Вести

Драматичен скок на барања за пасоши по итна постапка во февруари

Над 13 милиони евра за пасош по итна постапка платиле граѓаните од септември до средината на март

Граѓаните платиле над 13 милиони евра за издавање пасош во итна постапка за половина година, покажува анализата на БИРН, изработена според добиените податоци од Министерството за внатрешни работи.

Од МВР побаравме одговори колку барања примиле за пасоши по месеци во редовна и во итна постапка, и колку од нив биле издадени од 1 септември 2023 година, заклучно со 15 март годинава.

Добивме статистика по месеци само за пасошите во итна постапка и вкупниот број издадени пасоши во редовна и во итна постапка.

Евиденцијата на одделението за информатика во МВР пресмета дека за периодот примиле вкупно 508.932 барања за пасоши, а издале 411.144 пасоши.

Бројките покажуваат дека речиси една третина од вкупно примените барања за пасоши се по итна постапка. Со други зборови, тоа значи дека околу 74 проценти од примените барања биле за издавање пасоши во редовна постапка, а приближно 26 проценти во итна постапка (132.948).

Статистиката е од добиените податоци на МВР | Фото-илустрација: БИРН

Ако во просек издавањето на еден пасош во итна постапка чини меѓу 6.200 и 6.400 денари, зависно од возраста, тогаш, за нешто повеќе од половина година, граѓаните за итно да добијат пасош платиле приближно 13,4 милиони евра.

Статистиката на МВР покажува и дека бројот на барања за издавање пасоши во итна постапка расте, како што растеше хаосот и неизвесноста околу добивањето термини за фотографирање.

Најмногу пасоши во итна постапка биле побарани кога престанаа да важат старите во февруари годинава, 36.100.  Тоа е речеси двојно, споредено со декември и јануари, кога тој број бил околу 20 илјади месечно.

Loading...

Loading…

Оваа тенденција продолжува, со тоа што само во првата половина од март, МВР примило 17.832 барања за издавање пасоши во итна постапка.

Според Законот за патни исправи, пасошите во редовна постапка треба да се издаваат во рок од 15 дена од денот на земање на биометриските податоци. Но, според реакциите на граѓаните, тој рок скоро редовно се пробива, поради големиот број барања и ограничениот капацитет за издавање пасоши.

Искуствата на граѓаните покажуваат дека за да добијат пасош по редовна постапка сега чекаат и по 45 работни дена.

Борбата за добивање нов пасош или лична карта кулминира лани во декември, кога граѓаните пред пунктот во полициската станица „Пролет“, кој функционираше без закажување, со часови чекаа во редици на минусни температури.

Таа пракса се смени. Но, и натаму останаа проблемите со доцното закажување термини за земање биометриски податоци и добивање пасош во законскиот рок.

Дванаесетти февруари годинава беше последниот ден со кој земјава можеше да се напушти со пасош со старото име на државата. По тој рок, земјава може да се напушти со пасош со новото име на државата.

Во оние држави со кои имаме договор, границите може да се преминат и со лична карта.