Анализи

Историја на Договорот за „добрососедство и поделби“

Реакциите и на првиот македонско-бугарски договор беа жестоки и одеа до крајност

Бугаризирање на Македонија или воена психоза? Вреден подарок или Тројански коњ? Национално предавство или европеизација на државата? Теми и дилеми отворени во медиумите. Пред повеќе од 20 години.

Реакциите на првата декларација за пријателство меѓу Македонија и Бугарија на 22 февруари 1999 година, зачувани во медиумските архиви што ни беа достапни, покажуваат дека по ова прашање и во тоа време имало, не само целосно спротивставени ставови, туку и крајно жестоки реакции, во кои едната страна излегуваше со речиси апокалиптични тврдења, а другата обвинуваше дека тоа се небулози и дека треба да гледаме кон иднината.

Своевидна историска иронија е што тогаш улогите беа  сменети, па ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Љубчо Георгиевски беше партијата што „ја гледаше европската иднина“, а СДСМ беше партијата што ги „бранеше македонските национални интереси“.

„Ќе се претвориме во национално обезличена маса, со држава, но без национална припадност, па уште и со бугарско потекло“, велеа тогаш високи функционери на СДСМ.

Драматични времиња

Договорот предизвика внатрешен раздор | Извор: Дневник, Вечер, Старт

Воопшто не ѝ недостасуваше  драматичност на политичката сцена во февруари 1999 година, кога Георгиевски како тазе премиер (не беа поминати ниту сто дена од неговата нова влада) одлета во нормализирачка мисија во Бугарија и се врати со декларација за пријателство и економски договори потпишани на „македонски и на бугарски јазик согласно Уставот на Македонија и Уставот на Бугарија“, како и со подарок од 150 тенкови и 150 хаубици.

Тоа беше време кога домашната јавност беше целосно преокупирана со косовската криза. Преговорите во Рамбује, Франција, беа пред неуспех, и се чекаше само почетокот на меѓународната интервенција против Југославија. Бегалците од Косово веќе пристигнуваа во земјата, што од голем дел од населението се доживуваше како опасност, а на трафиките можеа да се видат и насловни страници со „Косовизација на Македонија“ и со слика од мајка со деца како ја преминуваат границата.

Освен што беше дел од оваа регионална ситуација како прв сосед на Косово, Македонија си имаше и свои проблеми. За првпат во земјата имаше „кохабитација“ на претседател на државата од една партија (Киро Глигоров, кој победи како кандидат на СДСМ во 1994) и влада од друга (предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Георгиевски). Се чини дека тогаш двајцата ги поставија основите на веќе традиционалните лоши односи меѓу двете главни институции кога тие се во рацете на различни партии . Традицијата ја продолжија и Црвенковски и Груевски од 2006 до 2009 и Иванов и Заев од 2017 до 2019 година.

Заострувањето на односите влада – претседател не дојде случајно, или само поради партиската припадност, туку беше последица на признавањето на Тајван. Тоа резултираше со прекин на односите со Кина и со кинеско вето во Советот за безбедност на Обединетите нации, со кое во безбедносно чувствителен момент се прекина мисијата на УНПРЕДЕП во Македонија.

Токму по потпишувањето на бугарскиот договор, претседателот Глигоров одржа говор во Собранието и, осврнувајќи се на неговото изолирање во двата случаи, изнесе силни обвинувања за владата.

„Во овој момент, во Македонија институциите на системот не функционираат како што треба, а нивните меѓусебни односи се нарушени. Затоа беше и мојата констатација дека е извршен мал државен удар. Настаните што следеа само го потврдија тоа“, рече Глигоров.

„Ние сакаме да ја браниме нашата уставна позиција и одговорни сме пред Парламентот, а не пред претседателот“, одговори Георгиевски.

Институционалниот раздор во земјава стана тема и во Бугарија, кога тамошните новинари ја прашале вицепремиерката Доста Димовска дали претседателот Глигоров може да биде пречка во спроведувањето на договорот меѓу двете земји.

„Глигоров и Милошевиќ се последните комунистички диктатори на Балканот, а времето на Глигоров наскоро ќе заврши“, им одговорила Димовска.

Изненадени и вознемирени

Бегалската криза од Косово доминираше на насловните страници | Извор: Старт

Едностраноста и партизацијата на институциите денес не заслужува ни една подигната веѓа, но за тогашните медиуми таа беше изненадување, ако се гледа колку внимание ѝ посветија и на кој начин ја третираа. 

„Едреник без кормилар“, пишуваше неделникот „Пулс“, анализирајќи ја дипломатијата, а имаше и наслови како: „Кохабитација или национална фрустрација“ и „Демократска криза или криза во демократијата“.

„Нема поголем индикатор за криза кога претседателот тврди дека има пуч во однос на неговата позиција и на институциите во системот, а премиерот дека претседателот води политика на дестабилизација на владата“, се вели во текстот на неделникот „Денес“.

Тоа беше време во кое јавноста почна да се навикнува на политичката сцена, во која прашањето која партија ќе се поддржи, се издигнува на прашање на живот или смрт, нешто што не е надминато ниту денеска. „Нова Македонија“ ја опиша оваа состојба во коментар со наслов „Воена психоза“.

„На овие работи им се дадени драматични димензии и се издигнати на ниво од кое е поставено прашањето на опстанокот на државата и на нацијата. Јавноста е анимирана до степен во кој треба да се донесе судбоносно решение што повеќе сака – или оваа власт, или Македонија со актуелната опозиција. Трето нема“, оценува весникот.

Со сите тие случувања, темата за македонско-бугарските односи имаше голема конкуренција за место на насловните страници. Најжестоките противници на декларацијата за пријателство ја искористија така поставената сцена за да го најават крајот на македонската држава, која, освен соседите, ја растураат и големите сили. 

 Тројански тенкови

Графитите ги отсликуваа сомневањата во декларацијата за пријателство | Извор: Пулс

„Секој Македонец што имаше можност да го види и отслуша Љупчо Георгиевски на прес конференцијата во Софија по потпишувањето на декларацијата за добрососедство, секој што ги забележа блажените изрази на среќа и восхит на лицата на премиерот и првиот владин кадровик Доста Димовска, доколку имаше малку чувство за достоинство, за вкус и мерка, мора да се чувствувал посрамено и бедно“, порача неделникот „Старт“ во својот редакциски коментар.

Георгиевски во него се опишува како „човек што нема никаков респект кон сопствениот народ и кон земјата во која е на власт“, а тоа се објаснува со неговото потекло, односно дека „неговите предци немале поим кои се и што се и како такви им служеле на разни соседски политики“.

Со декларацијата, Македонија се откажа од грижата за македонското малцинство во Бугарија, што беше на нож дочекано во македонската јавност. 

„Ова е предавање на малцинството во окупираниот дел од Македонија“, реагираше лидерот на МААК, Страшо Ангеловски. 

Таа содржеше и одредба за „спречување на пропагандата од страна на институции и агенции и активности на приватни лица насочени кон поттикнување насилство, омраза и други слични дејствија што би им наштетиле на односите меѓу Република Македонија и Република Бугарија“. Ова се толкуваше како протната одредба со која Македонците ќе смеат да го зборуваат само она што ѝ се допаѓа на Бугарија.

„Секоја активност на Македонците ќе може да се подведе под ова“, вели една колумна во „Пулс“.

Протнувањето одредби за кои се сугерираше дека јавноста допрва ќе се свести што значат, односно „ќе бидат основа за понатамошно негирање на македонската нација и јазик“ (како што официјално изјавуваше СДСМ), во медиумите беше илустрирано на различни начини, меѓу другото, и со карикатура во која меѓу подарените 150 бугарски тенкови за Македонија има и Тројански коњ.

На отворените страници на „Дневник“ се најде коментар во кој се тврди дека Македонија самата си ги ампутира уставните права и обврски за грижата на националните интереси.

„Јасно е дека според проѕирните ставови на бугарската страна, станува збор за македонскиот јазик од 1991 година, административно-државен, донесен со декрет, научна измислица „Караџиќ-Конески“, скопско-српски јазик“.

Но, Декларацијата немаше противници само во Македонија. Против неа е и тогашниот пратеник Красимир Каракачанов, денес министер за одбрана на Бугарија. Тој застанал на страната на која биле и лидерот на Бугарската социјалистичка партија, Георги Прванов, јавниот обвинител Иван Татарчев и други, според кои Бугарија направила „тежок политички компромис“.

Наспроти жестината со која настапуваа противниците на договорот, позициите на поддржувачите се движеа меѓу две точки. На едната беа тврдења дека спорот со Бугарија е конечно решен, а на другата ставовите дека, иако за некои делови има сомнеж, треба да му се даде шанса на договорот.

„Треба ли да се смета за вина, а не за успех, тоа што е потпишано сега, тоа што се нормализирани односите, тоа што е решен јазичниот спор“, се порачува во редакцискиот коментар на „Нова Македонија“, тогаш сè уште во државна сопственост.

Уреднички коментар на „Дневник“ стравувањата ги нарече „фобија без основа“.

Дежа ви

Премиерите Заев и Борисов по потпишувањето на договорот во 2017

Две децении подоцна, Македонија потпишува нов договор за добрососедство со Бугарија. Тој повторно е потпишан на „македонски јазик според Уставот“ и повторно има судир што значи тоа за јазикот како идентитетска одредба. Повторно има одредба што забранува „непријателска пропаганда“ и од приватни лица. И повторно се бара откажување од малцинството и усогласување на историската вистина. 

Дваесет години подоцна, поради спорот со Бугарија, земјава  е блокирана на патот кон ЕУ , па тие што бараат начин како да се излезе од ќор-сокакот, се доживуваат како предавници. 

 За разлика од претходно, процесот го водат социјалдемократите, а некогашните „бугараши“ од ВМРО-ДПМНЕ, или веќе не се во таа партија (експремиерот Георгиевски), или се сега жестоки во предвидувањето за губењето на идентитетот и разнебитувањето на земјата. И гласноговорници на едната или на другата страна од тоа време, денес може да се најдат на спротивната позиција. 

Во регионот нема војни, но има сѐ уште отворено или не сосема решено косовско прашање и најави за нови геополитички прегрупирања. Бегалците не се од Косово, но и натаму населението ги доживува како опасност. Односите со Кина се билатерално нормализирани, но меѓународно оптоварени со ривалството меѓу таа земја и Западот.

Сѐ е речиси исто. Само подарените тенкови се одамна стопени како старо железо.