Истражувањa

Образование – Неусогласени програми, збунети ученици

Програмите во основно се од 2014 година, а во средно од 2001 година

На први септември 2014 година, тогашниот министер за образование, Абилаќим Адеми, и неговиот заменик Спиро Ристовски, во скопско училиште ги промовираа новите учебници од таканаречената Кембриџ наставна програма.

На почетокот на таа учебна година, никој не беше изненаден од оваа вест. Воведувањето на Кембриџ програмата, месеци однапред го најавуваше и премиерот Никола Груевски, како една од клучните реформи што ќе донесат поквалитетно образование.

Тоа беше пред девет години, колку што трае и основното образование. Од први септември 2022 година, учениците што учеа природни науки и математика исклучиво по Кембриџ програмата се запишаа во средно образование.

И имаат проблеми.

Во основното училиште, помпезно најавените Кембриџ учебници личат горе-долу на сликовници. Лекциите се по неколку збора, а голем дел од предавањето е оставено на имагинацијата и желбата на наставниците да бидат креативни.

Наставници од скопски училишта со кои разговаравме велат дека програмата и „не е толку лоша колку што државата со години не обезбеди доволно услови да се спроведува како што е замислена, во кабинети и со спроведување експерименти“.

Министерот за образование, Јетон Шаќири е свесен за проблемите што ги предизвикуваат неусогласените програми | Фото: Влада на РСМ

Но, таа програма, за чие спроведување во основно како проблем се појавуваат и неопремените училници, не стигна ниту до вратите на средните училишта.

Во средно, учебниците изгледаат како книгите по кои учеа сега повозрасните. Последните наставни програми закачени на Бирото за образование за природните предмети во средно се од 2001 година.

Но, проблемот, всушност, се наоѓа зад кориците на учебниците напишани по програмата од пред 22 години.

Кога учениците во прва година средно ги отвораат книгите, внатре наидуваат на материјал со кој воопшто не се сретнале во текот на основното образование.  

Тој проблем на неусогласени програми од основното и од средното образование, не само што создава дупка во образовниот процес, која се одразува и понатаму во школувањето, туку создава и фрустрации.

„Мислам дека меѓу деветто одделение и средно треба да има уште една година образование“, вели родителот Огнен Теофиловски.

Тој е само еден од стотината што одговорија на прашалникот на БИРН за тоа дали неусогласените проблеми им прават проблеми и како се снаоѓаат за нивно надминување.

Соочени со проблемите што произлегоа од прашалникот, како на пример дека родителите се принудени да одвојуваат пари за приватни часови за своите деца да можат да ги надминат дупките создадени во државниот образовен систем, на неформален брифинг, надлежни во Министерството за образование одговараа безмалку резигнирано.

Одговорите се движеа од тоа дека не треба приватни часови да се сметаат за нешто страшно, до тоа дека не се проблем различните програми, споредувајќи со индивидуални случаи на префрлување од македонски образовен систем основно во средно во друга држава.

 „Некои генерации се жртви на образовниот систем, тоа е така“, ни рекоа првично во МОН, признавајќи дека образовниот систем е далеку од совршен.

Сепак, неколку недели подоцна, официјално, министерот за образование, Јетон Шаќири, за БИРН, рече дека е запознаен со овој проблем и дека веќе побарал од Секторот за педагошка служба заедно со другите надлежни да преземат нешто „за разликите што веќе постојат да се надминат“.

Всушност, под „жртви на образовниот систем“ може да се сметаат учениците што сега се трето, шесто, седмо, осмо и деветто одделение и тие што годинава го почнаа средното образование. Тие учат по таканаречената Кембриџ програма. Другите, односно сегашните ученици во прво, второ, четврто и петто учат по новата концепција што се воведе во 2021 година.

Како почна сè?

Со промената на програмите од пред две години сега се доби образовен систем, во кој некои генерации учат по Кембриџ учебниците за математика, за природни науки, хемија и физика, а учебниците по другите предмети им се по други, постари програми. Други генерации, пак, учат по концепцијата што интегрира повеќе предмети во еден, а вклучува и дигитални учебници.

Воведувањето на различните наставни програми што сè уште се живи во македонскиот образовен систем, секогаш почнуваа со иста најава – дека ќе бидат спас за лошото македонско образование, кое со години продуцира ученици со речиси сите петки дома, но со лоши резултати на меѓународните рангирања.

И првата реформа на Груевски, онаа од 2014 година се воведуваше со таква најава. Почна постепено, прво за учениците од прво до трето, па потоа и за сите основци. Планот на поранешната владејачка гарнитура беше од 2017 година да се воведе и во средните училишта.

Но, во 2017 година, тогаш новата влада на Зоран Заев донесе одлука да не продолжи воведувањето на Кембриџ и во средното образование. Тогаш најавите беа дека во консултативен процес ќе се носат нови реформи во образованието. Така и се случи.

Поранешната министерка за образование, Мила Царовска почна со нови реформи по кои сега учат во второ и во петто одделение. Сега се во фаза на подготовка наставните програми по кои тие треба да продолжат да учат во трето и во шесто одделение.

„Она што е итно потребно е нова концепција за средното гимназиско образование“, велат од УКИМ.

Нова концепција за средно, ама за неколку години

Новите наставни програми се најавуваат за наредните години | Фото: Роберт Атанасовски

Реформите во образованието многупати се доживуваат како една од оние вечни теми. Со децении, сите констатираат дека е лошо и дека се потребни промени. Од употребата на такви квалификации не се воздржуваат ниту самите министри, но во македонската политичка култура, многу често се случува една политичка гарнитура да почне една реформа, а другата да не ја продолжи.

Сегашниот министер Шаќири, инаку четврти министер од 2017, не остава впечаток дека ќе ги стопира реформите почнати од неговата претходничка Царовска. Најавува и продолжување на концептот во основно, но и нов закон за средно образование, со кој би требало да се надминат разликите со кои сега се соочуваат учениците. Но, проблемот е што тоа нема да се случи бргу.

„Законот очекувам да помине оваа година. Но, новите наставни програми не сме подготвени да ги воведеме во учебната 2023/2024“, вели Шаќири.

Тој објаснува дека тоа се должи на процедурите. Прво Бирото за развој на образованието треба да распише повик за автори, па комисии да ги изберат и сето тоа да се заврши некаде до „учебната 2024/2025 година или во следните учебни години“.

И додека од зградата на владината институција ги најавуваат реформите со одложен рок, наставниците алармираат на сериозни последици во едукативниот процес.

„Надвор од наставната програма, секогаш на учениците им нудам дополнителни материјали надвор од програмата зашто знам со какви програми се соочуваат во средно. Се обидувам колку-толку да ги подготвам, но тоа го разбираат само 20 отсто од учениците“.

Ниско и неефикасно финансирање на образованието

Парите од буџетот за образованието се под просекот на ЕУ | Фото: Роберт Атанасовски

Состојбата во домашното образование е позната и за бриселската администрација, која ги подготвува извештаите за напредокот на земјата во европските реформи. Во извештај објавен во 2022, Европската комисија нотира дека неусогласеноста на програмите се должи и на тоа што државата не двои доволно пари за да може да се направат потребните реформи.

Како конкретен пример се зема 2020 година, кога почнал да се намалува процентот од Бруто домашниот производ што се дели за образованието, па од 3,7 отсто колку што бил, претходните години се намалил на 3,3.

Просекот на земјите-членки на ЕУ, пак, е далеку повисок – изнесува пет отсто.

„Години на предизвици“ е фразата што често се слуша од македонските власти за разни теми. Неа ја употреби и министерот Шаќири, кога го прашавме за забелешките од ЕУ. Објаснува дека парите од Министерството морале да одат прво на здравствената ковид-криза, па на сметките за висока струја, а ги зголемиле и платите на наставниците. Ако не било сево ова, ќе биле, вели, во подобра ситуација со реформите на наставните програми.

„Ги поддржувам забелешките. Секогаш ќе барам, како министер, поддршка од Министерството за финансии за да се реализираат образовните политики, ќе мора да имаме пораст на процентот, кој ние како министерство ќе го добиеме од буџетот“.

Сите партии, повеќе или помалку, во своите настапи и предизборни ветувања, говорат за системски реформи, за „светски стандарди“. Во овие 16 години се сменија 10 министри, а македонското образование и натаму е на дното во светските рангирања.

Тоа може да се види од меѓународните тестирања, како ПИСА и ПИРЛС, во кои Македонија учествува од 2000 година. Досега се спроведени три тестирања. Пред 23 години, од 41 земја што учествуваа во тестирањето во математичка писменост, македонските ученици беа на 38-то место, а во знаења за природните науки, на 36-то место.

Во 2015 година, од 72 држави-учеснички, македонските ученици се позиционираат по математика на 68-то место, а по природни науки на 69-то. Последните објавени резултати се за тестирањето во 2018 година. И тие се лоши. Од 78 држави, во математика, македонските ученици се на 67-то, а во природни науки на 62-то место.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.