Според обвинението поднесено против него, оваа единица имала околу 500 до 600 борци. Делувала во селата во северно Косово, кои ѝ припаѓале на оперативната зона Лаб, главно во регионот на Подуево, околу 20 километри северозападно од Приштина.
Обвинението против Мустафа се состои од четири точки: произволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиства. Тоа го товари Мустафа за индивидуална кривична одговорност и кривична одговорност како командант, за злосторства извршени над затвореници од припадници на ОВК.
Во обвинението се наведува дека помеѓу 1 и 19 април 1999 година, Мустафа и неговите подредени незаконски притвориле најмалку шест лица, кои биле затворени во штала што ОВК ја користела како објект за притвор, во планинското село Злаш.
Исто така, во обвинението стои дека тие „редовно ги мачеле затворениците, како физички, што вклучувало тепање со разни предмети, горење на кожата и давање на електрошокови, така и психички, што подразбирало закани со смрт и тешки телесни повреди, страв, понижување, политичка дискриминација, заплашување, малтретирање, испрашување и присилни или изнудени изјави и признанија“.
„Затворениците биле физички и психички малтретирани во присуство на други затвореници. Додека биле држени во заробеништво, тие уринирале врз некои затвореници пред други затвореници“, се наведува во обвинението.
Во него се додава оти се верува дека Мустафа се фалел дека со членовите на неговата единица БИА, убивале Срби.
Мустафа, кој е роден во Приштина пред 49 години и во војната бил познат како командант Цали, се изјасни за невин по сите точки од обвинението.
„Немав друг избор освен да војувам за слободата и демократските институции на мојата земја“, изјави тој пред судот.
„Затворот не го обесхрабри“
За разлика од другите припадници на ОВК, од кои некои станаа истакнати политичари по војната, како што е поранешниот претседател, Хашим Тачи, кому, исто така, ќе му се суди пред ССК за наводни воени злосторства, Мустафа беше речиси анонимна личност до апсењето во септември минатата година. Сепак, тој бил активист кој се борел за правата на Албанците долго пред формирањето на ОВК.
Небих Фазлиу, кој студирал со Мустафа на Правниот факултет на Универзитетот во Приштина и бил еден од неговите политички соработници, се сеќава како, додека биле студенти, основале културна група наречена „Правда“. „Организиравме концерти и други културни активности. Мустафа беше брилијантен инструменталист“, објаснува Фазлиу.
Кон крајот на 80-тите години, Мустафа му се приклучил на Народното движење на Косово, националистичка, марксистичко-ленинистичка организација која се бореше за поголеми права на Албанците, во време кога косовските Албанци протестираа за поголема автономија во рамките на социјалистичка Југославија.
Во април 1993 година, Мустафа бил меѓу основачите на Националното движење за ослободување на Косово, радикално левичарско националистичко политичко движење, кое, по војната во Косово, прерасна во политичка партија.
Неколку месеци подоцна, тој бил затворен поради агитирање против Југославија и поминал повеќе од три и пол години во затворот Дубрава, во Исток, каде подоцна, за време на војната, српските сили масакрираа затвореници.
Кога бил пуштен на слобода, тој ги продолжил своите политички активности, помагајќи да се организира ОВК.
„Не се плашеше и не го обесхрабрија годините што ги помина во затвор. Почна да мобилизира луѓе за војна против Србија“, вели Фазлиу.
Воените соборци го сметаат Мустафа, кој е татко на две деца, за храбра личност и не сакаат да зборуваат за инцидентите опишани во обвинението.
Ваљон Мурати, претседател на партијата Движење за единство, поранешен соборец и политички соработник на Мустафа, вели дека тој сега ја плаќа цената за неговата борба за слобода.
„Мустафа е личност која целиот свој живот го посвети на слободата на земјата. Ова (обвинението) е нешто парадоксално што им се случи на воините како него“, нагласува Мурати за БИРН.
„Тоа ѝ нанесува краткорочна штета и ја искривува сликата за него“, додава тој.
По војната, Мустафа работи во разузнавачката единица на Косовскиот заштитен корпус, цивилни безбедносни сили кои ја наследија ОВК, а потоа, помеѓу 2006 и 2007 година, како советник на тогашниот премиер, Агим Чеку.
После тоа, до апсењето, работи како началник на разузнавачката единица на Министерството за одбрана. Обвинението го опишува како личност која е „дел од косовскиот безбедносен разузнавачки апарат и има широка мрежа“.
Од Министерството за одбрана и од Косовските безбедносни сили потврдуваат дека Мустафа секогаш ги поминувал безбедносните проверки што ги вршеле претставниците на НАТО.
Во обвинението против Мустафа, исто така, се тврди дека тој бил дел од „здружен злосторнички потфат“, во кој биле вклучени и други припадници на ОВК, но нивните имиња не се споменуваат, туку се наведуваат само како „војници наречени Табут или Табути или командант Табути, Иљми ВЕЉА, Бими, Дардан и Африм, како и некои други војници на ОВК, припадници на полицијата и стражари на имотот во Злаш“.
Ова предизвикува сомнеж кај неговите сојузници. „Во обвинението се наведува дека ова е здружен злосторнички потфат, но кои се другите во овој случај на заеднички потфат?“, прашува, Раиф Ќела, поранешен политички соработник на Мустафа.
Неговото судење најверојатно со внимание ќе се следи и во Косово и во Србија, бидејќи на површина почнуваат да се појавуваат повеќе детали за човекот во сенка и за обвиненијата против него.