Додека новоизбраните градоначалници ги трошеа првите недели од новите мандати, Меѓународниот републикански институт, ИРИ, во ноември нарача истражување на јавното мислење на македонските граѓани за повеќе теми. Резултатите се објавени денеска.
Во пандемиската 2021 година, кога државата почна да го затега ременот за трошење, испитаниците, меѓу другото, за првпат одговараа и за уште една невралгична точка за граѓаните – финансирањето на политичките партии, која често знае да ги разгоре страстите на социјалните мрежи.
Причината е јасна – партиите се големи буџетски трошаџии.
Наодите на истражувањето на ИРИ, пак, го потврдуваат она што со години е познато, дека кога се во прашање парите и партиите, јавноста – многу малку знае. Од тоа колку, всушност, пари од буџетот се одвојуваат за партиско финансирање, па до тоа колку луѓе навистина виделе некаков извештај за потрошеното.
Како резултат на тоа, речиси воедначен е одговорот на прашањето за нивната транспарентност. Дека се отчетни партиите, сметаат одвај еден отсто од испитаниците. Ист е процентот, еден отсто и кај тие што мислат дека нема корупција и злоупотреби кај финансирањето на партиите.
Речиси 90 отсто ни чуле, ни виделе партиски извештај
Речиси 90 отсто од анкетираните не виделе никаков документ, листа на донатори или извештај за тоа како партиите им ги трошат парите што ги добиваат од државниот буџет. Сепак, речиси половината се изјасниле дека партиите „до некаде“ (28%) и „целосно“ (22%) не ги објавуваат финансиските извештаи, што им е законска обврска.
БИРН уште пред изборите во 2020 истражуваше и покажа дека партиите се слабо отчетни.
Во тоа време, кај четири од шесте најголеми партии што влегоа во парламентот, годишните финансиски извештаи што им се законска обврска, или ги немаше, или не се отвораа на партиските веб-страници.
Оттаму и не зачудува податокот дека за големото мнозинство – партиите не се отчетни. „До некаде нетранспарентни“ и „целосно нетранспарентни“ заедно се 69 отсто.
За работата на партиите, информациите до граѓаните доаѓаат главно од телевизиите (70%); Фејсбук (35%) и од другите интернет-извори. Речиси 60 проценти сметаат дека информациите и треба да доаѓаат од телевизиите.
Во анкетата на ИРИ било поставено прашањето дали знаат колку пари годишно од буџетот се издвојуваат за финансирање на партиите, сума што со измени на Законот за финансирање на политичките партии „скокна“ од 0,06 на 0,15 отсто од буџетот.
Речиси половината, односно 48 отсто, одговориле дека не знаат или не сакале да одговорат на ова прашање. Само 19 отсто од испитаниците погодиле дека од буџетот за партиските активности се издвојуваат најмногу до пет милиони евра.
Надзорните тела под радарот на јавноста
Впечатокот од анкетата на ИРИ е дека, не само трошењето на партиите, туку ниту надзорните институции што треба да ја контролираат нивната работа, јавноста тешко ги препознава.
Осум проценти од испитаниците никогаш не чуле дека постои Државен завод за ревизија, кој, пак, е овластен да го проверува финансирањето на партиите.
Ова го потврдува уште еден податок – 39 отсто сметаат дека Државната изборна комисија нема контрола над финансирањето на партиите.
А на прашањето за исполнување на обврската на институциите за контрола на финансиските извештаи на партиите, одговорите се поделени. Околу една третина од испитаниците (31%) изјавиле дека институциите некако ја исполнуваат таа обврска, а 33 отсто дека „донекаде не ја исполнуваат својата обврска“.
Но, независно од шаренилото одговори околу партиското финансирање, кое укажува на немање доволно информации, испитаниците се речиси сложни во ставот за можноста од корупција и злоупотреба во овој дел од партиското финансирање.
На скалата од 1 до 5, вкупно 64 отсто ги дале највисоките оценки, односно дека сметаат оти има корупција и злоупотреби. Помалку од еден процент испитаници сметаат дека нема корупција во финансирањето на партиите.
Анкетата е спроведена од 27 ноември до 23 декември лани во претходниот владин состав и пред инвазијата врз Украина, на примерок од 1.226 испитаници. Статистичката грешка е +/- 2,8 отсто.