Шок и неверување владее меѓу политичката и експертската јавност, по говорот на претседателот Ѓорге Иванов, кој ги аболицираше сите политичари против кои се води истрага, има обвинение или пресуда.
Неверојатен пресврт доживеа политичката криза во Македонија откако претседателот Иванов, во дух на теорија на заговор обзнани дека Македонија е жртва на „странски“ интереси кои намерно креираат политичка криза. Поради тоа, тој се решил да го пресече „Гордиевиот јазол“ и да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е покренато обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна, а сето тоа „во интерес на државата и на нацијата“.
„Сето она што се случуваше во изминатиот период резултираше со досега невидена политичка компромитираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување, бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа што работите отидоа толку лично и далеку. Си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства само да не бидат поразени на следните избори, зошто не знаат до каде оди другата стана во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата“, рече Иванов.
Тој нагласи дека одлуката ја донел самостојно, без да се консултира со кого и да е.
„Ако се консултирав со нив знаев дека ќе ме одбијат и агонијата ќе продолжеше“, рече Иванов, претпоставувајќи дека најголем дел од аболицираните не се виновни за делата за кои се товарат и рече дека доколку некого пропуштил да помилува тоа дополнително ќе го стори.
Првичните толкувања на говорот на Иванов, кој не соопшти конкретни имиња, одат во насока на тоа дека се ослободени од каква било кривична одговорност поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, бившиот министер за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, лидерот на опозицијата Зоран Заев за случајот „Пуч“, Горан Грујевски, началник на Петтата управа во МВР, секретарот на Владата Кирил Божиновски….
Воедно, одлуката укажува дека залудни беа и истражните постапки што ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за случаите „Тортура“, „Тврдина“ и „Титаник“.
Од СЈО засега се воздржуваат од коментар.
Повеќе информации и поврда за одлуката на Иванов бараат и од амбасадата на САД од каде што за БИРН велат дека „одлуката на Претседателот предизвикува сериозна загриженост за посветеноста на Македонија кон владеење на правото“.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се согласуваат со одлуката на Иванов
Ниту од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ниту од опозициската СДСМ не се согласуваат со денешната одлука на Иванов. Лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека одлуката на Иванов претставува „државен удар“ и дека претседателот станал соучесник во злосторничкото здружување.
„Од денеска нема правна држава. Го погребаа Договорот од Пржино. Но, со граѓаните ќе го вратиме правото. Бараме лицето Ѓорге Иванов да поднесе оставка, да се свика Собранието кое ќе го отповика веднаш. Криминалците треба да одговараат за тоа што го сториле, а невините да имаат можност да ја докажат својата невиност“, рече Заев и додаде дека не ја прифаќа аболицијата бидејќи не се чувствува виновен.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ „не се сомневаат дека претседателот Иванов секогаш имал чесни и добри намери и постапки“, но во конкретниов изразуваат силно несогласување.
„Сметаме дека со овој потег, се оневозможува нашата волја и напор да се разобличат сите конструкции, лаги и манипулации кои ни беа наметнувани и беа насочени кон нас како дел на едно однапред смислено сценарио. Со многу работи со претседателот Иванов сме се согласувале и имаме високо мислење за него, затоа што секогаш се водел од државниот и национален интерес, но ова е прашање за кое имаме сериозни и длабоки несогласувања“, се вели во соопштението.
Со реакции се јавија политичките познавачи, кои тврдат дека со ова уште повеќе се создава можноста за цветање на криминалот и корупцијата.
Трендафил Ивановски, поранешен претседател на Уставниот суд
„Ова е најниското и најгрозното нешто што можеше да се очекува. Ја насетувавме опасноста ова да се случи, меѓутоа очекувавме дека претседателот пред сѐ ќе се грижи за граѓаните и за демократијата. Меѓутоа, овој таканаречен претседател тоа не го стори, тој целосно ги уништи напорите на домашната и на меѓународната јавноста, која траеше повеќе од една година, да се вратат работите во нормала. Тој во конкретниот случај не дава милост, тој ја дразни милоста“, вели Трендафил Ивановски, додавајќи дека аболицијата се однесува на одредено лице, на одредено дело, спротивно на тоа што денеска го направил Иванов, помилувал група сторители во одредено време.
Арсим Зеколи, политички аналитичар
„Во држава која се знае дека е партиска и во која цути криминал и корупција, ваквата одлука е за очекување. Ова е последица на една култура на неказнивост за која ЕУ веќе десет години прогледува низ прсти. Се поставува едно суштинско прашање. Дали ние може да се наречеме држава? Немаме Парламент, нема судство, имаме партизирана полиција. Стануваме преседан на светско ниво. Ова е целосно несфатливо“.
Денко Малески, професор по меѓународно право
„Големиот проблем на Македонија е истиот оној со кој се соочија источноевропските држави во 1991 година, а тоа е проблем на неконтролираната власт, кога полицијата и тајните служби беа алатка за остварување на волјата на партијата. Тој е проблемот со кој и ние се соочуваме. Впрочем, откривањето на објавените снимки тоа го документираа, дека навистина постоела злоупотреба на власта која се практикувала во различни домени.
Процесот што се покрена по извештајот на Прибе и Пржинскиот договор беше со цел да се утврди вистината. Затоа и беше формирано СЈО. И што значи сега укинувањето на кривичните постапки? Дали е ова доказ дека оваа држава може да функционира само ако е корумпирана? Јас не знам како би го направиле тој премин на контролирана власт во Македонија. Бидејќи од кривичните постапки требаше да се извлече поука и да се редизајнира нашиот систем.
Процесот што се покрена по извештајот на Прибе и Пржинскиот договор беше со цел да се утврди вистината. Затоа и беше формирано СЈО. И што значи сега укинувањето на кривичните постапки? Дали е ова доказ дека оваа држава може да функционира само ако е корумпирана? Јас не знам како би го направиле тој премин на контролирана власт во Македонија. Бидејќи од кривичните постапки требаше да се извлече поука и да се редизајнира нашиот систем.
Која е сега смислата на СЈО, ако тоа не може да ги процесуира главните актери во целата приказна и дали ќе има смисла обвинителството да продолжи со некои активности? Се поставува и прашањето што ако сè престане? Како ќе се изведе таа демократска реформа која ѝ е потребна на Македонија? Навистина не ми е јасно“.
Маргарита Цаца Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
„Шокирана сум, ова е невидена работа. Претседателот негира сѐ што значи било каква виновност во државава. Тој зборуваше едно, а сега прави сосема спротивно и со ова негова одлука кризата се продлабочува, не се решава. Сега ми е јасна изјавата на ексминистерката Гордана Јанкулоска која велеше дека не е важно што ќе работи Специјалното јавно обвинителство. Тој го негира целиот правосуден систем во Македонија – обвинителите, судиите и адвокатите“.
Преку Твитер, се јави и Питер Ванхауте, поранешниот преговарач во пржинскиот процес, кој порача дека „темелните европски вредности се пуштени низ вода“.
Fondamental EU value, gone down the drain. No democracy without! pic.twitter.com/tfaiUuYhQ5
— Peter Vanhoutte (@peter_vanhoutte) April 12, 2016