Анализи

Изборното рекламирање за градоначалници поскапо од тоа за пратеници

Пет милиони евра е конечната сметка за предизборни реклами во медиумите

Државата им исплатила пет милиони и 140 илјади евра на медиумите за објавувањето партиски реклами за локалните избори во 2021 година, покажуваат документите од Државната изборна комисија добиени преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер. Притоа, радиодифузерите наплатиле 4,2 милиони евра од овие пари, а преостанатите околу 900 илјади евра ги поделиле интернет-порталите и печатените медиуми.

Тоа значи дека ланските избори за градоначалници и за членови на општинските совети биле за два милиони евра поскапи од парламентарните избори во 2020 година, кога станува збор за трошењето народни пари за медиумското рекламирање на учесниците. Тогаш медиумите зедоа околу три милиони евра од државата, по нарачка на партиите.

Покривањето на овој трошок од државниот буџет се воведе со измени во Изборниот законик во 2018 година. Во зависност од резултатите од претходните избори, секоја партија или коалиција што учествува на изборите добива право да искористи одредена сума. Потоа тие нарачуваат реклами во медиумите, кои, пак, фактурите ги праќаат во Државната изборна комисија и таа им ги исплаќа од буџетот. Постојат горни граници колку една партија може да потроши на еден медиум (на пример, најмногу 15 илјади евра во еден портал).

Бидејќи пресметките се прават според поранешните резултати, има големи разлики во износите што им стојат на располагање на учесниците на изборите. Така, три од партиите или коалиции направиле милионски нарачки за реклами – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по околу 1,4 милион евра, а ДУИ 1,1 милион. Не била далеку зад нив ниту коалицијата (која тогаш сè уште постоеше) меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива, за чие рекламирање државата исплатила над 900 илјади евра. За разлика од нив, помалите учесници, како Левица, Беса, коалицијата ЛДП-ДОМ и ДПА не потрошиле ниту по 100 илјади евра.

Половина портали со само еден огласувач

Потрошените суми ги откриваат и стратегиите што ги имале партиите за платеното медиумско претставување. Од нив се гледа дека СДСМ и коалицијата ЛДП-ДОМ најмногу се потпреле на телевизиите, односно над 90 отсто од парите ги распоредиле кај радиодифузерите, а ниту 10 отсто кај интернет-порталите и кај весниците. За разлика од нив, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците одвоиле по повеќе од 20 отсто од своите рекламни колачи за онлајн-рекламирање, а Левица и Беса по околу 15 отсто.

Податоците од ДИК покажуваат и колку пари секоја партија исплатила на секој поединечен интернет-портал. Од вкупно 176 пријавени портали пред изборите, партиите се рекламирале на 111. Некои добивале илјадници евра, други по неколку стотки.

Медиумската поларизација, како и врските меѓу политичките партии и одредени медиуми, особено во онлајн-сферата, јасно се гледаат во распоредувањето на парите за рекламирање. Така, на вкупно 57 портали, или нешто повеќе од половината, се рекламирала само по една партија. Во едностраното рекламирање предничи ВМРО-ДПМНЕ, чии реклами биле осамени на 23 портали, а СДСМ бил единствен огласувач на 13.

Земи ги парите и затвори

Досега ниту една институција не го истражила предизборното рекламирање со народни пари | Фото: Pexels

Партиско-порталските врски не завршуваат само со поддршката на редакции со уредувачка политика што е поволна за партијата, туку одат и подлабоко, кон поддршка на партиски членови и активисти, од кои дел престанале да се занимаваат со онлајн-информирање откако завршиле изборите.

Таков е примерот со порталот Албањуз24 (albanews24.com), кој сè уште е прекриен со реклами од Биљал Касами од Беса за градоначалник на Тетово, а последните вести што ги објавил се од 30 октомври 2021, ден пред решавачкиот втор круг, во кој Касами ја симна Теута Арифи од власт во градот. Порталот, кој добил 11.800 евра од Беса, е регистриран од компанијата Албаневс24 во сопственост на Алби Ќамили. Така се вика претседателот на младинскиот форум на Беса. Освен што порталот не се ажурира, и фирмата Албаневс24 е затворена.

Порталот Сигнал (signal.mk), кој работел од 2019 година, објавувал вести до 2-3 месеци по изборите и потоа е суспендиран. Добил 4.200 евра од ВМРО-ДПМНЕ, како единствена партија што огласувала таму. Регистриран е од фирмата ВД Медиа, во сопственост на Јован Нечовски, кој на Јутјуб се претставува како член на подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ.

Позната е и врската на ДУИ со фирмата Тетова Сот, за која БИРН веќе објави дека интегративците, не само што биле единствениот огласувач на нејзините четири портали (tetovasot.com, bild.mk, indeks.mk и ts.mk), туку во секој од нив го вложиле и максималниот дозволен износ од 17.700 евра (15.000 плус ДДВ).

Тие се единствени вакви случаи и ниту еден друг портал не ја добил највисоката законска сума за рекламирањето на една партија. За кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, на пример, најмногу пари зеле порталите Република (14 илјади евра) и Плусинфо (11.800 евра), а СДСМ најмногу реклами објавил на И-портал, во вредност од 6.000 евра.

Од друга страна, карактеристичен е случајот со порталот Ин 7 (in7.tv), кој, според податоците од ДИК, објавил реклами за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, во вредност од 39.430 евра, далеку над законскиот лимит. И за овој портал, во сопственост на фирмата Боулевард на стружанецот Албрим Хоџа, БИРН пишуваше дека е дел од групација со политички врски. Хоџа во 2013 година бил портпарол на струшкиот огранок на ДПА и вработен во општината додека градоначалник беше Зијадин Села, тогаш член на ДПА, а денес лидер на Алијанса. Во разговор за БИРН, тој тогаш рече дека не се прекршени законите во случајот, туку поради административни причини, преку иста фирма се исплаќале парите наменети за повеќе портали раководени од различни луѓе и со различни уредувачки политики, бидејќи дел од неговите колеги не биле во можност да работат со сопствени фирми.

И покрај сомнежите за злоупотреби со парите што државата ги одвојува за партиите и нивните кандидати за јавни функции да можат подобро да се претстават пред граѓаните и да им овозможат да направат поинформиран избор на денот на гласањето, досега ниту една институција не го истражила предизборното рекламирање со народни пари.