Регион

Уапсен поранешен полициски функционер на БиХ осомничен за воени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Припадник на граничната полиција на Србија. Фото: mup.gov.rs

Поранешниот висок функционер на полициската управа во Федерацијата Босна и Херцеговина, Един Врањ, беше уапсен во неделата во Србија, под сомнение дека извршил воени злосторства над воени затвореници, за време на босанскиот конфликт.

Од Обвинителство за воени злосторства (ОВЗ) на Србија, за БИРН денеска изјавија дека Врањ е „обвинет за сторено кривично дело, воени злосторства над воени затвореници во периодот од 1993 до 1994 година, во општина Горажде, Босна и Херцеговина“.

„Против осомничениот се води кривична постапка од 2014 година“, додаваат од ОВЗ.

Српската полиција во неделата соопшти дека Врањ бил задржан на граничниот премин Увац меѓу БиХ и Србија, бидејќи по него била распишана потерница.

„На осомничениот му е одредено задржување до 48 часа и тој, со кривичната пријава, ќе биде приведен во Обвинителството за воени злосторства во Белград“, соопшти полицијата.

Од Обвинителството на БиХ денеска соопштија дека во моментов на неколку други лица им се суди за наводни злосторства врз Србите во Горажде во 1993 и 1994 година, но дека во декември 2018 е донесена одлука „да не се спроведува истрага“ против Врањ во истиот случај.

Од ова обвинителство додаваат дека се „информирани за апсењето од извештаите на медиумите и дека не добило никакво службено известување или информација од надчежните органи на Република Србија“.

Mинистеркатa за надворешни работи нa БиХ, Бисера Турковиќ, на својата Фејсбук страница напиша дека ѝ наложила на амбасадата на БиХ во Србија „веднаш да реагира и да добие официјални и целосни информации од властите на Србија за статусот на Един Врањ“.

Таа додаде дека „веќе е испратена нота до Министерството за надворешни работи на Србија“.

Врањ е третиот државјанин на БиХ кој во последните неколку години беше уапсен на граничен премин при поминувањето во Србија, под обвиненија за воени злосторства.

Во јули 2018 година, на граничниот премин Увац, полицијата го уапси воениот командант на воениот затвор во Храсница кај Сараево, Хусеин Мујановиќ, а во ноември 2019, го уапси поранешниот војник, Осман Османовиќ.

И во двата случаи, властите во БиХ побараа екстрадиција на уапсените, но Србија не го дозволи тоа. Против двајцата беа покренати судски процеси во Белград.

Во случајот на Мујановиќ, Апелацискиот суд во Белград ја поништи пресудата во март оваа година, додека случајот на Османовиќ сѐ уште трае. И двајцата се наоѓаат во притвор.

Milica Stojanovic