Репортажи

Исповед: Девет дена молев за абортус зошто плодот ќе експлодираше во мене!

Патешествие на скопјанка која во седмиот месец итно морала да ја прекине бременоста. Процедурите, согласно законските измени, траеле опасни девет дена

abortus

Триесетишестгодишна скопјанка, во август годинава, наместо да ја подготвува новата детска соба за приновата, таа завршува на Клиниката за гинекологија како итен случај. Во седмиот месец од бременоста било утврдено дека таа носи плод со малформации – органите на плодот биле потиснати, а белите дробови и желудникот полни со вода. Таа морала итно да изврши абортус, бидејќи здравјето ѝ било во опасност.

Да се сретнете и да разговарате со жена која поминала низ сите процедури што ги предвидуваат измените во Законот за прекин на бременоста и која поминала низ толку трауми, навистина не е лесно.

Марија беше една од ретките
штосе согласи да говори за
нејзиното патешествие – од
моментот кога дознала дека
мора итно да ѝ биде отстранет
плодот, таа се судира со безброј
процедури, чекање и одење по
клиники и молби

Во овој текст ќе ја наречеме Марија, за да ја заштиме нејзината приватност – доволно беше што таа се охрабри да ни раскаже еден интимен дел од нејзиниот живот за да ни илустрира дека долгите процедури додека да се изврши абортус не се така едноставни како што се сака да се прикаже во јавноста.

Оваа жена ја посакувала втората бременост. Сакала братче или сестричка за нејзината тригодишна ќерка. Не ни претпоставувала со што ќе се судри во седмиот месец од бременоста, а уште помалку претпоставувала низ какви сè процедури треба да помине додека да ѝ биде извршен абортус.

Марија беше една од ретките што се согласи да говори за нејзиното патешествие – од моментот кога дознала дека бременоста мора итно да биде прекината, таа се судира со безброј процедури, чекање и одење по клиники и молби да биде отстранет плодот кој претставувал сериозна опасност по нејзиното здравје.

Наместо да се радува на доаѓањето на новиот член на семејството, за еден ден, нејзиниот живот се менува – таа почнува да стравува за нејзиниот живот, откако цели девет дена морала да трча по институциите за да ги заврши сите процедури потребни за да се отстрани плодот.

Девет дена како девет години

Со Марија се сретнавме во кафуле во Старата чаршија. Делуваше смирено, како длабоко во себе да го закопала она што ѝ се случувало деветте дена низ македонските болнички установи.

„Требаше да дојде и сопругот на ова интервју“, ни рече. „Тој подобро памети што точно се случуваше, јас бев во бунило “, ни вели таа.

Патешествието што го поминала низ клиниките додека да добие согласност за да абортира Марија ни ги раскажуваше час и половина.

„Не знам дали ќе сменам нешто со ова, но сакам јавноста да знае. Јас во себе носев темпирана бомба, плод кој може да експлодира во секој момент, а бев принудена да трчам по комисии за да добијам согласност за прекин на бременоста“, раскажува таа низ солзи.

Насмевката за момент
ѝ се врати на лицето
кога почна да се сеќава
на денот кога останала трудна.
„Одамна планиравме да имаме
второ дете“, ни вели таа,
„и бев пресреќна кога дознав“

Насмевката за момент ѝ се врати на лицето кога почна да се сеќава на денот кога останала трудна. „Одамна планиравме да имаме второ дете“, ни вели таа, „и бев пресреќна кога дознав“.

„Беше февруари, памтам дека беше многу студено кога одев да го купам тестот за бременост…“, се потсетува младата скопјанка и додава дека од почетокот имала мали проблеми со бременоста, но, редовно одела кај матичниот гинеколог на контроли.

„Сепак, бев уплашена, уште од старт како да знаев дека нешто наопаку ќе тргне…“, ни раскажува Марија.

Во август годинава, во седмиот месец од бременоста, пред да замине на одмор, таа направила контролно ехо. Воопшто не очекувала да го слушне она што го слушнала од матичниот гинеколог.

„Ме виде и веднаш ми рече – ова не чини, под итно треба да се вади! Ме прати во „Систина“ каде што ме пречека докторка која после 10 секунди гледање на ехо рече, ова е лош случај, мораш веднаш на клиника, плодот мора да се отстрани“, се потсетува Марија на еден од нејзините најлоши денови.

Кога отишла на Клиниката за гинекологија била прегледана од докторка која ѝ соопштила дека плодот не е во ред. Иако претходно Марија немала никакви тегоби, па дури и се качувала на Водно, она што се случувало со плодот било повеќе од сериозно. Докторката ѝ кажака дека органите на бебето се потиснати, а белите дробови и желудникот полни со вода.

„Таа рече дека мора да се испита зошто ми се случило ова, а јас инсистирав дека ако плодот не е во ред, веднаш да се извади“, раскажува Марија додека го пиеме чајот.

Откако ѝ била дадена дијагноза и ѝ било кажано дека треба да лежи на Одделението за патолошка бременост, Марија и нејзиниот сопруг се вратиле кај матичниот гинеколог за да земат упати. Сето ова се случува во еден ден, а со секоја наредна минута, паниката и неизвесноста сè повеќе растеле.

„Зедов болнички упат и упат за трансфузиологија. Другиот ден отидов со сопругот на патолошка, влегов, им ги дадов документите им кажав дека треба да лежам. Сестрата ми рече да почекам. Чекав два саати во ходникот, никој не излезе. Повторно влегов, им велам – луѓе чекам два саати, кажете ми што чекам?! Излезе една сестра, ја виде историјата и ми рече – овде нема место за тебе, јас немам каде да те легнам!“, го раскажува Марија нејзиното патешествие.

Но, проблемот не е само во немањето слободна соба во болницата. Тој августовски ден во ходникот на болницата Марија првпат слушна дека за прекин на бременоста ѝ е потребно одобрение од комисија.

„Кога прашав која и каква е таа комисија, сестрата ме фати за рака, ме извади надвор и ми ја покажа вратата и рече – ете таму треба да одиш и да си закажеш. Во меѓувреме од вратата излезе една жена, за која подоцна се испостави дека е член на комисијата, и ми рече да дојдам во вторник во 10 часот бидејќи комисијата се состанувала само еднаш во неделата“, вели Марија.

Во меѓувреме, дошол викенд. Марија во таква состојба морала да седи дома и да чека да дојде вторник за да се сретне со комисијата.

„Во тоа време ослабев пет кила, се тресев, знаев дека носам нешто во себе што не смеам да го носам, а седев дома со денови и не знаев што со себе“, вели Марија.

Тогаш на нејзиното лице почна да се чита вознемиреност.

„Морам да ти земам една цигара. Не пушам, ама сега така ми дојде…“, ми рече, пред да го продолжи разговорот.

Иако упорно се обидуваше да ги скрие емоциите, неизбежно беше тие некако да избијат.

Ако дочекам второ дете, не сакам да го родам тука

Дошол вторник, денот кога младата жена требало да се сретне со првостепената комисија која се состои од гинеколог, психолог и социјален работник.

Марија влегла во големата канцеларија, а трите жени биле седнати од едната страна на просторијата. Столчето на другата страна е предвидено за жената која сака да ѝ се изврши абортус. И тогаш почнува процедурата.

„Им ги дадов сите документи што ги имав, ги разгледуваа, и едната од нив ми рече – па што си дошла ти овде?! Им реков, па ако не знаете вие да ми кажете, јас искрено не знам зошто сум дошла! Тука веќе дојде шокот, почнав да плачам, да им објаснувам, да молам… Викав на цел глас, луѓе дали знаете дека носам плод што не треба да го носам?!“, раскажува младата скопјанка.

Членовите на комисијата одбиле да потпишат додека не ја прегледаат. Марија повторно морала да оди на на одделението за патолошка бременост.

„Влегов на патологија, но сестрата повторно ме избрка назад со зборовите – кој ти рече да влезеш? Тогаш маж ми доби напад и почна да вика – како не ви е срам, цела недела нè шетате, жената има упат за да лежи, а вие си играте!“, се потсетува таа.

Дури тогаш ѝ бил дозволен влез на одделението за патологија. Она што е најстрашно, вели Марија, е фактот што само со повишен тон успеала да влезе.

„ Ако си чекаш културно, ќе те мавтаат секој ден. А ако се дереш и викаш, тогаш ќе те слушнат“.

Конечно, таа била прегледана, а гинекологот, член на комисијата, рекол дека ќе потпише дека плодот треба да се извади, бидејќи доколку го роди детето, шансите тоа да преживее се минимални. Тоа било првото конкретно нешто што Марија го слушнала после сите прегледи. „Колку ова и да звучи лошо, барем малку ми олесна, во сиот кошмар што го имав“, додава Марија.

Но, тука не завршило нејзиното патешествие. На клиниката ѝ кажале дека ако до 28-та недела не абортира, ќе мора да оди пред второстепена комисија во Министерството за здравство.

„Јас веќе бев влезена во таа 28 недела и им кажав, ако го надминам овој рок, јас ќе ве тужам, бидејќи немаше шанса да чекам повеќе и да барам потпис од министерството“, вели Марија.

Така и почнал процесот на абортус. Тројцата членови на комисијата потпишале а Марија за еден ден успеала да ги избегне процедурите пред второстепената комисија. Неблагодарно е за вакво нешто да се каже дали е тоа среќа во несреќа. Но, како и да е, тој еден ден ја спасил Марија од одолговлекување на процедурите.

„Ми ставија инекција и од патологија ме префрлија на Ургентен гинеколошки центар. Во 4 часот утрината почнав да раѓам. Во породилната сала имаше 15 боксови и сите беа зафатени. Ме ставија на последниот, чекав и никој не доаѓаше. Плодот почна сам да излегува, молев да ме породат. Не можев повеќе да издржам, веќе сама, со свои раце го вадев плодот. Ме виде една една хигиеничарка и ги викна докторите. Се породив за две секунди. Само што го извадија, плодот буквално пукна, експлодира. И на сето тоа, докторката ми вика – ако си почекала уште малку, ова ќе експлодираше во тебе и ти ќе отидеше! Немав сили да ѝ кажам дека не чекав по своја волја“.

Другиот ден, Марија била пуштена дома. Вели дека после сето тоа што го доживела, морала да биде силна поради нејзината тригодишна ќеркичка.

„За тие девет дена, и на мене и на мојот сопруг буквално ни се скратија животите“, вели таа.

„Дома имам девојче од 3 години кое чувствува кога не ми е добро. Со брзина на светлината морав да се вратам на нозе, само поради неа“, вели Марија.

Таа е една од многуте пациенти кои согласно законските измени, мора да добијат согласност за да извршат абортус од страна на комисија, без разлика дали станува збор за здравствени или пак за лични причини. Процедурите за сето ова, според невладините организации кои се противеа на донесувањето на овој закон и безуспешно го оспорија пред Уставниот суд, го ограничуваат правото на жената да донесе самостојна одлука за да ја прекине бременоста.

Искуството на Марија ни илустрира само една од процедурите што морала да ги помине една жена која поради здравствени проблеми морала да ја прекине бременоста. Останува отворено прашањето низ какви процедури минуваат оние кои од лични причини сакаат да извршат абортус.

Со Марија го допиваме чајот во Старата чаршија. Неколку пати, пред да се поздравиме, ме праша дали тоа што се решила да ми ја раскаже нејзината приказна, ќе смени нешто за да се скратат процедурите за прекин на бременоста. На ова прашање, навистина немав одговор. Или не сакав да го изговорам на глас.