Истражувањa

Јевросимовиќ излегува од медиумскиот бизнис во Македонија

Две српски фирми на бизнисменот Веселин Јевросимовиќ кои учествуваат во сопствеништвото на телевизијата „Алфа“ и на порталот „Телеграф“, излегуваат од бизнисот

Две српски фирми на бизнисменот Веселин Јевросимовиќ кои учествуваат во сопствеништвото на телевизијата „Алфа“ и на порталот „Телеграф“, излегуваат од бизнисот.

Преку фирмата „ЦХС Инвест груп“ во сопствеништвото на ТВ Алфа влегува Иво Јанкоски од продуцентската куќа „Трето уво“, а преку „Интернет инвестмент груп“ во сопствеништвото на „Телеграф“ влегува Јана Станисављева.

На ова, пред извесно време им претходеа промените на управителите во истите компании.

Македонските медиуми и покрај законските измени, не се исклучок од правилото за нетранспарентна сопственичка структура, која најчесто преку цела мрежа компании го крие одговорот на прашањето „кој е вистинскиот газда“.

Дури и тогаш кога во јавноста, па и кај самите вработени нема дилеми кој стои зад медиумот, формално сопственоста треба да се следи низ цел лавиринт меѓусебно поврзани компании, често со слични имиња, исти адреси, но официјално различни правни субјекти.

Бизнисот на ЦХС во рацете на Иво Јанкоски

ivo jankoski

„ЦХС Инвест груп“ премина во сопственост на Иво Јанкоски

Сопственик на ТВ АЛФА е фирмата „Алфа Скоп“ во која учествуваат неколку компании, но доминантен сопственик е „ЦХС Инвест груп“, со основачки влог (паричен и непаричен) од повеќе од 2,4 милиони евра.Со промените објавени на страницата на Централен регистар, „ЦХС Инвест груп“ премина во сопственост на Иво Јанкоски, во јавноста познат како првиот човек на продуцентската куќа „Трето уво“. Тој истовремено е наведен и како директор на компанијата „ЦХС Инвест груп“.

И покрај обидите за контакт со Јанкоски, не успеавме да добиеме одговор за која сума и од кои причини тој ја купил фирмата која во 2013 година беше 46 на листата на најуспешни бизниси во Македонија.

Пред да ја купи Јанкоски, „ЦХС Инвест груп“ беше во сопственост на фирмата „ЦНС Медиа технолоџи“ од Белград, која се поврзува со српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.

Според податоците од српскиот Централен регистар, „ЦНС Медиа технолоџи“ е српска компанија, со скратено име „Комтрејд“, првично регистрирана на Холандските Антили. Мнозински сопственик и претседател на Управниот одбор на „Комтрејд“ е српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ, и во Србија и во Македонија познат по акциите финансирани од двете влади – „Компјутер за секое дете“.

Во 2012 година, преку својата групација за информациски технологии „Kомтрејд“, односно преку фирмата–ќерка во Македонија, „ЦХС Инвест груп“, српскиот бизнисмен Јевросимовиќ купи 56 отсто од акциите на „Фершпед“ во ТВ Алфа, за што плати 2,5 милиона евра.

Претставник на неговиот капитал во Македонија беше Симонида Кажиќ, која и сега останува директор на фирмата „Алфа Скоп“, сопственик на ТРД Алфа ДООЕЛ, односно на ТВ Алфа.

Многу помали удели во „Алфа Скоп“ (освен „ЦХС Инвест груп“), имаат и АД „Европа“ Скопје, „Технометал Вардар“ и „Макошпед“ АД.

Во ТВ Алфа не знаат за промените

Директорот на ТВ Алфа, Љубомир Николовски, за БИРН изјави дека не е запознаен со промените во компанијата која е доминантен сопственик на „Алфа Скоп“.

„Сопственик на ТВ Алфа е фирмата ‘Алфа Скоп’. Сопственичката структура во однос на фирмите што се над неа, не нè интересираат и не сме запознаени“, вели тој.

Податоците од Централниот регистар говорат дека „Алфа Скоп“ последниве две години работи со загуби, односно во 2015 година имала приходи од само 19 денари. Загубата за 2015 година е околу 40 илјади евра.

Новинарите во ТВ Алфа, според нашите информации, веќе подолго време се соочуваат со доцнење на платите. Директорот на телевизијата, Николовски, уверува дека не станува збор за посериозни проблеми.

„Тешко оди наплатата од фирмите што ни должат, но ТВ Алфа не е загрозена. Тоа се случува во секоја фирма; правиме сè што можеме за да ги извршиме наплатите“, вели Николовски.

Србите се повлекуваат и од „Телеграф“

Во исто време со промената која ја засега ТВ Алфа се случува и значајна промена во сопственичката структура на интернет порталот „Телеграф“, дел од медиумската групација на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ).

Имено, Јана Станисављева, актуелната управителка на МПМ деновиве стана сопственик на „Интернет груп инвестмент“. Фирма преку која до неодамна со една третина во сопствеништвото беше присутен капиталот на Веселин Јевросимовиќ во „Графички центар“. Другите два сопственика беа „Орка холдинг“ и „Мирекс“ на Срѓан Керим.

Единствениот сопственик и директор на „Интернет груп инвестмент“, по последните промени, Јана Станисављева, не одговараше на нашите повици.

„Интернет груп ДОО Белград“, како дел од „Комтрејд“ во Србија е сопственик на порталот „Телеграф.рс“, а „Интернет груп инвестмент“ во Македонија, преку „Графички центар Скопје“ е сопственик на порталот „Телеграф“.