Анализи

Јанева го остава СЈО со само три завршени случаи

Обвинителката си заминува, работата останува | Фото: Роберт Атанасовски

Првите две недели од јули беа многу динамични за обвинителите на Специјалното јавно обвинителство. Секој ден имаа судски рочишта, понекогаш по четири во ист ден или по три во ист час. Но, на почетокот од третата недела дојде големото изненадување – нивната шефица Катица Јанева објави дека поднесува оставка.

Оставката дојде истовремено со апсењето на сопственикот на 1ТВ, Бојан Јовановски, кој е обвинет дека земал рекет од осомничен бизнисмен за да издејствува од обвинител ослободување или олеснување за него. Истрага во која името на Јанева не е формално соопштено, но се имплицира, особено откако ѝ беше одземен телефон во рамките на истрагата што ја води Обвинителството за организиран криминал.

Во моментот кога таа ја соопштува својата одлука, институцијата што требаше да донесе „правда, за да има мир“, во земјава има три решени случаи, два затворени со откажување од обвинението, 15 активни предмети пред Кривичниот суд, четири случаи што се вратија на повторени постапки, и два за кои се чекаат одлуки од Апелацискиот суд. И 19 истраги за кои сѐ уште не е поднесено обвинение.

Сѐ на сѐ, 40 недовршени процеси по четири години работа.

Обвинителката Ленче Ристоска денеска на прес-конференција рече дека постапките што ги спроведува тимот на СЈО не смеат да се доведат во прашање.

„Стоиме зад работата што сме ја завршиле досега, ве уверувам дека сите постапки што имаат обвинителни акти и судења не се доведени во прашања, затоа што нашето постапување во нив било во рамки на законските прописи“, дополни Ристоска.

Тенкот, багерите и долната облека затворени

Прв што беше осуден на затвор е Никола Груевски | Фото: БИРН

Своевремено, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, рече „не е важно колку случаи ќе отвори СЈО, туку колку ќе затвори“. Тоа беше уште додека нејзината партија беше на власт, а специјалните обвинителки откриваа случај по случај против членовите на тогашната влада.

Токму случајот во кој таа беше обвинета, „Тенк“, е еден од првите три што целосно се затвори. Таа неодамна побара и доби одложување на затворската казна од четири години поради наместената набавка на владиниот мерцедес, а нарачателот Никола Груевски, осуден во истиот предмет, избега во Будимпешта непосредно пред да биде одведен на отслужување на двегодишната казна затвор. 

Јанкулоска прво доби шест години затвор, но Апелацискиот суд потоа ѝ ја намали казната на четири. Во случајот „Тенк“ беше осуден и помошник-министерот во МВР за јавни набавки, прво на шест години и шест месеци, но потоа доби намалување на четири и пол. Сѐ уште никој не е во затвор.

Работата е завршена и во „Труст“, каде што бизнисменот Сеад Кочан и неговите партнери беа обвинети дека го оштетиле државниот буџет за 17 милиони евра, со тоа што давале лажни податоци за да добијат тендер од ЕЛЕМ за ископување јаглен. Кочан беше осуден на шест години затвор, неговиот партнер Василие Авировиќ (син на пратеничката Владанка Авировиќ) на три, но Апелација подоцна ја смени казната за Авировиќ во условна, а на Кочан му ја намали на четири години и осум месеци. И тој побара да му се одложи издржувањето на казната бидејќи имал обврски, но беше одбиен. Требаше да се појави во затвор денеска, но тоа е одложено бидејќи поднел ново барање, овојпат од здравствени причини, кое допрва треба да биде разгледано.

Најбрзо заврши случајот „Тифани“, во кој новинарката Ивона Талевска ја призна вината за затајување данок и доби условна казна, со задолжување да врати 27 илјади евра. Таа беше обвинета дека преку своите фирми купувала долна облека, козметика и други производи што не биле поврзани со работата на компаниите.

Еден загубен случај досега

Латас го доби предметот на прв степен, се чека што ќе одлучи Апелација

Се чека Апелацискиот суд да се изјасни и за случаите „Титаник 2“, во кој за изборни измами беа осудени Сашо Мијалков на три години затвор, Мендух Тачи на три години и три месеци, Бедредин Ибраими на четири и пол години, и уште тројца поранешни членови на Државната изборна комисија на по три години.

Првична пресуда има и за новинарот Драган Павловиќ Латас и за неговите браќа во случајот „Тревник“. Тие беа ослободени од обвинението дека граделе викендички во Зелениково без одобрение. Ова беше прв случај што СЈО го загуби во првостепена постапка. Обвинителството најави жалба.

Досега два случаи од тие што ги отвори СЈО се вратени на првостепено судење. Едниот е  „Тврдина 2“ против бегалецот Горан Грујевски, поранешен началник на УБК, за уништување опрема за прислушување. Првично беше осуден на година и пол затвор, но таа пресуда беше укината од Апелација. Истото се случи и со пресудата против помошник-министерот во МВР, Ѓоко Поповски, кому на добиените години затвор во „Тенк“ му се додадоа и уште девет години за случајот „Триста“, односно за набавката на возила за полицијата. За двата предмета сега се одржуваат нови рочишта.

На повторно судење се вратени и преземените случаи „Шпион“ и „Монструм“.

Од пречка за законот до товар врз предметите

Сомнежите за Јанева се користат за да се оспорат случаите | Фото: Роберт Атанасовски

Денот по оставката на Јанева почна со фотографии од познатите маички СЈО со пречкртана буква Ј, зад која стоеше нејзиниот лик. Таа подолго време беше пречка во преговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за да се постигне консензус за Законот за јавно обвинителство, со кој трајно треба да се реши статусот на специјалното обвинителство.

Опозицијата инсистираше да биде исклучена можноста за Јанева да добие нов мандат, а власта не се согласуваше со тоа. Сега нејзиното име не е пречка за да се дојде до договор за овој закон. Но, споменувањето на нејзиното име (засега само во јавноста) во случај поврзан со изнудување пари од обвинет од нејзиното обвинителство веќе почна да фрла сомнеж на целосниот кредибилитет на институцијата и на сите предмети што таа ги водеше.

Со предложениот закон, СЈО  треба да продолжи да работи како посебен дел од Јавното обвинителство, а неговиот состав може целосно да се смени за две години, во три циклуси. Меѓупартиските разговори за да се обезбеди двотретинско мнозинство за овој закон беа прекинати поради кампањата за претседателските избори, а по изборите имаше само уште една неуспешна средба. 

Поголем број правни експерти, странски дипломати и политичари порачувале дека е неопходно да се обезбеди законско решение со кое СЈО ќе ја продолжи својата работа, со оглед на обемот што го има. Овој закон се споменува и како услов за државата да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Уште пред најновиот драматичен развој на настаните, ситуацијата околу СЈО создаваше неизвесност, дури и се шпекулираше дека бројните одложувања на предмети на СЈО во последно време (деветпати е одложено рочиштето за „Талир“, се одложуваа и „Титаник“, „Тотал“ и „Топлик“) е резултат на тактизирање на судовите за прво да се види судбината на обвинителството пред да се дотуркаат случаите до крај.