Историчарот кој сведочеше во процесот што се води за рехабилитација на српскиот премиер од Втората светска војна, Милан Недиќ, изјави дека неговата колаборационистичка лојалност кон германскиот режим била „апсолутна до самиот крај”.
Филип Рудиќ, Белград
Пред Вишиот суд во Белград, историчарот, Милан Ристовиќ, во понеделник изјави дека премиерот на колаборационистичката влада на Србија, во Втората светска војна, Милан Недиќ, му бил „апсолутно лојален” на нацистичкиот режим, и дека неговите изјави и акции биле антисемитски и во насока на поддршка на Германија.
„Тој веруваше дека Србија треба да стане дел од новиот поредок, што го гради Третиот рајх. Веруваше во исправноста на својата политика и веруваше дека Србија ќе стане дел од новата германска Европа“, рече Ристовиќ.
Како што пренесува новинската агенција Бета, Ристовиќ истакнал дека Недиќ се состанал со српскиот фашист, Димитрије Љотиќ, и со германскиот агент, Рудолф Троја, на кој состанок решиле дека Евреите треба да се отстранат од Србија.
Ристовиќ, професор на Катедрата за историја при Филозофскиот факултет во Белград, истакна дека Недиќ наредил апсење на полицајците кои се криеле, бидејќи не сакале да бидат ангажирани во српската државна стража.
Додаде дека Недиќ, во јуни 1942, испратил писмо до германските власти, со барање да се издвојат еврејските офицери од другите, за да се избегне „еврејско-болшевичката пропаганда”.
Според историчарот, Недиќ им потврдил на Германците дека е подготвен да прифати „масовни егзекуции” и одмазда кон непријателите на режимот.
Како што истакна, Недиќ морал да знае што се случувало во концентрациониот логор Бањица во Белград, кој го водеа членовите на Вафен-СС, но оти не направил ништо за да помогне некому кој бил внатре.
„Во ноември 1944 година, Недиќ изнел став дека Германија е најголемиот столб на кој Србија може да се потпре … иако во тоа време, исходот на војната веќе бил познат”, изјави Ристовиќ.
Недиќ беше премиер на т.н. Влада за национален спас, марионетска влада на Србија во Втората светска војна, која беше на власт од август 1941 до октомври 1944 година, кога од Белград беше евакуирана во Австрија.
Кратко потоа, Недиќ бил заробен од Американците, кои го вратиле во Југославија.
Комунистичките власти го обвинија за соработка со Германците и за предавство, но судската постапка против него била прекината, бидејќи Недиќ извршил самоубиство во затворската ќелија, во февруари 1946 година.
Процесот за негова рехабилитација започна во декември 2015 година, на барање на семејството на Недиќ.
Семејството тврди дека тој не бил предавник, виновен за предизвикување на страдањата за време на фашистичката окупација на земјата, како што соопштиле југословенските комунистички власти, кога го процесирале по Втората светска војна.
Правнукот на Недиќ и неговите сојузници, тврдат дека профашистичкиот премиер им дал засолниште на 600.000 Срби од целиот балкански регион, кои избегале на српска територија за време на Втората светска војна, со што ја гарантирал нивната безбедност.
Следното сослушување ќе се одржи на 22 јануари.