Интервјуа

Јаневска: Образованието со проблеми поголеми од еден мандат

Интервју со министерката за образование, Весна Јаневска

Денешниот први септември е втор за Весна Јаневска како министерка за образование. Минатата година, кога за првпат го дочекa првиот училиштен ден како министерка, имаше изговор за хаосот со кој се соочува македонското образование. Беше само три месеци на функцијата, па за недостигот од учебници, вината можеше да ја префрли кај претходната влада.

Сега, со повеќе од една година помината на министерската позиција, вели дека „проблемите не се решаваат преку ноќ.“

Сепак, уверува дека оваа учебна година ќе има учебници за сите предмети и за сите ученици. Некои од нив, како оние за седмо одделение и први клас гимназија, штотуку излегле од печатница, затоа што се по нова програма.

Други, пак, можно е да добијат парталави или искинати, но Јаневска вели дека тоа не е вина на Министерството, туку на училиштата. Тие, според законот, мора да формираат комисија, да ги разгледаат учебниците и да пријават во Министерството колку недостигаат, за да се испечатат нови.

Министерката претпоставува дека една од причините зошто не се заменуваат оштетените учебници е обидот на училиштата да ги заштитат родителите од парични казни.

„Учебниците треба да се користат пет години. Ако се оштетат порано, родителот плаќа дел од цената, зависно од степенот на оштетување. Веројатно тоа е една причина зошто училиштата не пријавуваат“, вели министерката.

Стара концепција со модифицирани учебници

Учениците сега учат по неколку различни наставни програми | Фото: БИРН

Јаневска сака да зборува токму за учебниците зашто смета дека со нив има најголем успех што можела да го направи на краток рок. По промената на Законот за учебници, вели, ниту таа, ниту вработените во Педагошката служба ова лето „не отишле на одмор“ за да се постигне целта сите да ја почнат учебната година со наставниот материјал.

Новата гимназиска програма што ја подготвиле е продолжение на досегашната за основците по која учениците го совладуваат знаењето од 2014 година, односно таканаречената Кембриџ програма. До оваа година, пак, во средно гимназиско се учеше по програма усвоена во 2001 година. Поради таа неусогласеност, учениците имаа дупки во знаењата и се соочува со проблеми во средно образование.

За седмо одделение, пак, програмата е модифицирана верзија на онаа донесена за време на поранешната министерка Мила Царовска.

Јаневска тогаш, како опозиционерка, жестоко ја критикуваше концепцијата за основно образование на Царовска, нарекувајќи ја „причина за крах на македонското образование.“

Особено остро реагираше на спојувањето на историјата, географијата и граѓанското општество во еден предмет, тврдејќи дека зад тоа стои обид историјата да исчезне од наставата, бидејќи била спорна во преговорите со Бугарија.

„Сега ги сменивме програмите. Историја, географија и граѓанско се одвоени како посебни предмети. Целта беше да ги потенцираме националните предмети, бидејќи имаме сериозен напад врз идентитетот, јазикот и сè што ни се случува во моментов,“ тврди Јаневска.

Сега во основното образование се учи по неколку различни програми. Деветтодделенците учеа и завршуваат само по Кембриџ програмата, од прво до осмо учат по концепцијата донесена за време на Царовска, со тоа што за седмо и осмо се воведени измени откако министерка е Јаневска.

„Во следните четири до пет години можеби ќе треба да направиме уште некои измени на концепцијата, а потоа ќе имаме единствена програма, која ќе треба да трае барем десетина години. Само така ќе извадиме генерации и резултати, да имаме учебници и да имаме подобрување во оценувањето,“ прогнозира таа.

Многу подлабок проблем

Министерството разгледува и нови начини за упис во средно | Фото: БИРН

Проблемот со учебниците, кој се провлекуваше со години, пак, е само највидливата пукнатина во образовниот систем. Вистинските проблеми се многу подлабоки и го влечат надолу – од основното до високото образование.

Ниските резултати на ПИСА-тестирањата и отсуството на македонски универзитети на светските рангирања не се случајност, туку доказ за системски проблем.

Во основното образование, притисокот од родителите создава незаслужени петки, потребни за упис во средно. Таму, учениците, пак, се судираат со празнините во знаењето, а на факултет се соочуваат со застарени програми.

„Ниту еден министер, во еден или два мандата, не може да ги реши сите проблеми,“ признава Јаневска.

Таа вели дека за некои работи е доволно што се зборува и се подига свеста, како со лажните петки во основно.

Но, забраната за поправање оценки на наставнички совет, која стана правило во јануари годинава, не дава целосни резултати, па сега притисокот од родителите е насочен директно кон наставниците пред воопшто оценките да станат прашање на советот.

„Кога преземаме една мерка, несаканите дејства се пренасочуваат во други правци. Но, менталитет на народ не се менува за една година. Битно е дека почнуваме да промовираме вистински вредности“, вели Јаневска, која најавува и измени на законите „онолку пати колку што е потребно“ за да се спречат притисоците и врз наставниците.

Сепак, за да се растовари притисокот за петки, размислуваат и за нови модели за упис во средно образование. Ги земаат предвид искуствата од други земји, но конкретни чекори вели ќе преземат по целосна анализа на состојбата.

Некаде, вели министерката, има завршен испит во деветто, други имаат приемен испит, трети, пак, имаат квоти по просек за да не се примаат само со сите петки.

Меѓу другите, споменува и уште една можност: во зависност од средното училиште при упис, различно да се вреднуваат оценките по секој од предметите.

„Нема логика дете надарено за уметност да мора да има петка по математика, ниту, пак, математичар да се вреднува по ликовно или физичко. Во гимназиите треба да се потенцираат математика, македонски, физика и хемија, а во уметничките – тие предмети да не бидат пресудни,“ вели таа.

Преквалификација на кадар и затворање училишта

Министерката најавува и преквалификација на наставници | Фото: БИРН

И додека за познатите скопски гимназии има огромен притисок за упис, во дел од општините основните училишта се празни.

Намалениот наталитет и иселувањето создадоа ситуација во која некаде има простор, ама нема деца, а некаде има деца, но нема простор и наставници.

Оваа година веќе се затворени пет основни училишта – две во Маврово и Ростуше, и по едно во Дебар, Пехчево и во Валандово.

„Самостојно донесоа одлука, секако со наше поттикнување, оти очигледно демографските движења си го покажаа своето, па немаше доволно ученици“, вели Јаневска.

Спротивна на празните училишни клупи е сликата во скопските општини Аеродром, Кисела Вода и Карпош, каде што има училишта што се пренатрупани и работат во две смени. Досегашната анализа покажала дека за да работат едносменски, како што инсистира Министерството, во некои од нив е можна доградба, во други адаптација на училници, а некаде ќе се градат и нови училишта.

Подобри услови во оние општини во кои има повеќе ученици, Јаневска очекува и поради новиот начин на финансирање. Со неодамна усвоената нова формула, блок-дотациите што ги дава државата на општините за развој на образованието ќе се пресметуваат главно врз основа на бројот на ученици.

Оние општини што имаат повеќе ученици, ќе добиваат и повеќе пари од државата и за плати за наставници, но и за развој на образованието и за инфраструктурни проекти.

Како пример за досегашниот нефункционален систем со блок-дотациите ја посочува Струга, иако вели има и други такви општини. Но, како драстичен пример го посочува езерскиот град – таму речиси сите пари што ги префрла државата одат за наставнички плати, а не и за развој.

„Има наставници со десетина часови неделно, иако еден наставник може да има од 20 до 24 часа. Само за да бидат вработени, за нив се отворале паралелки со минимален број, десетина ученици“, вели министерката.

Планот е дел од вишокот наставници што ќе ги детектираат, да се преквалификуваат во кариерни советници или во образовни асистенти, а дел да се префрлат онаму каде што недостигаат вработени, како на пример во Бирото за развој на образованието, во Државниот испитен центар или во стручните служби.

Сепак, има дефицит по клучни предмети: математика, физика, хемија, географија, а во некои училишта и мајчин јазик… Една од мерките што се спроведува веќе со години е повисоки стипендии за студентите што ќе се запишат на дефицитарните професии.

Но, многу од нив не завршуваат како наставници, туку си наоѓаат други работни места.

Во меѓувреме, Педагошкиот факултет, пак, веќе подготвил две кратки програми за преквалификација и реедукација, со кои професори од основните училишта по сродни предмети би можеле да предаваат и други. На таков начин ќе се преквалификуваат и предметни во одделенски наставници бидејќи кај едните се вишок, а други недостигаат.

До септември следната година, Јаневска најавува целосна анализа на состојбата, која треба да покаже колку училишта ќе останат, каде ќе се отвораат нови и како ќе се распореди наставниот кадар.

Не се само Ромите жртви на сегрегација

Едно од решенијата е и затворање на училиштето во Штип | Фото: БИРН

Министерката најжестоко реагираше на прашањето за пресудата на Европскиот суд за човекови права, кој утврди сегрегација на ромските ученици во Штип и одговорност на државата.

„Јас и пред известителите на судот кога дојдоа, кажав дека имаме многу поголема сегрегација од таа на ромските деца. Сегрегацијата не е само проблем на Ромите. Имаме и чисто македонски и чисто албански училишта. Тоа никој не го дискутира, а е исто толку сериозно,“ вели Јаневска.

Сегрегацијата, тврди таа, не е затоа што државата или која било влада досега ја поттикнувала или ја спроведувала, туку затоа што луѓето живеат во чисти етнички средини, па затоа и најблиските училишта се со само една етничка заедница.

„Оваа влада прва отвори прашања за етничкото раздвојување. Не ги нарекувам предизвици, затоа што се проблеми, и тоа сериозни. Досега сите молчеа. Ние ги детектиравме и ќе ги решаваме, но треба време“, вели Јаневска.

Едно од решенијата за конкретното училиште во Штип е дека „доколку најдат заеднички јазик со општината да го затворат и да го пренаменат во нешто друго“.

„Учениците од таму можеме да ги дисперзираме во соседните три-четири училишта, кои се и онака полупразни и нема да имаме проблем со сегрегација“.

Високото образование – без врвни факултети

Ќе се менуваат и студиските програми | Фото: БИРН

Учениците, пак, кога ќе стигнат до факултет и ако одлучат да останат тука, немаат избор на врвни факултети. Ниту еден македонски универзитет го нема на таканаречената Шангајска листа, на која се рангирани 1.000 најдобри универзитети во светот.

Јаневска вели дека е свесна за недостатоците и затоа подготвувале нов закон и за високото образование, за кој редовно разговарале со ректори и професори од сите државни универзитети и „договорено е да нема отпор“.

Најавува дека некои студиски програми на кои нема заинтересирани или, пак, се застарени, ќе бидат укинати, а ќе се воведат нови додипломски и постдипломски студии.

„Се појавуваат нови потреби, на пример сајбер-безбедност, доскоро не се изучуваше, сега има постдипломски, а на секој ќоше има факултети за администрација, а нема потреба“.

И додека се чека реформирањето на македонското образование, се зголемува бројот на македонски студенти во Словенија.

„Една од причините е атрактивноста на тамошните студиски програми, другата е квалитетот на образованието, а третата е што Словенија е членка на ЕУ “, вели таа.

За приватните универзитети најавува строг надзор. Министерството веќе затвориле 14 научно-истражувачки институти и на два факултета им забранило упис годинава. По промената на законот со кој би имале основ за постапување, најавува ригорозно постапување, оти како што вели „или ќе се средат, или ќе ги нема“.

„Нема да имам милост“, вели Јаневска.