Регион

Од Србија и од Косово побарано да го објават документот за отворање на воените архиви

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Аудиовизуелната архива на Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ

Младинската иницијатива за човекови права Србија (МИЧП Србија) и Младинската иницијатива за човекови права Косово (МИЧП Косово), ги повикаа властите на двете земји, да ја објават содржината на договорот за отворање на тајните архиви, кој наводно бил склучен за време на преговорите во Брисел минатата недела.

Двете невладини организации нагласија дека „бараат преговарачките тимови од Белград и од Приштина, што е можно поскоро, да го објават документот на српски и на албански јазик за размена и/или отворање на тајните архиви, за да може јавноста, а особено семејствата на исчезнатите лица, да бидат информирани за понатамошните чекори во потрагате по исчезнатите лица“.

По последната рунда на тековните преговори на техничко ниво помеѓу Косово и Србија, на 7-ми и на 8-ми септември во Брисел, косовскиот вицепремиер, Бесник Бислими, изјави дека Србија се согласила да ги отвори своите воени архиви, вклучувајќи ги и оние поврзани со Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Сепак, Бислими додаде дека српските тврдења оти ОВК имала своја воена архива, се засноваат на погрешното сфаќање на фуснота во книга на активистот, Нусрет Плана, која се повикува на архивите на ОВК.

Бислими објасни дека фуснотата всушност се однесува на Државниот архив на Косово и посочи дека Косово ѝ понудило на Србија „целосен пристап до тие архиви“, објави агенцијата Коха.

Од друга страна, по состанокот во Брисел, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека „е постигнат напредок“ во врска со прашањето за воените архивите, но тој не даде повеќе детали.

МИЧП Србија и МИЧП Косово во своето соопштение додаваат оти бараат Косово и Србија „да иницираат измени во кривичниот законик, како и во законите за исчезнатите лица, така што присилното исчезнување ќе стане посебно кривично дело, како што е тоа пример со Конвенцијата на ООН за заштита на сите лица од присилно исчезнување, за да се забрза откривањето на исчезнатите и гонењето на оние што кријат информации“.

Околу 1.600 луѓе на Косово сѐ уште се водат за исчезнати. Претежно Албанци, но и Срби.

Milica Stojanovic