Изложбата на импровизирани печки, кои се користеле за време на војната во БиХ, ги потсети граѓаните на Сараево на нивната креативност, за време на опсадата на Сараево.
Пишува: Игор Спаиќ, Сараево
‘Огниште’ не е само збор за место на кое што се пали оган. Овој збор има многу пошироко значење во културата на БиХ и на нејзините соседи. Огништето е средиште на домот, топло место околу кое семејството се собира за време на оброците.
Зборот ‘огниште’ се користи и кога се зборува за печка, која во регионот сѐ уште најмногу се користи за греење.
Тие, исто така, им помогнале на многу граѓани на Сараево, да преживеат за време на опсадата на градот, во периодот 1992-1995 година.
Со цел да ги потсети луѓето на тоа време, Историскиот музеј на Босна и Херцеговина, во зградата на општината Нови Град во Сараево, постави изложба на воени печки.
На изложбата со наслов „Сараевските воен печки – приказни од градот под опсада“, се изложени печки кои биле користени во војната и кои граѓаните му ги донирале на музејот.
„Сакаме да ја отвориме вратата на нашиот музеј за граѓаните и да ги поттикнеме на музејот да му донираат предмети и свои приказни од војната“, вели за БИРН, Тијана Крижановиќ, кустос во овој музеј. Во него се изложени и документи, фотографии и други работи кои луѓето ги користеле за време на војната.
Овие импровизирани предмети, налик на оние кои можат да се видат по филмовите од постапокалипсата, се наоѓаат во општинската зграда, каде што граѓаните доаѓаат за да средат некои свои документи.
„Ги ставивме тука, за да можат луѓето да ги видат и да се сетат на тие времиња, додека ја бркаат своја работа“, вели Крижановиќ.
Со оглед на тоа дека снабдувањето со електрична енергија за време на опсадата било прекинато, луѓето во своите домови палеле оган или користеле гас, кога тоа било можно. Да се купи печка, било тешко.
Но, сараевчани доаѓале до решенија.
Печките поставени на изложбата имаат различни облици и величини, а биле правени од сѐ што можело да се искористи и што им доаѓало на луѓето при рака.
Фадила Башиќ, 53-годишна сараевчанка, која заедно со нејзиниот сопруг Ферид, во ужасите на војната ги подигала своите две мали ќерки, добро се сеќава колку таа печка ѝ значела. „Печката е живот. Без неа не постои ништо“, ни вели таа.
Ете – имате ламба
Во војната ретко имало гас. А доколку некаде го имало, носел радост, но и трагедии. Бидејќи гасот немал мирис, не можело да се почувствува кога истекува.
Ако некој запалел цигара, во експлозијата на гасот што следела, била разнесувана половина зграда. На овој начин, гасот се користел и како оружје, велат голем број на сараевчани.
Тоа било многу ефикасно, имајќи на ум дека луѓето кои пред војната имале централно греење, со градинарско црево се поврзувале со објектот кој имал гас.
На едно такво црево се поврзувале и по неколку згради. Тоа се водело по сливниците, кои луѓето ги користеле за собирање на дождовница. Гасот се водел до импровизирани пламеници, кои се ставале во големи метални кутии од џем, кои служеле како мала печка.
Гас, во мали количини, бил приклучуван и со тенки црева, кои во болниците се користеле за трансфузија. На крајот се ставала мина од пенкало и – ете – имате ламба.
Веднаш по почетокот на војната, кога снемало електрична енергија, сопругот на Фадила и неговиот брат, поставиле пламеник во голема конзерва, „за да можат барем кафе да направат“.
Бидејќи немало греење, сопругот на Фадила се обидел да најде начин да го искористи гасот од лименката, за греење, па околу него поставил тули, со кои го грееле станот.
Но, ниту ова не било решение, бидејќи немале како отровните гасови да ги пренасочат надвор од собата.
„Чувме за еден човек во нашето соседство, кој правеше печки, па јас бев кај него и го прашав кој материјал е најдобар за печка. Вие ќе му донесевте материјал, а тој ќе ви направеше печка“, се сеќава таа.
Најдобар лим, како што ѝ рекол човекот, бил оној кој се користел за термоакумулациски печки.
Фадила имала таква печка, што ја користела додека имало електрична енергија, и ја расклопила.
Во војната се вршела размена, а градот под опсада бил како голем затвор.
„Му го дадов лимот и му платив со седум кутии цигари Дрина“, вели таа. „Тоа беше цена за соседи, бидејќи тој обично земаше по 10 кутии“, вели таа.
Готвење на гуми од автомобил
Крајниот производ била сиво-кафеава кутија, со мали ногарки и два отвора, што ова семејство ја користела за готвење и греење во следните неколку години.
Печката не можела да го згрее целиот стан, па семејството спиело и се собирало во една соба, а пред неа и се капеле.
Кога имало гас, пламеникот го ставале во отворот на печката со дрва, но и дрвата наскоро станале дефицитарни. Кога немало гас, наоѓале други решенија.
„За печење на пити во печката, најдобри беа чевли. За супа можевте да го користите Бранко Ќопиќ или некој сличен писател, оти беа потребни големи книги“, вели Ферид.
Бидејќи не можеле никаде да одат со автомобил, а и немало гориво, најдобар начин да ги искористат автомобилските гуми било да готват на нив.
Дури и во рецептите се пишувало каква гума е потребна, со колку шари, за нешто да се зготви. Така, на пример, за грав требало гума со шест шари.
Но, чевлите биле најдобри.
Фадила и Ферид често оделе на места на кои се делела хуманитарна помош. „Кога ќе видев чифт мали чевли, тоа беше одлично“, вели таа.
Кога снемувало чевли, се користел мебел или паркет и патос.
„Се гореше сѐ што можеше и што ни беше при рака“, се сеќава таа.
Но, проблемите не завршувале тука. Се појавувале нови, кои барале покреативно размислување, како на пример – како да се готви речиси без храна?
Фадила се сеќава на еден рецепт што го измислила, „леб торта“, воена слатка што ја правела од леб, слатка вода и какао во прав, што го добивале во хуманитарна помош.
„Во војна, импровизацијата е клучна“, вели нејзиниот сопруг.