Вести

Голем пожар во Универзалната сала

Пламени јазици и чад излегуваа од објектот во реконструкција

Облак од густ чад се извија утрово над Универзалната сала. Пламени јазици излегуваа од сите страни на објектот пред очите на минувачите.

Со брза интервенција на противпожарните служби и на полицијата се локализираше огнот.

Пред Универзална сала се појавија министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоначалникот на скопски Центар, Горан Герасимовски.

Службите ги замолија и нив и граѓаните да се оддалечат од објектот поради нивната безбедност и за да имаат непречен пристап противпожарните возила, возилата на Водовод и полицијата.

 

Екипи на брза помош се паркираа на сообраќајната лента на „Партизанска“, пред Универзална на која беше запрен сообраќајот. Им укажаа помош на локалните жители кои вдишале чад.

На крајот на март беше поставена нова купола на Универзалната сала, кога продолжи да се реконструира објектот.

Градоначалничката Данела Арсовска откако дојде на функцијата ги стопираше градежните работи, кои почнаа додека градоначалник беше Петре Шилегов.

Потоа објектот го презеде Министерството за култура. Штом заврши реконструкцијата,  од околу 2 милиони евра, салата повторно требаше да му биде вратена на Град Скопје.

Новата купола беше поставена неодамна. Универзалната сала е затворена речиси девет години | Фото: БИРН

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека салата била празна, а во пожарот нема жртви и повредени | Фото: БИРН

Костадиновска-Стојчевска најави дека градбата ќе продолжи, а штетите од пожарот ќе се санираат со пари од осигурувањето | Фото: БИРН

Огнот се гаснеше од повеќе страни | Фото: БИРН

Полицијата и пожарникарите ги растеруваа насобраните од пред објектот | Фото: БИРН

„Партизанска“ пред Универзална блокирана за сообраќај | Фото: БИРН

Причините за избувнувањето на пожарот уште не се познати | Фото: БИРН