Регион

Исклучување на Украина: политиката зад балканските енергетски промени

Србија ќе заработи од одлуката на Унгарија да зема гас преку Туркстрим, а не преку Украина. Но, по која цена?

Кога унгарскиот премиер Виктор Орбан овој месец побара од Русија дополнителни милијарда кубни метри гас годишно, тајмингот предизвика многу прашања кај многумина, со оглед на зголемените стравувања од руска инвазија на Украина.

Претседателот Владимир Путин му рече „да“ на својот унгарски сојузник. Но, вистинската навреда за Украина дојде неколку месеци порано, во септември 2021 година, кога Будимпешта постигна два долгорочни договори со рускиот енергетски гигант Газпром до 4,5 милијарди кубни метри годишно, не преку Украина, како што беше пракса претходно, туку преку Туркстрим.

Оттогаш, најголемиот дел од рускиот гас што стигнува до Унгарија поминува под Црно Море и преку Србија и ја исклучува Украина.

Киев го нарече потегот „чисто политички“ и „економски неоправдан“.

Професорката од „Харвард“ Маргарита Балмакеда, авторка на книгата од 2021 година Руски енергетски синџири: преработка на технополитика од Сибир до Украина до Европската Унија, го нарече договорот од септември 2021 година „одлука од огромно значење“, на која малкумина обрнаа внимание, надвор од Украина.

„За мене како човек кој многу години работи на енергетиката во Украина и некој што контактира со украинските политичари и аналитичари, ова беше навистина како студен туш“, изјави Балмакеда за БИРН. Образложението за другите вклучени земји е јасно, но не е без своја цена.

„Сон на многу мали земји во Централна и во Источна Европа е да станат центар за гас“, рече Балмакеда. „Да, тоа го подига нивниот профил геополитички,но во случајот со Србија со ризик дека ова нужно не води кон подобрување на односите со Европската Унија“.

Средба Вучиќ – Путин во Москва Фото: predsednik.rs

Пониските цени привлечни за политичките лидери

Туркстрим носи руски гас под Црно Море до Турција и до бугарската граница, од каде што Балкански тек потоа го носи гасот преку Бугарија во Србија. Гасот почна да тече во јануари 2021 година, една година по свеченото отворање на гасоводот каде што присуствуваа Путин, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, потоа бугарскиот премиер Бојко Борисов и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ, исто така, неодамна разговараше за гасот со Путин, заклучувајќи ја во ноември цената за шестмесечни испораки на руски гас, откако на крајот на минатата година истече долгорочниот договор со Гаспром.

Вучиќ, како и Орбан, бара нов долгорочен договор за гас со Русија.

Балмакеда вели дека со учеството во Балкански тек и стапувањето во долгорочна врска со Гаспром, „Можете да видите многу јасна добивка“ за индивидуалните политички лидери во тие земји.

„Конкретно, некои од одредбите на долгорочните договори овозможуваат пониски цени на природниот гас. Тоа е нешто што го поддржува унгарскиот режим, особено унгарската актуелна партија на власт, како и српската влада“, изјави таа за БИРН.

Но, додаде Балмакеда, „ако имате долгорочен договор, тогаш може да се случи да се појават поевтини извори и ако сте врзани за долгорочен договор, тогаш имате проблем“.

Кога гасот почна да тече низ Балкански тек во 2021 година, Вучиќ наведе „значајни заштеди“ за Србија. Балмакеда, сепак, тврди дека, „ако само ја погледнете цената на транспортот на транзитот, транзитот низ Украина е полесен, помалку технички комплициран и пократок“.

Домашни размислувања

Одлуката на Орбан да ја заобиколи Украина беше многу штетна за Киев, рече Балмакеда.

„Тоа е навистина лошо бидејќи оние од нас кои многу длабински гледаат на техничката страна на нештата, знаат дека ако немате доволно притисок во нафтоводот, тоа ќе биде проблем, од многу, многу причини,“ изјави таа за БИРН.

Договорот се случи делумно благодарение на блиската врска помеѓу Орбан, самопрогласениот шампион на „нелибералната демократија“ и Путин.

„Нема да кажам дека ова е близок унгарско-руски однос, тоа е идеолошка и политичка калкулација, која се базира на блискоста со г-дин Путин и тој тоа го користи“, рече Балмакеда.

Но, има и други причини во врска со положбата на етничкото унгарско малцинство во Украина, прашање кое останува важно за некои унгарски гласачи.

„Локалниот унгарски политички контекст е навистина, навистина важен“, вели Балмакеда. „Ќе има избори во април и тој (Орбан) е послаб отколку што беше во претходните години“.

Милица Стојановиќ