Радикално слушање

Колумна на Ирена Цветковиќ

Живееме во врева. Нашата животна средина, меѓу другото, е загадена и од какафонија од мислења, ставови, реклами, информации и дистракции, кои постојано ни го одвлекуваат вниманието, без притоа суштински да комуницираат со нас.

Особено во изборните периоди, додека паралелно се водат кампањи на повеќе политички партии, голем број од луѓето се жалат дека во тоа бомбардирање со постојан стрим на информации и слогани, едвај и да остануваат ментално здрави. Па, и како да не полуди човек, кога нашите умови и души се нападнати од гласови, кои дури и не се замислени да нѐ информираат или едуцираат, туку да нѐ манипулираат и убедат. 

Отаде политичката арена, и приватните комуникации, но и јавните општествени дискусии ни се претворени во истиот тој шум, кој трае.

Комуникација не може да постои без слушање. Со други зборови, ние не комуницираме, туку говориме

Ние имаме многу што да кажеме, ама не умееме да слушаме. Кога различните од нас зборуваат, ние не слушаме. Наместо тоа, веднаш смислуваме одговор зошто тие не се во право, односно зошто ние сме во право. Таа хистерија да се биде на правилната страна, да се изговори сопствената визија за правичноста, правилноста, здравото и нормалното, полека, но сигурно ја уништи комплетно нашата способност, но и потреба да слушаме.

Па така, јавната сцена е полна со разногласија, кои вибрираат паралелно без да комуницираат меѓусебе, затоа што комуникација не може да постои без слушање. Со други зборови, ние не комуницираме, туку говориме. И тоа говориме сами на себе или единствено на нам сличните. Различните гласови, не само што не ги слушаме, туку на драго срце и би ги забраниле. Моето, мојот свет, само моите визии и само моите светогледи. Зар не е тоа вовед во фашизам? 

Зар не му дошло секому барем еднаш во животот да ги затвори ушите и да вресне – престанете веќе!

Да се вовлечеш во апсолутна тишина по бомбардирање од врева е секако очекувано, но не е полезно. Тоа е само инстант панацеа, која ќе придонесе до краткотрајно намалување на симптомите, но нема да ја допре, а камоли да ја искорени болеста. Лекот за оваа состојба на агитираност, односно епидемија на врева е единствено во слушањето.

Иако најголемиот дел од луѓето се родени со капацитет да примаат информации на различни начини, аудитивно, визуелно или тактилно, сепак слушањето е дисциплина што мора да се учи, постојано да се тренира и практикува. 

Радикалното слушање е поразлично од овој биолошки капацитет да примаме сигнали од другите. Тоа е концепт, кој заговара реторичко, односно длабинско слушање на другите без предрасуди и со пропустлив филтер. Тренирањето на радикалното слушање подразбира да умееме и да замолчиме за да дозволиме простор за другиот да ја изрази својата приказна без прекинувања, дури и ментални.

Радикалното слушање е концепт, кој заговара реторичко, односно длабинско слушање на другите без предрасуди и со пропустлив филтер

Тоа подразбира дозвола за себеси на еден вид скромност дека од приказната на другиот можеме да научиме многу за светот и да го разбереме колективот со кој го делиме животниот век. Политички, радикалното слушање е оставање можност да се слушнат токму оние гласови што често не се слушаат, кои се различни, кои се речиси сигурно и спротивни на нашите.

Гласови, кои можеби нѐ вознемируваат, нѐ нервираат и ни противречат. Сепак, земањето предвид на овие гласови претставува срцевина на демократијата.

Говорењето во еден глас, униформираноста и истоста се одлики на диктатури. Стотиците политички говори што ги живееме периодов се полни со флоскулите дека Македонија е земја на луѓе обединети во различностите. Сепак, и на врапчињата им е јасно дека тоа е една голема лага. Слушањето на различните гласови никогаш не претендира на обединување. Тоа е лесно. Да се слушнат оние со кои сме обединети, не е никаков напор.

Вистински тешка дисциплина е токму слушањето во необединетост. Ова радикално слушање бара напор и жртвување, ама е неминовно. Разликата е неминовна, и тоа ни го покажала цивилизацијата од своите почетоци до денес. Постоењето на различни светови, идеи и субјекти е нешто што ниту најсилната војска на светот не може да го промени или да го спречи.

Па, нам ни останува само едно нешто, да најдеме начин, најполезно и најгрижливо да се справиме токму со разликата. 

Интернетот и нашите дигитални светови, покрај многуте корисни работи, за жал донесоа и опасни предизвици. Еден од најопасните е можноста удобно да живееме во своите комуникациски меури или ехо-комори. Кога нашата генерација растеше, ние го имавме само физичкиот простор. Физичкиот простор е значително помал и поограничен од дигиталниот.

Токму затоа, нашите животи беа фрлени во предизвикот да делиме простор со различните. Нашите уши се навикнуваа на гласот на другиот. Денес, како да живееме во најмалку две Македонии. Едната на доминантно репрезентираната класа и другата на оние чии светогледи и животни пракси се замолчени и окарактеризирани, или како неважни, или како опасни.

Стотиците политички говори што ги живееме периодов се полни со флоскулите дека Македонија е земја на луѓе обединети во различностите. Сепак, и на врапчињата им е јасно дека тоа е една голема лага

Овие најмалку две Македонии постојат паралелно и, иако имплицираат меѓусебна нетрпеливост, страв, па дури и гадење и омраза, тие воопшто не се допираат и поврзуваат на ниеден можен начин. Овие Македонии се посебни светови без капацитети за креирање различни динамики меѓусебе, кои нужно не мора да значат помирување, но мора да претпоставуваат мостови на размена на идеи.

Суштината на политичкото се огледува токму во тоа како живееме заедно. Со други зборови, за демократијата клучно е прашањето како живееме со различните, со тие што ја загрозуваат нашата идеологија, со тие што сакаат да го менуваат нашиот свет.

Оттука, зрелоста на политичките опции лежи исклучиво во нивниот став кон малцинските гласови и нивните политички визии. Па така, во таа неподнослива врева на идеи, ветувања и визии ќе мора да се вгради и желбата да се слуша, и тоа да се слушаат токму алтернативните мисли.

Ако идејата за промена е она што нѐ води во нашето политичко мислење и дејствување, тогаш таа мора да дојде како последица на радикално слушање на различните, малцинските и маргинализираните гласови. Без тоа, нашата политичка и општествена заедница ќе остане само неподнослив простор, во кој тој што нема да полуди веројатно веќе и не е нормален.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија