Истражувањa

Крвав бизнис: Патот на оружјето вреден 1,2 милијарди евра

Невиден наплив на оружје од централна и источна Европа ги преполни боиштата на Блискиот Исток

Пишуваат: Лоренс Марзоук (Lorens Marzouk), Иван Ангеловски и Миранда Патручиќ

Додека Белград спиеше, ноќта на 28 ноември 2015 година, турбо моторите на карго авионот Иљушин Il-76 на белоруската авиокомпанија Руби Стар, преполн со оружје за далечните боишта, брмчеа на пистата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.

Полетувајќи, преполнетиот авион се пробива низ српската магла на својот пат кон Џеда, Саудиска Арабија.

Тоа беше само еден од најмалку 68 летови што во изминатите 13 месеци транспортирале оружје од централна и источна Европа до Блискиот Исток и Турција од каде што пак, оружјето било пренасочувано кон бруталните граѓански војни во Сирија и Јемен, открива Балканската истражувачка мрежа (БИРН) и Мрежата за истражување на организиран криминал и корупција (ОЦЦРП).

Тие летови се само мал дел од 1,2 милијарди евра вредни зделки договорени за купување оружје од 2012 година до денес.

Белградскиот аеродром / Фото:БИРН

Белградскиот аеродром / Фото:БИРН

Истовремено, изминативе две години, додека илјадници тони оружје летале на југ, стотици илјади бегалци од Блискиот Исток тргнаа кон север, бегајќи од конфликтите во кои загинаа повеќе од 400 илјади луѓе.

Додека Европа се труди да ја затвори бегалската рута, патот на оружјето вреден повеќе од милијарда евра останува отворен – и доста лукративен.

Оваа трговија е речиси сигурно нелегална, тврдат експертите за оружје и за човекови права.

„Сѐ укажува на систематско пренасочување на оружјето кон вооружени групи обвинети за сериозни кршења на човековите права. Ако е тоа точно, според АТТ (Договор на ОН за трговија со оружје) и други меѓународни закони, овие бизниси се незаконски и мора веднаш да се спречат”, вели Патрик Вилкен (Patrick Wilcken), експерт за контрола на оружје во организацијата Амнести интернешнел (Amnesty International) кој направил увид во доказите до кои дошле новинарите.

Имајќи го предвид влогот од неколку стотици милиони евра и фактот што фабриките за вооружување им работат прекувремено, земјиве имаат доста силен мотив да ги пуштат овие бизниси да цветаат. И покрај бројните докази дека оружјето се пренасочува кон сириски и други вооружени групи обвинети за кршење на човековите права и други ужасни злосторства, дозволи за извоз на оружје, што всушност треба да ја гарантираат крајната дестинација на стоката, и натаму се издаваат.

Целата трговија, според зборовите на Роберт Стивен Форд (Robert Stephen Ford), американски амбасадор во Сирија од 2011 до 2014 година, ја координираат американската Централна служба за контраразузнавање (ЦИА), Турција и блискоисточните земји преку центри во Јордан и Турција. Во практика, голем дел од оружјето минува незабележано и од службите на овие земји.

Новинари на БИРН и на OЦЦРП, во своето едногодишно истражување прегледале бројни информации за извоз на оружје, извештаи на ОН, податоци за летови и договори за трговија со оружје кои откриваат како на Блискиот Исток се транспортираат илјадници автоматски пушки, минофрлачка муниција, ракетни фрлачи, противтенковско оружје и тешки митралези од Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Република Чешка, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка.

Од ескалацијата на конфликтот во Сирија во 2012 година, овие осум земји одобриле испорака на оружје за Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Турција во вредност од најмалку 1,2 милијарди евра.

12a

oruzje2a

Реалната бројка е најверојатно далеку поголема. За 4 од 8 земји нема податоци за дозволите за извоз на оружје за 2015 година, како и за 7 од 8 земји за 2016 година.

Четири земји кои се појавуваат како купувачи, снабдуваат со оружје вооружени групи во Сирија и Јемен, иако, пред 2012 година, речиси воопшто не набавувале оружје од централна и источна Европа.

Оружјето и муницијата од централна и источна Европа, идентификувани од снимките и фотографиите поставени на социјалните медиуми, сега ги користат единиците на Слободната сириска армија кои се поддржани од Западот, но и борците на исламистичките групи како Ансар ал-Шам, Џабнат ал-Нусре (која се поврзува со ал-Каида), потоа, Исламската држава Ирак и Левант, ИСИС, во Сирија, припадници на фракции кои се борат на страната на сирискиот претседател, Башар ал Асад, како и единиците на Сунитските борци во Јемен.

Судејќи според ознаките на одредени парчиња оружје, значителна количина на воeни средства кои се користат во Сирија и Јемен била произведена неодамна – дури и во 2015 година.

Од оружјето во вредност од 1,2 милијарди долари, коешто добило дозвола за извоз, досегашните испораки вределе околу 500 милиони евра, покажуваат информациите на ОН за трговија со оружје и националните извештаи за извоз на оружје.

Зачестеноста и бројот на карго летовите – од кои БИРН и OЦЦРП идентификувале најмалку 68 за малку повеќе од една година – покажуваат дека транспортот со оружје од централноевропските и источноевропските аеродроми кон воените бази на Блискиот Исток е стабилен и константен.

Авионот што најчесто се користи за транспорт – Иљушин IL-76 – може да носи товар од околу 50 тона, односно, околу 16 илјади калашникови или околу три милиони куршуми. Останатите авиони, како на пример, Боинг 747, можат да носат и двојно повеќе товар.

Оружјето и муницијата, меѓутоа, не се транспортираат само по воздушен пат. Од декември 2015 година до денес, новинарите идентификувале и најмалку три пратки на американската војска од пристаништата на Црно Море до пристаништата во Црвеното Море и Турција, со околу 4.700 тони оружје и муниција.

Бодил Валеро, членка на Европскиот парламент од Шведска, оваа трговија со оружје ја нарекува срамна.

„Можеби тие – Бугарија, Словачка и Хрватска – не се срамат, но јас мислам дека би требале”, рече Валеро, која работела и како известувач за последниот извештај на ЕУ за оружјето.

„Земјите кои им продаваат оружје на Саудиска Арабија или на Блискиот Исток и Северна Африка, не прават добри процени на ризикот и со тоа ги кршат правилата на ЕУ, како и домашните закони”, додава таа.

Речиси сите одговори на претставниците на властите во Хрватска, Црна Гора, Србија и Словачка на прашањата на БИРН и OЦЦРП се слични и сите тврдат дека ги почитуваат меѓународните обврски. Некои додаваат дека Саудиска Арабија не е на црната листа на земји за извоз на оружје, додека други сметаат дека нивните земји не се одговорни ако оружјето се пренасочи во трети земји.


Прашањето за легалностаГлобалната трговија со оружје е регулирана со три нивоа на меѓусебни поврзано законодавство – националното, она на Европската унија (ЕУ) и меѓународното – но не постои формален механизам за казнување на оние кои го кршат законот.

Покрај општата забрана за извоз во земјите под ембарго секое барања за дозвола за извоз се разгледува поединечно.

Во случајот со Сирија, во моментот не постојат санкции за снабдување на опозицијата со оружје.

Како резултат на тоа, законитоста на одобрението за извоз зависи од тоа дали земјите спровеле темелна и внимателна анализа на голем број прашања, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на можноста за пренасочување на оружјето и како извозот ќе влијае на мирот и стабилноста.
Босна и Херцеговина (БиХ), Бугарија, Хрватска, Чешка, Црна Гора, Романија, Србија и Словачка се сите потписнички на Договорот на ОН за трговија со оружје (ATT), кој стапи во сила во декември 2014 година и во кој се наведуваат мерките насочени кон спречување на недозволена трговија со оружје и негово пренасочување.

Земјите-членки на ЕУ, исто така, се водат според законски обврзувачкиот Заеднички став за трговијата со оружје од 2008 година, кој бара од сите земји, во процесот на разгледување на барањето за дозвола за извоз на оружје, да ги зема предвид осумте различни критериуми, меѓу кои дали земјата ги почитува човековите права, го чува „регионалниот мир, безбедноста и стабилноста”, како и за ризикот од пренасочување.

Како дел од напорите за влез во ЕУ, БиХ и Црна Гора веќе ги усвоија овие мерки и ги менуваат законите. Србија во моментот работи на тоа.
Извозот на оружје првично се проценува врз основа на сертификатите за краен корисник, клучен документ што го издаваат органите на земјата увозник и кој обезбедува гаранции за тоа кој ќе го користи оружјето и дека тоа не е наменето за извоз во трети земји.

Властите во Централна и Источна Европа изјавија за БИРН и ОЦЦРП дека тие, исто така, додале клаузула со која се бара од купувачот да бара одобрување во случај ако подоцна сака да ја извезе истата стока.

Покрај овие основни проверки врз основа на домашното и на правото на ЕУ, како и врз основа на ATT, земјите, исто така, се должни да извршуваат и низа други процени на ризикот, иако од разговорите со нив, и од нивните изјави, властите дадоа малку докази за тоа.

ОЦЦРП и БИРН разговараа со владини претставници во Хрватска, Република Чешка, Црна Гора, Србија и Словачка и сите одговорија слично, дека ги почитуваат меѓународните обврски. Некои изјавија дека Саудиска Арабија не се наоѓа на ниедна меѓународна црна листа за оружје, а други рекоа дека тие не се одговорни ако оружјето се пренасочи. Трите останати земји не одговорија на барањето за коментар.

Министерството за надворешни работи на Чешка беше единствениот државен орган што директно зборуваше за загриженоста поради злоупотребата на човековите права и пренасочувањето на оружјето велејќи дека ја зема предвид и кога ја проценува дозволата за извоз и кога блокира трансфери по таа основа.

Колку е всушност легална трговијата со оружје со Блискиот Исток? Погледнете во овој текст.


Саудиска Арабија – кралот на оружјето

Каналот на снабдување со оружје од Централна и Источна Европа кон Блискиот Исток, може да се следи од зимата на 2012 година кога десетици товарни авиони, натоварени со оружје и муниција од времето на бивша Југославија, почнале да полетуваат од Загреб кон Јордан. Купувачот бил Кралството Саудиска Арабија. Набргу потоа се појавија и првите снимки со хрватско оружје на боиштата во Сирија.

Во февруари 2013 година, „Њујорк тајмс“ објави дека за време на посетата на Вашингтон во летото 2012 година, еден висок хрватски функционер понудил од хрватските залихи на југословенско оружје за потребите на Сирија. Нешто подоцна, Загреб беше поврзан со Саудијци кои го финансирале купувањето, при што ЦИА помагала околу логистиката за воздушниот транспорт што започнал кон крајот на таа година.

Додека хрватските власти упорно негираа каква било улога во праќањето на оружје во Сирија, поранешниот американски амбасадор во Сирија ги потврди за БИРН и ОЦЦРП наводите на „Њујорк тајмс“ засновани на анонимен извор за тоа како била склучена зделката. Тој изјави дека не е во позиција да зборува подетално за неа.

Ова било само почеток на незапаметена трговија со оружје од Централна и Источна Европа со Блискиот Исток, бидејќи каналот на снабдување се проширил за да опфати стока од уште седум земји. Локалните трговци со оружје обезбедувале оружје и муниција и посредувале во продажба на муниција од Украина и Белорусија, дури и се обидувале да обезбедат советски противтенковски системи купени од Велика Британија, а низ цела Европа се создавал пазар за трговија со оружје.

Пред Арапската пролет од 2011 година, трговијата со оружје помеѓу источна Европа и Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Арапски Емирати и Турција – четирите клучни поддржувачи на сириската разединета опозиција – речиси не ни постоела, покажува анализата на податоците за извоз на оружје.

Меѓутоа, ова се сменило по 2012 година.

Според националните и извештаите на ЕУ за извоз на оружје, како и според тврдењата на извори од власта, оттогаш, па сѐ до 2016 година, осум источноевропски земји одобриле извоз на оружје и муниција за Саудиска Арабија во вредност од најмалку 829 милиони евра.

fff

Untitled

Почнувајќи од 2012 година, Јордан обезбедил дозволи за извоз во вредност од 155 милиони евра, Обединетите Арапски Емирати – 135 милиони, а Турција – 87 милиони, така што вкупниот износ станува 1,2 милијарди евра.

Катар, уште еден од главните снабдувачи на сириската опозиција, не се појавува во документацијата за извоз на оружје од земјите на Централна и Источна Европа.

Џереми Бини (Jeremy Binnie), експерт за вооружување на Блискиот Исток, кој работи за неделникот „Џејнс дифенс викли“ (Jane’s Defense Weekly), публикација која се смета за најдобар извор на информации од областа на одбраната и безбедноста, вели дека поголемиот дел од оружјето кои се извезува од Источна Европа е најверојатно наменето за Сирија, и во помала мера, за Јемен и Либија.

„Со мали исклучоци, војските на Саудиска Арабија, Јордан, ОАЕ и Турција повеќе користат пешадиско оружје и муниција од Западот, отколку од Советскиот Сојуз”, вели Бини. „Според тоа, изгледа веројатно дека големите пратки на средствата набавени од – или испратени до – тие земји се наменети за нивните сојузници во Сирија, Јемен и Либија.”

БИРН и ОЦЦРП дојдоа до доверливи документи од српското Министерство за одбрана и записник со низа меѓуресорни состаноци од 2013 година. Овие документи покажуваат дека поединци во Министерството за одбрана на Србија биле загрижени дека испораките до Саудиска Арабија можат да бидат пренасочени кон Сирија, нагласувајќи дека Саудијците не користат оружје од Централна и Источна Европа, како и дека се познати по тоа што ја снабдуваат сириската опозиција со оружје.

Министерството за одбрана на Србија го одбило барањето на еден трговец со оружје за дозвола за извоз во Саудиска Арабија, за по само една година да одобри нови испораки на оружје, правдајќи го тоа како национален интерес.

Силите на Саудиска Арабија, главно снабдени со „западно” оружје, се познати по тоа што користат и одредена количина на опрема од Централна и Источна Европа. Тука спаѓаат воени камиони од чешко производство и нешто автоматски пушки произведени во Романија. Меѓутоа, имајќи ја предвид вмешаноста на Саудиска Арабија во конфликтот во Јемен, дури и извозот на оружје наменето за нивните сили се смета за контроверзно.

Поради цивилните жртви во граѓанската војна во Јемен, Холандија стана првата земја од Европската унија која го сопре извозот на оружје во Саудиска Арабија, а Европскиот парламент повика на воведување ембарго на извозот на оружје на ниво на ЕУ.

Логистиката на снабдувањето: карго летови и исфрлање на товарот од воздух

Оружје од Централна и Источна Европа се транспортира на Блискиот Исток со товарни авиони и бродови. Идентификувајќи ги конкретните превозни средства, новинарите успеаја да го следат транспортот на оружјето во реално време.

Planes_Map_macedonian_hires_lek

Со детална анализа на распоредите за летање на одредени аеродроми, истражување на историјатот на различни авио компании, со следење на летовите и соработка со изворите во некои европски контроли на летање, новинарите успеаја прецизно да идентификуваат 68 летови што во изминативе 13 месеци пренесувале оружје кон Блискиот Исток.


Воздушен мост до Блискиот Исток
Најмалку 68 карго летови од Србија, Словачка, Бугарија и Република Чешка пренеле илјадници тони оружје и муниција до Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Јордан, трите клучни снабдувачи на сириските бунтовници, во последните 13 месеци.
Летовите биле идентификувани врз основа на детална анализа на редоследите на летање, со истражување на историјатот на различни авиокомпании, следење на летови и пронајдени договори за оружје, потврди за крајни корисници и извори во контролите за летање.
Според податоци на Европската унија за летовите и интервјуа со набљудувачите на авиони, карго летовите од Централна и Источна Европа кон Блискиот Исток, а особено кон воените бази, биле многу ретка појава до крајот на 2012 година кога пак дошло до скок во откупот на оружје и муниција.
Најчесто употребуван авион – Иљушин Il-76 – може да носи дури до 50 тони товар или околу 16 илјади AK-47 калашњикови или три милиони куршуми. Другите, вклучучувајќи и Боинг 747, можат да пренесат најмалку двојно толку.
За 50 од овие 68 лета и официјално е потврдено дека превезувале оружје и муниција:
Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија потврди дека од 1 јуни 2015 година до 4 јули 2016 година, 49 лета од Србија, или кои минувале низ Србија, превезувале оружје и муниција. Оваа потврда е добиена по повеќенеделно одбивање да се даде каков било коментар, повикувајќи се на доверливост на информациите, а откако БИРН и ОЦЦРП ги изнесоа своите докази, вклучувајќи и фотографии од утоварување на воени сандаци во авиони на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ во четири наврати.
Официјален претставник на бугарската царинска служба потврди дека еден од летовите на бугарската авиокомпанија „Руби Стар Ервејс“ носел оружје од оддалечениот бугарски аеродром Горна Орјаховица до аеродромот Брно-Турану во Република Чешка, а потоа оттаму во Акаба во Јордан.
Идентификувани се уште 18 летови за кои се верува дека превезувале оружје и муниција врз основа на: податоци за компанијата за воздушен транспорт и досегашната практика за превоз на оружје; врската со претходните летови со кои е превезувано оружје; воени аеродроми како дестинација.
Остварени се 10 летови кон воздухопловната база Принц Султан во Ал Кар во Саудиска Арабија и воздухопловната база Ал Џафра во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, што укажува на веројатно присуство на оружје или муниција. Истовремено, Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија потврди дека 14 лета до базите Принц Султан и Ал Џафри превезувале оружје во истиот период.
Седум лета од Словачка и Бугарија реализирала јорданската авиокомпенија „Интернешнел Ер Карго“, дел од јорданското кралско воено воздухопловство и за нив било откриено дека превезувале оружје и муниција од Хрватска во Јордан зимата во 2012 година. Бугарскиот пензиониран полковник и експерт за борба против тероризмот, Славчо Велков, кој одржува многу и блиски контакти со војската, за БИРН и ОЦЦРП вели дека со летовите од Софија до Аман „било транспортирано оружје во Саудиска Арабија, главно за сирискиот конфликт”. Покрај тоа, од страна на српскиот Директорат за воздухопловство било потврдено дека постои уште еден лет од оваа авиокомпанија кој носел оружје во истиот период.
Еден лет бил реализиран од белоруски воздушен карго превозник „Транс-виа-експорт“, кој има долга историја на транспортирање на оружје. Српскиот трговец со оружје, Слободан Тешиќ, ја ангажирал оваа авиокомпанија во 2014 година да превезе српско и белоруско оружје и муниција во воздухопловни бази во Либија кои биле под контрола на разни милитантни групи. Според извештајот на Обединетите нации (ОН) за 2015 година, комисијата на ОН за санкции го истражувала овој случај и утврдила потенцијални кршења на санкциите на ОН. Освен тоа, српскиот Директорат за воздухопловство потврди дека 5 лета на оваа авиокомпанија превезувала оружје во истиот период.

Аеродромите во Белград, Софија и Братислава се јавуваат како главни центри за транспорт на оружјето, при што најмногу летови имало од Белград.

Многу од овие летови имале по уште една попатна станица во Централна и Источна Европа – што значи дека најверојатно преземале дополнителни количини оружје и муниција – пред да продолжат кон крајната дестинација.

Статистиките за летови на ЕУ нудат уште повеќе докази за обемот на операцијата. Тие откриваат дека авиони што полетувале од Бугарија и Словачка испорачале 2.268 тони товар – еднакво на 44 лета со најчесто користениот Иљушин II-76 – од летото 2014 година до истите воени бази во Саудиска Арабија и ОАЕ посочени од БИРН и ОЦЦРП.

Датум на летот
Полетува од
Преку
Дестинација
Авиокомпанија
Број на лет
Број на регистрација
04.07.2016
БЕГ (Белград, Србија)
SHW (Шаруа, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7654
EW-383-TH
02.07.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7654
EW-383-TH
30.06.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7654
EW-383-TH
26.06.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7652
EW-395-TH
24.06.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7654
EW-395-TH
22.06.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7654
EW-383-TH
20.06.2016
ПДВ (Пловдив, Бугарија)
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7602
EW-383-TH
16.06.2016
БЕГ (Белград, Србија)
DHF (Абу Даби, ОАЕ)
TransAVIAexport Airlines
TXC9782
EW-460-TQ
22.05.2016
БЕГ (Белград, Србија)
AKH (Ал Кар, Саудиска Арабија)
AirBridgeCargo Airlines
RU9618 / ABW9618
VQ-BIA
17.05.2016
ИНИ (НИш, Србија)
AMM (Аман, Јордан)
Jordan International Air Cargo
RJZ360
JY-JIC
17.05.2016
БЕГ (Белград, Србија)
AKH (Ал Кар, Саудиска Арабија)
AirBridgeCargo Airlines
RU9608 / ABW9608
VQ-BHE
12.05.2016
БЕГ (Белград, Србија)
JED (Џеда, Саудиска Арабија)
Ruby Star Airways
RSB7652
EW-383-TH

Дистрибуција на оружје

Оружјето за потребите на вооружените групи во Сирија го купуваат Саудиска Арабија, Турција, Јордан и Обединетите Aрапски Eмирати и се транспортира преку два тајни командни центри во Јордан и Турција, тврди Форд, поранешен американски амбасадор во Сирија.

Командите, со кои раководат безбедносните и воени власти од Заливот, Турција, Јордан и САД – ја координираат дистрибуцијата на оружје за проверени сириски опозициски групи, покажуваат податоците од центарот Картер (Carter Center) од Атланта, тинк-тенк организација чијшто тим го следи конфликтот во Сирија.

„Секоја од земјите што учествувале во помагање на вооружената опозиција го задржала правото на конечно одлучување за тоа која група во Сирија ќе ја добие оваа помош”, вели Форд.

Неколку откриени документи за товарни авиони ни даваат подобра слика за тоа како саудиската армија ги снабдува сириските бунтовници.

Документацијата од една карго компанија до која дојдоа новинарите на БИРН и ОЦЦРП покажува дека летото 2015 година, молдавската компанија „Аеро-транс-карго“ реализирала 6 лета со кои било пренесено најмалку 250 тони муниција помеѓу воените бази во Саудиска Арабија и меѓународниот аеродром Есенбога во Анкара, главниот град на Турција – приемната точка за оружје и муниција наменети за сириските бунтовници.

Питер Визман (Pieter Wezeman) од стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни истражувања, водечка организација за следење на извозот на оружје, вели дека претчувствува дека овие летови се дел од логистичка операција за снабдување на сириските бунтовници со муниција.

Оружјето потоа се превезува до сириската граница од воено-оперативните центри или по копнен пат, или пак, воените авиони го исфрлаат од воздух.

Командант на Слободната сириска армија од Алепо, кој, поради својата безбедност, инсистира на анонимност, за БИРН и ОЦЦРП вели дека ова оружје се распоредува од централниот штаб во Сирија. „Нас не нѐ интересира земјата на потекло, ние знаеме дека тоа е од Источна Европа”, изјави тој.

„Саудијците и Турците ги снабдуваат со оружје и исламистичките групи кои немаат поддршка од САД и кои се во поединечни случаи во конфликт со фракциите кои се поддржани од Воено оперативните центри“, додава Форд.

Саудијците се познати по фрлање оружје и опрема од авиони во лет, вклучувајќи и автоматски пушки кои се најверојатно од Србија, на своите сојузници во Јемен.

Според него, иако не бил лично вклучен во преговорите со Србија, Бугарија и Романија околу доставувањето на оружје за Сирија, тој верува дека ЦИА имала улога во овој процес.

„Кога се во прашање операции од ваков вид, тешко ми е да замислам дека не постоела некаква координација помеѓу разузнавачките служби, но се можело да биде строго ограничено на разузнавачките канали”, вели тој.

Соединетите Американски Држави немале само логистичка улога во испорачувањето оружје до сириските бунтовници. Преку својата Команда за специјални операции (SOCOM) при Министерството за одбрана, САД купувале и испорачувале огромни количини на воен материјал до сириската опозиција од Источна Европа, а како дел од американската програма за обука и опремување во вредност од 450 милиони евра (500 милиони долари).

Од декември 2015 година, SOCOM ангажирал три товарни брода да превезат 4.700 тони оружје од пристаништето Констанца во Романија и од бугарското пристаниште Бургас до Блискиот Исток, најверојатно како дел од тајното снабдување на Сирија со оружје.

Според американските документи за набавките, испораките опфаќале митралези, ракетни носачи и противтенковско оружје – како и куршуми, минофрлачки мини, гранати, ракети и експлозив.

Потеклото на оружјето што го испраќал SOCOM е непознато, а стоката наведена во документите за транспорт е достапна на залиха ширум Централна и Источна Европа.

Набргу по една од испораките, една од курдските групи што ги поддржува SOCOM, на Твитер и на Фејсбук објавила фотографија од магацин во северна Сирија преполн со сандаци муниција, тврдејќи дека добиле испорака на оружје за чија набавка посредувале Соединетите Американски Држави. SOCOM не сакал ни да потврди ниту пак, да негира дека испораките оделе за Сирија.

Американските документи за набавката, исто така, откриваат дека, за потребите на тајните операции, SOCOM ги обезбедувал сириските бунтовници со бугарско оружје и муниција, како и со српска муниција, во вредност од најмалку 25 милиони евра (27 милиони долари) бугарско и 11 милиони евра (12 милиони долари) српско оружје од 2014 до 2016 година.

Бизнис што цвета

Патрик Вилкен, експерт за оружје при организацијата Амнести Интернешнeл, вели дека Централна и Источна Европа се во одлична позиција да заработат на неверојатниот пораст на побарувачката на оружје по Арапската пролет.

„Географската близина и недоволната контрола на извозот им обезбедија на некои балкански земји водечка позиција во оваа трговија, во некои случаи дури и со прикриена поддршка од САД”, додава тој. „Источна Европа ги рехабилитира индустриите со оружје од времето на студената војна кои се шират и повторно стануваат профитабилни.“

Српскиот премиер Александар Вучиќ неодамна се пофали дека неговата земја би можела да произведе пет пати повеќе оружје отколку што произведува сега и пак да не ја задоволи побарувачката.

„За жал, во е делови од светот се војува повеќе од кога било досега и сѐ што ќе произведете, можете да го продадете некаде во светот”, рече тој.

Произведувачите на оружје во Босна и Херцеговина и во Србија работат со полн капацитет, некои воведуваат и дополнителни смени, а некои веќе престанале да примаат нови порачки.

Највисоките саудиски функционери – навикнати на преговори со западните гиганти за бизниси со борбени авиони вредни милијарди евра – сега мораат да работат со мали источноевропски посредници кои имаат пристап до едноставно оружје од поранешниот советски блок како АК-47 и ракетни фрлачи.

Посредниците, како српскиот ЦРП Импекс и словачкиот Елдон, сега играат клучна улога во снабдувањето на Блискиот Исток со оружје и муниција.

Содржината на испораките обично е непозната, благодарејќи на таинственоста што го обвиткува бизнисот со оружјето, но, двете потврди за краен корисник и едната извозна дозвола до кои дојдоа БИРН и ОЦЦРП, откриваат неверојатен обем на откуп за сириските корисници.

На пример, саудиското Министерство за одбрана изразило интерес за купување поголема количина оружје од српски трговец со оружје, ЦПР Импекс, вклучувајќи и стотина застарени тенкови T-55 и T-72, милиони рамки муниција, повеќецевни ракетни системи и ракетни фрлачи. Наведеното оружје и муниција се произведени во поранешна Југославија, Белорусија, Украина и Република Чешка.

Со извозна дозвола, издадена во јануари 2015 година, малку познатата словачка фирма Елдон ѝ одобрила на оваа компанија право да транспортира илјадници источноевропски ракетни фрлачи, митралези и скоро милион куршуми во Саудиска Арабија во вкупна вредност од 32 милиони евра.

Анализата на социјалните мрежи што ја направија БИРН и ОЦЦРП, покажува дека чехословачкото, југословенското, српското, хрватското и бугарското оружје е присутно на боиштата во Сирија и Јемен.

Додека експертите сметаат дека државите од Источна и Централна Европа се обидуваат да ја намалат сопствената одговорност, оружјето од овие земји само дополнително ги разгорува конфликтите кои веќе однесоа огромен број жртви и предизвикаа незапаметени страдања.

„Продажбата на олкави количини оружје предизвика неописливи човечки страдања во тој регион, огромен број луѓе се раселени, а завојуваните страни сериозно ги кршат човековите права, вршејќи киднапирања, егзекуции, исчезнувања, мачења и силувања”, вели Вилкен.

Дополнително известување: Атанас Чобаков, Душица Томовиќ, Јелена Ќосиќ, Јелена Свирчиќ, Линдита Цела, RISE Молдова и Павла Холцова.

Tекстот го објави Балканската истражувачка мрежа БИРН како дел од проектот „По трагите на документите до подобро управување“ (A Paper Trail to Better Governance)