Тирана
Фадил Даја имал 21 година кога бил осуден за предавство, по што бил префрлен во затворот Спач.
Имено, овој млад војник во 1975 година побегнал во Југославија, живеел шест месеци во бегалски камп во Љубљана и сонувал за политички азил во Канада. Неговите соништа се распрснале кога југословенските власти го депортирале назад во Албанија, каде што бил осуден на смрт.
Сепак, бидејќи бил млад, казната му била преиначена во 25 години затвор и тој завршил во затворот Спач.
Спач, во кој биле затворени политички затвореници, е изграден во 1968 година, во зафрлена област во Албанија. Овој затвор бил познат по тоа што затворениците кои што лежеле во него, биле водени на принудена работа во рудниците за бакар и пирит, и Даја тоа го знаел.
Наскоро сфатил дека е речиси невозможно да се постигне нормата што требале да ја исполнат затворениците додека работеле во рудниците.
„Секој ден моравме да наполниме четири вагони минерал, секој од нив собираше околу 1.8 тони. Бев постојано болен. Јас не можев да ја исполнам нормата, па ме тепаа, ме врзуваа за столбови во екстремно студени временски услови и многу често, со недели, ме држеа во самица“, раскажува Даја за БИРН.
Но, кога Даја и некои други поранешни затвореници се обиделе да добијат рударски пензии од државата, нивните барања биле одбиени. Властите им одговориле дека иако од времето кога биле во затвор имало информации за нив, немало податоци за работните задачи што ги извршувале додека биле во Спач.
Копење за роденденот на диктаторот
Рудникот Спач, лоциран во долина во северна Албанија, е втор по големина рудник за бакар во оваа земја, кој сѐ уште функционира.
Комунистите го изградиле во 1954 година, но подоцна почнале да го користат како работен логор, во кој затворениците биле присилени да копаат минерали.
Принудната работа резултирала со животни последици за повеќе од 1.000 лица кои биле затворани на ова место. Еден од нив е Агим Хакцани, кој денес има 65 години.
„Ние работевме осум часа под земја, на температура од 40 целзиусови степени, бевме мокри од киселината од пиритот, и такви излегувавме надвор на температура од минус 15 целзиусови степени. Мојата облека веднаш се смрзнуваше“, вели Хакцани за БИРН.
Тој бил млад ветеринар кој работел на една од колективните фарми во Тирана, кога бил уапсен поради „економска саботажа“, откако неколку крави на фармата умреле.
„Со свои очи видов најмалку 16 настрадани затвореници во окното (на рудникот Спач) поради небезбедните услови, но и поради тоа што самите се фрлаа врз електричната ограда поставена околу затворот, затоа што повеќе не можеа да издржат да работат како робови“, вели Хакцани.
Спач не бил единствениот политички затвор во Албанија, каде што затворениците биле принудени да работат во екстремни услови.
Ситуацијата била речиси иста за околу 500 затвореници кои работеле во рудниците за бакар и пирит во Ќафе Бари, лоцирани во планински предел одалечен околу 60 километри северно од Спач.
Али Лека е поранешен воен офицер, кој бил затворен во Ќафе Бари во 1977 година, поради обид да избега од земјата. Тој ни раскажува дека овој затвор бил познат по насилството врз затворениците.
„Во Ќафе Бари обично од нас бараа да наполниме четири вагони минерал на ден, додека за специјалните комунистички датуми се бараа поголеми количини. На роденденот на Енвер Хоџа, на 16 октомври, моравме да наполниме 8 вагони“, вели Лека за БИРН.
Според Албанскиот институт за поранешни прогонети лица, во текот на 45-годишното владеење на комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, околу 16.000 луѓе биле затворени врз основа на политички обвинувања, од кои околу 1.000 починале додека биле во затвор.
Тешката принудна работа, била многу честа практика. Освен што работеле во рудниците, затворениците биле принудени и да исушуваат мочуришта, да обработуваат земјоделски земјишта и да работат на изградба на големи инфраструктурни и индустриски проекти на државата.
Доказите за принудната работа, скриени
Владата на Албанија во декември 2014 година донесе закон за исплата на пензии на лицата кои што работеле во рудниците, со што ја намалиле старосната граница за одење во пензија на 55 годишна возраст, со минимум 12 и пол години работен стаж.
Бидејќи Фадил Даја, Али Лека и Агим Хакцани ги исполнувале овие услови, тие аплицирале за добивање на пензија. Им била побарана потврда од Генералниот директорат за затвореници, за времето што во затворот го поминале на принудна работа како рудари.
Но, на нивно изненадување, Генералниот директорат им одговори дека за ова немаат податоци.
„Беше запишан само датумот кога сме влегле и кога сме го напуштиле затворот. Немаше ниту еден датум или документ за времето што сме го поминале како принудни работници. Тоа е затоа што не сакале да остават трага за принудната работа што ја вршеа политичките затвореници“, вели Лека.
Даја нагласува дека оваа информација во голема мера го вознемирила.
„Бев шокиран. Иако работев повеќе од 13 години како роб во окното, технички не можев да добијам рударска пензија“, објаснува тој.
Сепак, тие не се откажале. Заедно со неколку нивните пријатели формирале здружение и почнале да тропаат на вратите на државните институции и да пишуваат на нивните интернет платформи, бидејќи ова го сметале за голема неправда.
Со цел нивниот глас да се слушне уште повеќе, во решавањето на нивните проблеми, тие ги вклучиле и медиумите. По тригодишна борба, Владата на 28 март предлага измени на законот, со кои на овие лица им се дава можност да го остварат своето право на пензија.
Според законските измени, времето што затворениците го поминале работејќи како рудари, ќе им се пресметува двојно повеќе во однос на обичните рудари, што значи, ако затвореник поминал десет години на принудна работа во рудникот Спач, нему ќе му биде пресметан стаж од 20 години.
Според Владата, сега, врз основа на овие измени, можност да добијат пензија имаат вкупно 264 поранешни затвореници. Се очекува измените овој месец да ги усвои и Собранието на Албанија.
Даја истакнува дека многу пријатели на поранешните политички затвореници му се заблагодариле што водел борба за решавање на ова прашање.
„Сега чекаме Собранието да ги усвои амандманите. Не можеме да толерираме повеќе одложувања“, додава тој.
„Многу страдавме, сега е време да завршиме со битките и да уживаме во пензијата“, заклучува Даја.