоа да негира дека неговата војска сторила такво нешто.

Но, суровоста на Караџиќ не заврши со крајот на војната. Суровоста беше детерминанта на оваа идеологија. Нејзината цел беше да се дехуманизира, понижи, да се омаловажи.

Кога Караџиќ, за време на судењето во Хаг во 2010 година, се соочи со Алмир Бегиќ, сведок кој изјави дека протетичката нога пронајдена на пазарот Маркале во Сараево, во 1994 година, му припаѓала на неговиот татко, Ќамил, кој бил убиен на ова место, Караџиќ особено уживаше во психолошката манипулација со Бегиќ, обидувајќи се да го убеди, а и судот, дека греши, дека протетичката нога која Бегиќ ја препознал всушност била лага, реквизит, дел од бошњачкиот заговор да се „изведе“ масакрот, а потоа за него да се обвинат босанските Срби. Поентата беше во суровоста.

Трајното наследство на Радован Караџиќ е во тоа што катастрофата што тој и неговите сојузници ја започнаа во Босна, продолжува.

Република Српска, ентитетот на босанските Срби, во чие создавање учествуваше и Караџиќ, а која со Дејтонскиот договор беше институционализирана како псевдо-држава, претставува континуирана рак-рана на Босна, главна пречка за напредокот на оваа земја.

Нејзиниот лидер, Милорад Додик, е посветен на сецесијата и иднината на својот народ ја гледа со Србија, а не со Босна, сака сите Срби да се обединат во една држава.

Водачите на Република Српска не само што доследно го негираат геноцидот извршен во Сребреница, туку активно се обидуваат да ја променат историјата и да воспостават сопствена верзија на настаните. Така, неодамна, беше објавено формирање на две нови комисии, кои ќе ја ревидираат историјата за геноцидот во Сребреница и за опсадата на Сараево, и ќе ја негираат вината на босанските Срби во овие злосторства.

Република Српска е таа каде што Радован Караџиќ живее како херој, каде што студентските домови се именувани по него. Србија е таа во која неговите книги се промовираат на Белградскиот саем на книгата и во која премиерот негира дека се случил геноцидот во Сребреница.

Последната надеж на Караџиќ за слобода исчезна, но неговиот политички проект продолжува.

Јелена Суботиќ е професор по политички науки на Државниот универзитет во Џорџија во Атланта. Автор е книгата „Одземање на правдата: Справување со минатото на Балканот“ и „Жолта ѕвезда, црвена ѕвезда: сеќавање на холокаустот после комунизмот“.
Мислењата изразени во овој коментар се мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.