Интервјуа

Јовановиќ: Без замрзнати цени тешко ќе се извлечеме од кризата

Несигурноста и недовербата кон државата водат кон натрупување резерви од производи, вели економистот

Замрзнати цени на горивата и на храната, спречување инфлаторни шокови и директна помош за сиромашните и за тие што најмногу им треба. Ова се мерките што според економистот Бранимир Јовановиќ владата треба итно да ги воведе за подобро да ги заштити граѓаните од економската криза предизвикана од руската воена инвазија врз Украина, што се чувствува низ целиот свет, а особено во Европа и на Балканот.

Јовановиќ, на македонската јавност ѝ е познат како професор по економија, поранешен член на левичарското движење Солидарност и советник на поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски. Од пред година и пол, тој е дел од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, реномирана организација, која повеќе од 40 години се занимава со истражување и анализи на економиите во Средна, Источна и во Југоисточна Европа. Таму е задолжен за западнобалканските економии.

Загриженоста поради економските последици од конфликтот се чувствува и во Австрија, и во Македонија, и низ цела Европа, вели Јовановиќ, а она што најсилно се чувствува е неизвесноста и тешкотиите да се предвидат настаните за да се направат подобри подготовки.

„Има една изрека за економистите, дека се луѓе кои утре ќе знаат зошто работите што ги зборувале вчера не се оствариле денеска. Таа совршено одговара на сегашната ситуација, но и во принцип на сите кризни ситуации“, вели Јовановиќ.

Што направивме и што треба да направиме

Владата наброја 26 мерки за излез од кризата | Фото: БИРН

Не се ретки коментарите во јавноста, особено по последните поскапувања на горивата за 5 и за 10 денари, дека Македонија ја плаќа цената од придружувањето кон европските санкции против Русија, односно ако државата останела неутрална во конфликтот, ќе сме можеле полесно да ја надминеме економската криза предизвикана од војната.

Таквите тврдења, сепак, немаат економска логика. Јовановиќ објаснува дека санкциите би имале контраефект ако и Русија воведе санкции кон земјата, а тоа што се случува сега е резултат на две работи – глобалните случувања и реакциите на македонската влада, која, според него, прво чекаше долго време, а потоа донесе несоодветни мерки.

Се намалува само ДДВ, акцизите и царините, со што државата се остава без приходи, а нема замрзнување на цените, со што супермаркетите и нафтените компании се оставаат да остваруваат високи добивки и во оваа криза.

„Во ЕУ има десетина земји што ги замрзнаа на еден или на друг начин цените на горивата, во Македонија за тоа воопшто не се зборува. Тоа е првата работа што треба да се направи. Тие веќе скокнаа многу, но никогаш не е доцна“, порачува Јовановиќ.

Во врска со последниот пакет од 26 мерки што ги објави премиерот Димитар Ковачевски, тој вели дека нив како да ги донела бизнис-заедницата, а не владата. Се намалува само ДДВ, акцизите и царините, со што државата се остава без приходи, а нема замрзнување на цените, со што супермаркетите и нафтените компании се оставаат да остваруваат високи добивки и во оваа криза.

„Освен што се погрешни од принципиелна гледна точка, мерките ќе бидат и неефективни, односно нема да спречат цените пак да пораснат за некое време. Можеби ќе се намалат сега малку цените, поради пониските давачки кон државата, ама кога ќе поскапат нафтата и храната на светските пазари, тоа пак ќе се преслика и кај домашните цени“, објаснува тој.

Најважниот чекор што владата треба да го преземе, вели економистот, е да дизајнира посоодветни финансиски субвенции за најсиромашните семејства. Додава  дека предложениот пакет е недоволен.

„Се предвидуваат ваучери од 1.000 денари, за 3 месеци, за 35.000 граѓани, а во Македонија во сиромаштија живеат 450.000 граѓани. Ваучерите што ги најавуваат ќе чинат околу 1,7 милион евра, а целиот пакет е 400 милиони евра, што праќа една многу лоша симболична порака, дека за сиромашните не давате ни пет пари“, истакнува Јовановиќ.

Ако има волја, пари ќе се најдат

Мерките му помагаат на бизнисот, а ја оставаат државата без пари, вели Јовановиќ | Фото: БИРН

Освен луѓето, финансиски треба да се поддржат и малите фирми, но само тие што им треба помош, за да не се повтори грешката од економските мерки поврзани со пандемијата со ковид-19.

„Видовме како тогаш најголемата помош ја добија фирмите што остваруваат добивки – приватните болници, обложувачниците, да не ги набројувам“, вели тој.

Но, од каде државата ќе најде пари за толку мерки? Со позајмувањето над милијарда евра во пандемијата, јавниот долг веќе порасна од 50 на околу 65 отсто, но, според Јовановиќ, тоа сѐ уште не е превисоко ниво и има простор за дополнително задолжување. Владата само би требало да побрза, додека каматите не станале повисоки.

„Пандемијата нѐ научи дека пари може да се најдат. Прашањето е само дали политичарите сакаат да ги најдат и на што ќе ги потрошат“, вели тој.

Задолжувањето дури и не е единствениот извор од каде што може да се добијат пари за санирање на последиците од кризата, продолжува Јовановиќ, истакнувајќи дека земјата сѐ уште има рамен данок и не ги оданочува доволно богатите поединци и профитабилните фирми.

„Македонија има едни од најниските даноци во Европа. Речиси нема друга ЕУ-земја што има рамен данок како нас. Со еден умерен прогресивен данок, малку поизразен од тој што беше воведен во 2018 година, може да се соберат стотина милиони евра годишно, што на подолг рок може да ги покријат средствата што се потребни сега за надминување на кризата“, смета тој.

Се враќа стагфлацијата од 1970-тите

Во економската наука има една закономерност: во периодите кога има силен економски раст, се зголемува куповната моќ, но тогаш и цените одат нагоре. Кога економијата ќе забави, се смируваат и цените, бидејќи не се купува толку многу. Периодот во кој живееме, според Јовановиќ, е исклучок од ова правило бидејќи ни претстои бавен економски раст или стагнација, но и висок скок на цените, односно инфлација. Економистите го нарекуваат тоа стагфлација. Не се случува првпат.

„Вакво нешто веќе се случи во 1970-тите и на почетокот на 1980-тите. Тогаш, поради војните на Блискиот Исток, дојде до нафтените шокови, паралелно со тоа дојде и до скок на цената на житото, на храната, и имаше период од десет години со низок раст и висока инфлација од околу 10 отсто“, вели тој.

Оваа криза потсетува на таа, додава економистот, но тешко е да се предвиди дали ќе се развива токму во тој правец. Економските истражувачи и теоретичари ги знаат механизмите преку кои ќе се одвиваат работите, но не можат да ги знаат другите, неекономските фактори што ќе влијаат врз нив.

„Никој не знае колку ќе трае војната и дали ќе ескалира, особено кога се зборува за нуклеарно оружје“, забележува Јовановиќ.

Кризна спирала – од лошо кон полошо

И покрај големиот број непознати, краткорочните импликации се извесни, дури и веќе се случуваат. Тука економските закони на меѓузависност функционираат целосно, во насока на засилување на негативните последици.

Најочигледниот краткорочен ефект, вели Јовановиќ, е растот на цените – на нафтата, гасот, храната, другите производи, што предизвикува инфлација и во Македонија и насекаде во Европа. Бидејќи овие производи главно се увезуваат, тоа значи дека државата ќе треба да дава повеќе пари за нив на странски држави, односно ќе го зголеми трговскиот дефицит – разликата во вредноста меѓу увозот и извозот. Тоа ќе мора да се покрие, затоа ќе се позајмуваат повеќе пари, па ќе порасне и надворешниот долг. Бидејќи многу држави ќе бараат повеќе пари на заем, а ќе бидат помалку способни да ги вратат, ќе пораснат и каматните стапки. Сѐ на сѐ – поскапи производи за поскапи пари.

„Тие се каналите преку кои кризата ќе се одрази врз македонската и врз европската економија. Во зависност од земјите, некои канали се поизразени, а други помалку“, истакнува Јовановиќ.

Но, проблемите не завршуваат тука. Русија, објаснува тој, е голема економија на која отпаѓаат три отсто од светскиот БДП, односно од вредноста на сите производи, услуги и работи што ќе се извршат во една година. Украина, исто така, е голема држава и голем пазар. Кога такви држави се во криза, тоа се прелева и на остатокот од светот. Ќе резултира со помала побарувачка за европските и за македонските производи, па ќе забави економскиот раст.

Значи – поскапи производи за поскапи пари и потешка заработка за да се врати долгот.

На долг рок се предвидува дека кризата ќе доведе до раздвојување на европската и на руската економија, што ќе биде макотрпен процес поради зависноста од руски гас. Тоа, според Јовановиќ, може да биде и шанса за Европа.

„Постојано во Европа се зборува дека е потребна зелена транзиција, инвестирање во обновливи извори, намалување на зависноста од нафта и гас, па еве сега шанса повеќе да се инвестира во тоа“, додава тој.

Ситиот на гладниот не му верува

Маркетите се празнат додека се прават домашни резерви | Фото: БИРН

Граѓаните во земјава веќе реагираат на економската криза на различни начини. Некои купуваат големи количества храна што може да се складира, други полнат гориво и создаваат редици пред бензинските станици, трети планираат како да воведат поштедлив животен стил.

Таквите мерки за самозаштита може да дадат само ограничени резултати ако отсуствува сеопфатна државна политика за справување со економската криза, вели Јовановиќ.

„Државата треба да ги штити граѓаните, а не граѓаните сами да се штитат себе. Во ред, граѓаните секако треба да се штитат самите себе, но на државата ѝ плаќаме даноци за да ни обезбеди јавни услуги, а една од нив е социјалната заштита“, нагласува тој.

Луѓето купуваат за да се чувствуваат позаштитени во кризата, но и затоа што не гледаат дека некој друг ги штити. Чувствуваат дека се оставени сами на себе, државата не презема ништо за да им помогне и затоа реагираат панично.

За него е очекувано однесувањето во кое граѓаните, посебно посиромашните, максимално ги намалуваат трошоците, набавуваат повеќе производи додека цените се поевтини, размислуваат за менување на начинот на греење од струја на дрва. Но, ова, вели, не треба да се стимулира како некаква антикризна мерка.

„Луѓето секако ќе најдат начин да преживеат. Преживеале многу тешки работи, особено во Македонија и на Балканот. Прашањето е како да направиме систем што ќе ги штити од вакви кризи“, вели тој.

Правењето сопствени резерви од основните прехранбени и други производи, нешто што веќе го видовме и на почетоците од пандемијата со корона вирусот, според Јовановиќ, е, пред сѐ, психолошки феномен и нема секогаш економска оправданост бидејќи одеднаш се трошат многу пари, може некои производи да не се потрошат, да се расипат итн.

„Луѓето купуваат за да се чувствуваат позаштитени во кризата, но и затоа што не гледаат дека некој друг ги штити. Чувствуваат дека се оставени сами на себе, државата не презема ништо за да им помогне и затоа реагираат панично“, смета Јовановиќ.

Ако на едната страна реакциите се панични, на другата, меѓу тие што не се впуштиле во компулсивно полнење на шпајзовите, подрумите и резервоарите, реакциите се сеирџиски. Зачестија зајадливите коментари дека некој загубил два часа на бензинска или се натоварил во супермаркет за да заштеди 100-200 денари. За Јовановиќ, ова е уште еден показател за социјалниот јаз во земјава, во кој побогатите немаат разбирање дека на посиромашните им значи и толку мала заштеда.

„Има една изрека – ситиот на гладниот не му верува. Тоа мора да се надмине. Луѓето мора да сфатат дека некои меѓу нас се навистина сиромашни и дека еден од начините за полесно да се справат со овие проблеми е преку натрупување домашни резерви“, вели Јовановиќ.