Вести

Изборен компас за гласачите

izbori_miaa

Изборен компас Македонија е онлајн алатка која нуди можност секој со право на глас да се позиционира себеси во рамките на политичкиот спектар и да ги спореди своите ставови со оние на политичките партии

Информираноста на граѓаните, односно гласачите се смета за еден од најважните постулати на демократиите. Во свет во кој постои растечки тренд на хиперпродукција на вести, вклучително лажни вести, еднакво е тешко граѓаните да ги дистилираат и издвојат информациите кои се важни, вистинити и директно ги засегаат, и воопшто да го задржат интересот за политичките случувања во нивните заедници. Македонија не е исклучок од овој тренд.

Но, онлајн поврзаноста може да биде меч со две острици, особено во држави како нашата, каде повеќе од 68% од населението користат Интернет. Водени од поривот ваквата поврзаност да се искористи за информирање на електоратот на наједноставен можен начин, заедно со група политиколози и истражувачи од Институтот за истражување и општествени иновации – Импакт од Скопје, Централноевропскиот универзитет од Будимпешта и Киескомпас и Универзитетот Врије од Амстердам го развивме „Изборен компас Македонија“, кој од денес до 11 декември ќе биде достапен на www.izborenkompas.mk на македонски и албански јазик.

„Изборен компас Македонија“ е онлајн алатка која нуди можност секој граѓанин и граѓанка со право на глас, без разлика дали гласа во или вон државата, прво да се позиционира себеси во рамките на политичкиот спектар, а второ и еднакво важно, да ги спореди своите ставови со оние на политичките партии и коалиции кои учествуваат на престојните парламентарни избори.

1

Во тој процес, гласачот најпрво одговара на серија искази со „потполно се согласувам“, „ се согласувам“, „ниту се согласувам, ниту не се согласувам“, „не се согласувам“, „воопшто не се согласувам“ или „немам мислење“.

Исказите, вкупно 30, се поврзани со прашања кои доминираат во македонскиот јавен дискурс и се групирани во шест тематски области, и тоа: економија, човекови права, меѓународни односи, домашна политика, социјални политики и миграција.

Така, сите оние прашања за кои најчесто слушавме на вести во изминатиов период, од подобрување на економската состојба и странските директни инвестиции, до отселувањето на младите, екстерното тестирање, Шарената револуција, Специјалното јавно обвинителство, малцинските прашања, евроатлантските интеграции и слични прашања, се вклучени во Компасот.

2

Со одговарањето на овие 30 искази, се пресметува позиционираноста на секој корисник на таканаречената политичка мапа, или политичка сцена која има две димензии. Хоризонталната оска покажува позиционираност во однос на социо-економските прашања, а вертикалната, во однос на морални и општествени прашања. На таа мапа, претходно се веќе позиционирани политичките партии и коалиции.

Значителен дел од времето и енергијата на нашиот тим при развивањето на „Изборен компас Македонија“ беа вложени во позиционирањето, односно кодирањето на секоја од партиите. Тука е корисно да спомене дека беа кодирани вкупно 11 политички партии, а тоа ги вклучува партиите претставени во последниот собраниски состав и партиите кои според анализите на јавното мислење во 2016 година имаат минимум 1% поддршка.

Вклучени се и новите политички субјекти, како Левица, Беса и Унитети. Во случаите кога повеќе партии настапуваат заедно, нашиот тим одлучи да ги вклучи коалициите, наместо секоја од коалициските партии посебно.

Притоа беа кодирани водечките политички партии од секоја коалиција, како на пример ВМРО-ДПМНЕ од коалицијата „За подобра Македонија“ и Унитети од коалицијата „Алијанса за Албанците“.

Кодирањето на партиите се одвиваше на два начини. Од една страна, секоја од партиите беше контактирана, најпрво неформално, па официјално, за да се самокодира, односно самостојно да одговори на исказите.

Од партиите беше побарано да приложат материјали кои ги поддржуваат нивните одговори, како на пример цитати и линкови од изборни програми, политички платформи, изјави на официјални претсавници на партијата и интервјуа и колумни на претставници на партијата кои укажуваат дека одговореното навистина е официјалната позиција на партијата.

Сите 11 кодирани партии беа контактирани. Од нив 9 со задоволство ни излегоа во пресрет, ја поздравија иницијативата и приложија соодветно самокодирање. Две од партиите, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и покрај повеќето обиди, не одговорија на нашето барање.

Од друга страна, тимот на истражувачи и истражувачки независно ги кодираше партиите. По добивањето на одговорите, двете кодирања, значи она од страна на истражувачкиот тим и самокодирањето на партиите, беа споредени.

Во случај на разлики меѓу двете, партиите беа контактирани со можност да достават дополнителни материјали кои го поддржуваат нивниот одговор по одреден исказ. Потоа, секое од кодирањата беше двојно проверено од страна на останатите членови на тимот и надворешни соработници. Така најпосле ја добивме мапата на политичката сцена во Македонија во пресрет на парламентарните избори.

3

На оваа мапа, секој корисник може не само да спореди до која политичка опција е најблиску, а од која најдалеку, туку и меѓусебно да ги спореди ставовите на партиите во одредена област, како и да ги види поединечните ставови на секоја партија во однос на одредено прашање. Во овој поглед, би рекла дека Изборниот компас придонесува кон нешто што е инаку отсутно во јавната дискусија во Македонија, а тоа е споредба на партиите преку етничките линии.

Во нашата држава досега најчесто се споредуваа таканаречени албански партии со албанскии партии, околу ставови кои се претпоставуваше дека треба да ги интересираат само гласачите од албанска националност, и таканаречени македонски парти со македонски партии, за чии ставови се претпоставуваше дека се интересираат единствено етнички македонските гласачи.

Во Изборниот компас позиционирањето е исклучиво според ставовите на партиите, а не според тоа чии гласови партија ги таргетира, иако дел од тие аспирации се одразуваат во ставовите. Во таа насока, лесно може да се случи поврзување, односно блиско позиционирање на гласачи и политички партии од различни етнички групи.

Три работи се особено важни во однос на Изборниот компас. Прво, Компасот ги позиционира и гласачите, и партиите според математички алгоритам развиен од страна на Киескомпас и во тој процес не може да влијаат и интервенираат ниту истражувачкиот тим, ниту политичките партии.

Второ, позиционирањето на партиите и коалициите е правено според нивните декларативни ставови, односно ставовите за кои се застапуваат во нивните официјални документи и партиски изјави, а не според нивните практики.

Така, интересно е да се забележи дека речиси сите политички партии декларативно се залагаат за подобри работнички права, иако во пракса многу малку од нив всушност активно работат кон тоа.

И најважно, Изборниот компас не им кажува на гласачите за кого да гласаат и како да го искористат своето избирачко право, туку единствено се обидува да ги направи што подостапни информациите за тоа која политичка партија за што точно се залага и како тоа се споредува со заложбите на секој гласач.

А сега, клик на www.izborenkompas.mk, за да провериш до која политичка опција си најблиску за да можеш да донесеш информирана одлука на 11 декември.