Вести

Пред-дигитални општини: На телефон се добиваат, онлајн тешко

Граѓани ја тестирале респонзивноста на општините | Фото илустрацја: Јурај Варга/Пиксабеј

„Се чувствувам засрамено, срам ми е дека воопшто се обидов да ги прашам нешто“. Ова е сведочење на 41-годишна жителка на Општина Центар, која се обидела да ги исконтактира општинските власти онлајн и да побара нешто од нив, но по две недели не добила никаков одговор.

Искуството е споделено во истражувањето за комуникацијата на општините со граѓаните што го објави Интернационалниот републикански институт (ИРИ). Квалитативното истражување било спроведено во јуни и во јули 2023 година, во осум општини.

Шеесетина граѓани биле вклучени во тестирањето дали локалните власти ќе им одговорат на барањата. Некои им се обратиле онлајн, други по телефон, а трети лично.

Резултатите покажале дека и во денешниот дигитален свет, најтешко е да се добие нешто од општината онлајн. Граѓаните што се обратиле лично или преку телефон биле подобро и побргу услужени.

„Само ме прашаа за локацијата и ми рекоа дека ќе се обидат да направат поправки. Не ми кажаа точно време или датум, но по три дена сè беше поправено“, рекол еден од учесниците во истражувањето, 66-годишен гостиварец, кој се јавил да пријави проблем во своето маало.

Скопјанец што лично отишол во Општина Гази Баба, исто така, пренел позитивно искуство.

„Вработената ми ја објасни процедурата и ми даде насоки. Задоволен сум“, рекол тој.

Во извештајот на ИРИ се вели дека општините се екстремно нереспонзивни на барања на интернет. Само 33 отсто од испратените биле одговорени, и тоа најмногу во Струмица – четири од шест, а најмалку во Центар, нула од шест.

Учесниците во тестирањето се обидувале да ги добијат општините онлајн на повеќе начини – преку официјалните мејлови, контакт-формуларите на нивните интернет-страници или преку службените страници на социјалните мрежи. Сепак, како што дел од нив забележуваат, општините се однесувале како барањата воопшто да не постојат.

За некои учесници во тестирањето, тоа дури било сосема очекувано.

„Имав задача да ја исконтактирам општината преку интернет-страницата. Двапати го сторив тоа и не добив никаков одговор. Не сум изненадена. Ќе бев изненадена ако ми одговореа. Не им верувам. Претходно никогаш не сум им се обратила“, вели 33-годишна жителка од Кичево.

Дел пренеле и позитивни искуства од комуникацијата онлајн. Општините им одговориле на барањата и потоа извршиле некакви поправки или расчистиле ѓубришта, а како што сведочат граѓаните, тоа им ја зголемило довербата во локалната самоуправа.

Насловот на истражувањето е „Градење или кршење на довербата на граѓаните“. Целта било да се утврди како комуникацијата со граѓаните влијае врз тоа колку тие им веруваат на своите општини и градоначалници. Дел рекле дека порано имале целосно негативно мислење за првите луѓе на својата општина, но откако биле примени и разговарале за некој нивни проблем, го смениле ставот.