Регион

Поранешниот политичар, Борисав Јовиќ, почина од последици на корона вирусот

Борисав Јовиќ. Фото: Н1

Борисав Јовиќ, претседател на Претседателството на СФРЈ на почетокот на војните во 90-тите години и еден од најблиските соработници на Слободан Милошевиќ, почина во Белград на 92-годишна возраст.

Јовиќ, еден од последните претседатели на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) пред нејзиниот распад, клучен сојузник на Милошевиќ и водечка фигура во неговата владејачка Социјалистичка партија на Србија (СПС), почина вчера од последици предизвикани од  корона вирусот.

Српските медиуми, на почетокот на септември, објавија дека Јовиќ е во болница, а неговата смрт во Воено медицинскиот центар (ВМЦ) Карабурма во Белград, беше потврдена за српскиот јавен сервис, РТС.

Во март 1989, Јовиќ беше избран за српски член на Претседателството на СФРЈ, а во мај 1990, тој беше избран за претседател на Претседателството, позиција што ја извршуваше до мај 1991 година.

Пред и за време на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина, Јовиќ беше еден од најблиските соработници на Милошевиќ, а дел од нивните средби тој ги забележа во својата најпозна книга, „Последните денови на СФРЈ: Извадоци од дневник“, објавена во 1995 година.

Оваа, како и неговата „Книга за Милошевиќ“, објавена во 2001, беа користени на судењето на Милошевиќ пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), на кое Јовиќ беше сведок на обвинителството. Тој, во 2002 и 2003 година, во три наврати, од Обвинителството на МКТЈ беше сослушан во својство на осомничено лице, но против него не беше поднесено обвинение.

Јовиќ беше претседател на СПС на Милошевиќ од мај 1991 до октомври 1992 година, во време кога Милошевиќ беше претседател на Србија. После тоа, кога Милошевиќ се врати на чело на партијата, Јовиќ стана нејзин потпретседател и на оваа позиција остана до ноември 1995 година.

Актуелниот лидер на СПС, Ивица Дачиќ, кој е воедно и претседател на Народното собрание на Србија, синоќа изјави дека Јовиќ е „име со кое Социјалистичката партија на Србија ќе се гордее и ќе го паметиме по неговата посветеност кон својата партија, кон нашата заедничка идеја за солидарност и социјална правда и по упорноста тие идеали да се остварат“.

Јовиќ е роден во 1928 година во селото Никшиќ, кај Баточина. Дипломирал економија на Универзитетот во Белград во 1952, а докторирал во 1965.

За време на неговата кариера, тој извршувал разни високи државни функции, вклучувајќи ја и позицијата амбасадор на СФРЈ во Италија, од 1975 до 1979 година.

Milica Stojanovic