Регион

Српски паравојници обвинети за масакр во хрватско село

Сведок изјави дека во декември 1991 година, во селото Јошевиќи, во централна Хрватска, ги пронашол мртвите тела на 21 локален жител, вклучувајќи ги и неговите роднини, за кои тој смета дека биле убиени од српските паравоени сили.

Свен Милекиќ, Загреб

Спомен-обележје на жртвите од Јошевица. Фото: Фејсбук/Етно клуб Јошевица.

Сведокот, Лука Шифтар (70), во вторникот преку видеоврска од Белград, сведочеше пред Окружниот суд во Загреб, при што изјави оти смета дека српски паравојници се одговорни за убиството на 21 хрватски цивил во селото Јошевиќи, во централна Хрватска, извршено на 16 декември 1991 година.

Шифтар, кој бил капетан во Југословенската народна армија, изјави дека на 19 декември 1991 година, дошол во селото и ги нашол мртвите тела на своите роднини и на другите селани, во нивните домови.

„Сите од моето семејство беа мртви, не само од моето, туку од целиот тој дел од селото. Бидејќи беше ладно, телата веќе беа замрзнати”, рече тој.

Шест членови на неговото семејство биле убиени, еден од нив со само 15 години. Неговата мајка Анка, која тогаш имала 70 години, успеала да преживее и покрај тоа што ѝ пукале во устата, раката и рамото.

„Подоцна, сфатив дека телата беа преместени, дека некој ги отстранил чаурите и исчистил дел од крвта. Не можев да ги видам резовите (на нивните грла). Не видов дека грлото на Пајо (неговиот 15-годишен внук) беше распорено од уво до уво“, сведочеше Шифтар.

Тој даваше исказ на судењето на пет поранешни припадници на паравоените сили на Република Српска Краина – Душан Жарковиќ (58), Богдан Еднак (49), Џорџ Нашид Камала (45), Мирослав Малобабиќ (42) и Дејан Сладовиќ (42) , на кои што им се суди во отсуство.

Тие се обвинети за воено злосторство, кое државниот обвинител го опиша како одмазда за убиство на српски војници, извршено од страна на хрватски, неколку дена претходно, во оваа област.

Шифтар рече дека не ги видел обвинетите, туку ги забележал нивните автомобили во близина на селото.

Додаде дека единицата, според зборовите на некои луѓе со кои разговарал, неколку дена пред злосторството, поминала низ селото во извидница.

Истакна оти слушнал дека злосторството го извршиле членови на групата Шилт и на Јокина група, под команда на Синиша Мартиќ, алијас Шилт и Јошо Ковачевиќ.

„Не можам да кажам која група всушност го сторила злосторството. Имаше најмалку десет такви групи околу Глина, а локалните власти планираа да ги распуштат. Тие беа задолжени за т.н. “чистење”, а резултатите од таквото “чистење” се познати“, рече тој.

Шифтар, за ова злосторство, направил дневник од 50 страници, кој што се базира на разговори со разни наводни сведоци за тоа што се случило.

Мартиќ, познат како Шилт, исто така, сведочеше преку видеоврска од Белград, велејќи дека тој и неговата единица не биле вклучени во злосторството.

Сепак, тој не можеше да гарантира дека Сладовиќ и Малобабиќ, кои биле членови на неговата единица, не го извршиле злосторството сами.

„Имаше муабети за злосторството по кафулињата, но не можам да кажам многу, бидејќи во тоа време не бев таму”, рече тој.

Тој истакна дека е „101 процент сигурен” дека неговата единица не извршила злосторство.

„Бев многу строг командант и не дозволував никакви убиства, силувања, грабежи или такви нешта. Таков човек сум“, рече тој.