Како што соопшти Амбасадата на Израел, именувањето на едно сараевско училиште по писателот и борец од Втората светска војна, Мустафа Бусулаџиќ, кој се смета за антисемит, е „несреќен чин“, што ја загрозува мултиетничка Босна и Херцеговина.
Данијел Ковачевиќ, Бања Лука
Израелската амбасада за Босна и Херцеговина, со седиште во Тирана, испрати протестна нота до Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина, поради одлуката, основното училиште „Доброшевиќи“, да биде преименувано во основно училиште „Мустафа Бусулаџиќ“, кој, како што се вели во нотата, е „контроверзна и антисемитска личност“.
Нотата била испратена на 23 август, но беше објавена еден месец подоцна, од Сојузот на антифашисти и борци на НОБ на Кантон Сараево.
„Израелската амбасада изразува искрено жалење што кантоналната власт одобрила таква одлука, особено со оглед на фактот дека поголемиот број Евреи во БиХ, беа убиени од страна на фашистичките и нацистичките окупациски сили, со кои Бусулаџиќ се идентификуваше“, се вели во протестната нота.
„Таквото несреќно дело го загрозува богатиот мултиетнички и светски дух, на кој Сараево, заедно со својата еврејска заедница, е многу гордо“, се додава во нотата.
Како што е наведено, еврејската заедница во Босна и Херцеговина постои повеќе од 450 години, но оти „таквата одлука ги поткопува длабоките историски врски на нашите народи“.
Бусулаџиќ е контроверзна личност во Босна и Херцеговина, за кого некои сметаат дека е маченик и жртва на комунистичкиот режим, додека други истакнуваат дека тој бил истакнат соработник на хрватските профашистички усташки окупациски сили за време на Втората светска војна и дека неговите пишани мислења честопати ги рефлектирале идеите на нацистите.
Бусулаџиќ бил уапсен веднаш по доаѓањето на комунистите на власт и на 29 јуни 1945 година, бил погубен.
Во октомври 2016 година, Собранието на Кантон Сараево, го прифати предлогот, основното училиште во Доброшевиќи, да го носи името на Бусулаџиќ.
Сепак, опозициските партии се спротивставија на ова, поради, како што рекоа, врските на Бусулаџиќ со фашизмот.
Предлогот првично беше одбиен, но во вториот обид беше усвоен.
Името на Бусулаџиќ, исто така, го носи една од улиците во сараевската населба, Кошевско Брдо.