Анализи

Јалова проверка на црните пари во правосудството на Балканот

Имотот на третата власт се проверува само на хартија

Артур Малај е поранешен виш управен судија од Албанија. Тој е еден од околу 800 судии и обвинители, кој беше подложен на процесот на детална проверка наречен ветинг.

Постапката пред надлежната комисија за него заврши успешно. Не било пронајдено ништо спорно, иако имало укажувања дека има контакти со криминалното подземје, и дека има непријавена луксузна вила во Валона.

Сепак, кога во проверката прсти „вмеша“ комисијата меѓународни експерти, кои се дел од процесот на ветинг во Албанија, наодите беа поинакви. Првичната одлука беше обжалена, а дополнителната проверка засекогаш му ја запечати судиската кариера.

Судот утврди дека Малај не го открил потеклото на најмалку 45.000 евра. Токму ова беше доволно за да биде разрешен од судиската функција. Неговите наводни врски со подземјето и со луксузната вила во Валона, судот не ги испитуваше.

Вилата во Валона која наводно судијата Малај не ја пријавил | Фото: ASL

Малај е само еден од 359-те судии и јавни обвинители што биле разрешени заклучно со 31 јануари годинава во процесот на ветинг во Албанија, кој почна во 2016 година. Тоа значи дека досега, околу 45 проценти од судиите и обвинителите не ја поминале проверката.

Со тоа, Албанија практично ја „десеткува“ третата власт и стана единствената земја oд балканските држави што под меѓународен мониторинг ја спроведува најригорозната проверка во правосудството, наречена ветинг.

Иако ветингот не помина без проблеми, резултатите од оваа проверка наидоа на поддршка од поддржувачите на Албанија во Европската Унија и во САД.

Корупцијата во правосудството е проблем на целиот Балкан, но ниедна друга земја не го следеше примерот на Албанија.

Стан во Шпанија

Претседателот на судот во Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец, беше сослушан поради наводите дека не пријавил стан во Шпанија | Фото: БИРН

Кога при процесот на ветинг во Албанија кај судија или обвинител ќе се појави спорно збогатување, од каде доаѓаат парите не треба да докажува специјалната комисија за ветинг, туку судијата или обвинителот, кои се под лупа.

Комисијата потоа организира јавна расправа каде што ги презентира наодите, како и одговорите на судијата или обвинителот. Доколку наодите се докажани, тогаш се донесува одлука за разрешување, на што постои право на жалба. Процесот активно го следат претставници на меѓународната заедница.

За разлика од Албанија, каде што имотот е дел од процесот на ветинг, во земјите од регионот, како прв и најчесто единствен филтер се сметаат – јавно објавените податоци. Но, и тој не функционира насекаде.

На пример, во Босна и Херцеговина од земјите во регионот, не се јавно објавени имотите на судиите и обвинителите, освен на оние што самите се согласиле на тоа. А бројот на таквите е симболичен. Oд околу 1.400 судии и јавни обвинители колку што има во Босна, едвај 10 проценти дале согласност за објава на нивните имотни листови.

Податоците за нивниот имот ги собира Високиот судски и обвинителски совет. Измените на законот што ќе му овозможат на самиот Совет, не само да ги собира, туку и да ги проверува имотните листови, се дел од четирите клучни закони што Босна мора да ги усвои за да ги почне преговорите за пристапување во Европската Унија. Тие, пак, се одложуваат со години.

Еден од ретките случаи кога биле проверувани податоците за имот на судија, само ги потенцира недостатоците на системот.

Ранко Дебевец | Фото: БИРН БиХ

Во 2021 година, претседателот на судот во Босна и Херцеговина, Ранко Дебевец се соочи со дисциплинско сослушување поради наводите дека не пријавил стан во Шпанија. Кога дојде време да сведочи, случајот беше затворен за јавноста.

Адвокатот на Дебевец рече дека неговиот клиент е само косопственик на станот и нема обврска да го внесе во имотниот лист, бидејќи е стекнат пред да биде избран за судија.

Холандскиот судија Ван дер Вајд, меѓународен советник на Високиот судски и обвинителски совет, тогаш го критикуваше фактот дека „Дебевец не доставил докази за неговиот живот во Шпанија“. По јавната опомена во првостепената одлука, Дебевец на крајот беше ослободен од обвинувањата, откако повторно беше избран за претседател на судот.

Во Србија, Црна Гора и во Македонија, имотните листови на судиите и обвинители се јавно објавени, но онака како што се пополнети, без проверка.

Заедничко за овие земји е тоа што изјавите за имотната состојба на судиите и обвинителите подлежат на дополнителни проверки само ако постојат сомнежи за незаконско постапување или ако се предмети на медиумски истражувања.

Албанските судии и јавни обвинители се под лупа на независна комисија, која преку систем на „лотарија“ избира кого ќе проверува. Тим од тројца комесари го истражуваат нивното богатство, углед и професионализам.

Во Србија јавно не се достапни имотните листови на судии и обвинители што работат на предмети од организиран криминал и корупција или тероризам. Имотните листови стануваат достапни две години откако ќе им престане мандатот.

Кога БИРН Србија проверуваше имот на функционер што го нема во листата на Државната антикорупциска агенција, доби одговор дека функционерот ја направил промената, но Агенцијата сè уште не го ажурирала податокот во својата евиденција.

Во земјите од регионот има разлики на кој начин се пријавува промената на имотот. Па така, во Македонија, промена на имот се смета само во случај кога вредноста надминува 20 просечни плати, што е околу 11 илјади евра. Тој износ во Црна Гора е половина од македонскиот, односно 5.000 евра, а во Србија, промена во имотот треба да се пријави само ако судијата или обвинителот заработил над просечната годишна заработка без даноци и придонеси.

Глобите не ги плашат

ДКСК во 2020 го известила Судскиот совет дека 12 од 34 претседатели на судови не поднеле анкетен лист | Фото: БИРН

Во Македонија има вкупно 34 основни судови. Во 2020 година, Антикорупциската комисија го известила Судскиот совет дека 12 претседатели на судовите не поднеле анкетен лист. Тоа значи дека за една третина од претседателите на македонските судови, тоа не претставува проблем. И овде приказната завршува.

Експретседателката на Судскиот совет, Весна Дамева потврди дека известувањето на ДКСК „не било ставено на дневен ред на седница на Судскиот совет на РСМ, ниту е поведена дисциплинска постапка за судија/претседател на суд“.

А непријавувањето имот или значителното збогатување претставува потешка дисциплинска повреда, за која, судијата може да биде и разрешен од функцијата.

Иако во Македонија постои кривично дело противправно стекнување и прикривање имот, за што е пропишана затворска казна од шест месеци до пет години, плус парична казна, до денес јавно не е познат случај, во кој, судија или обвинител загубил функција поради тоа што не можел да докаже од каде му потекнува имотот.

Поранешен в.д. претседател на судот во Струмица платил 300 евра затоа што не поднел анкетен лист со изборот на функцијата. Бидејќи ја платил глобата во законскиот рок од 8 дена, износот бил преполовен за половина, односно во буџетот уплатил 150 евра.

Кога му престанал мандатот како в.д. претседател на судот, повторно не поднел анкетен лист, па ДКСК му поднела нов прекршочен налог.

Но, овојпат судијата не го платил прекршокот. Почнал да се докажува со Комисијата дека тој не бил избран и именуван, туку привремено ја вршел функцијата. Освен тоа, објаснувал и дека прекршокот му е застарен и дека глобата за физичко лице не може да биде поголема од 250 евра според Законот за прекршоци. ДКСК тие негови аргументи не ги прифатила.

Иако во Македонија постои кривично дело противправно стекнување и прикривање имот, до денес јавно не е познат случај, во кој судија или обвинител загубил функција поради тоа што не може да докаже од каде му потекнува имотот.

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, токму ова го нотира како суштински проблем во пријавувањето имот на функционерите.

„Тие ја плаќаат глобата, но и натаму не поднесуваат имотни листови“, ни кажа.

Податоците што БИРН ги доби од ДКСК покажуваат дека во изминатите три години, 30 судии не пријавиле имот или промена во имотен лист. Кај обвинителите тој број е десет.

ДКСК | Фото: БИРН

Проверката на имотот оди бавно. Пример за тоа е што уште не се завршени проверките на имот за петтемина судии, кои беа нотирани во Извештајот на Стејт департментот за човековите права. Тие чекаат податоци од Финансиската полиција за некои од судиите.

Проблем се јавува поради тоа што имотот што судиите и обвинителите, како и сите други функционери, може да го пријават на други лица, или, пак, да поседуваат имот надвор од земјава.

Ивановска вели дека склучиле договор со неколку земји со кој ќе се овозможи размена на податоци за избрани и именувани лица, но тие не дале резултати во пракса.

БИРН ги провери имотните листови и сите промени на 9 судии што судат во специјализираното судско одделение за организиран криминал и корупција. Некои пријавиле по една промена во имотните листови, а други по пет откако се избрани. Некои пишале дека добиваат плата, а други тоа не го навеле.

Она што е видливо кај сите е тоа што, како и кај сите други функционери, недостасуваат податоци. На пример, судијка пријавила дека поседува 653 акции од 1996 година, и само во еден анкетен лист пријавила дивиденда од 200 евра. Останува нејасно дали таа дивиденда е иста, или се променила по 27 години. Нејзина колешка пријавила 110 акции и удели во инвестициски фондови на сопругот и на децата. Но, за разлика од неа, податоци за дивиденда не навела.

Стопена доверба

Довербата во правосудството на Балканот не може да мрдне од мртва точка | Фото: БИРН

Податоците што ги објави Балкан барометар во 2023 покажуваат дека во целиот регион, довербата во правосудството е многу тенка – се движи меѓу 1,7 отсто до 2,6 отсто, и не само што од таа точка не може да мрдне, туку продолжува да паѓа. 

Еден дел од ниската доверба се должи токму на сомнежи за заднински односи и тргување со влијание, контакти со подземјето и сомневања за црни пари, за кои речиси ништо не може да се докаже, но постојано се шушка.

Директорката на босанскиот Центар за истражувачко известување, ЦИН, Лејла Бичакчиќ вели дека довербата на граѓаните, во голем дел, зависи од транспарентноста на самите судии и обвинители.

И покрај сите слабости, резултатите покажуваат дека албанскиот пример, иако е радикален, е единствениот ефикасен „рендген“ за проверка на имотот. Во земјите од регионот, проверката повеќе е формална, отколку суштинска.

„Транспарентното објавување на имотот на судиите и обвинителите ги разбива митовите за огромни приходи што судиите и обвинителите преку политички и други врски ги добиваат за да ја работат својата работа“.

ЦИН, во 2018 објави база на податоци со проверка на имотот на политичари и судии и обвинители.

„Од тогаш до денес не видовме каков и да е исчекор во насока на поголема транспарентност и проверка“ вели таа.

Во рамки на големо меѓународно истражување за обелоденети податоци од швајцарската банка Кредит свис, српски КРИК објави дека белградската судијка Милена Трговчевиќ-Прокиќ, во таа банка имала над 400 илјади франци. Таа, во 2020 година се пензионирала, а за случајот нема никаков исход.

Според пишувањата на КРИК, судијката ја отворила сметката во 2005, а ја затворила во 2015 година. Дваесетина дена пред да ја затвори сметката, на неа имало околу 200 илјади евра, за кои нема податок од каде се. Судијката не одговорила на повиците на КРИК за интервју.

И додека ваквите примери повремено потсетуваат зошто е кревка довербата во правосудството, проверката на имотот на судиите и обвинителите во регионот останува да биде повеќе форма, отколку суштина.

Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за справување со нелегални финансиски текови, имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.