Собранието лани поделило околу 900.000 евра на вкупно 66 медиуми што емитувале јавна пропаганда за референдумот од 30 септември, на кој граѓаните се изјаснуваа за Договорот од Преспа. Меѓутоа, Собранието не платило за изработка на пропагандните материјали, како што се видеоспотовите, туку тие ги добило „подготвени за емитување“ од пратениците.
Ова го откриваат финансискиот извештај за референдумската пропаганда и писмените одговори што БИРН ги доби од Собранието, откако испративме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Пред референдумот, Владата му обезбеди на Собранието 1,3 милиони евра за пропаганда, меѓутоа околу 400.000 евра останаа неискористени, бидејќи парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да не ги потроши парите. Впрочем, парите ги искористи само групата од вкупно 71 пратеник, кои тогаш се изјаснија дека ќе водат кампања „за“ Договорот од Преспа.
Немаше средства за поединечните пратеници што сакаа да учествуваат во кампањата, како Антонио Милошески, и за вонпарламентарните опции.
Референдумските пари ги делеше Собранието, зашто според законот тоа беше единствениот носител на јавната пропаганда. И тоа одлучило 82 проценти од парите да одат во телевизиите со национална концесија, 6 проценти во локалните телевизии, 10 во радијата и само два отсто од парите завршиле во дневните весници.
Магазините, неделниците и порталите не добиле пари од собранискиот референдумски колач.
Од националните телевизии најмногу пари Собранието платило на Сител, близу 140.000 евра, Телма 107.000, па на Алсат и на Канал 5 по отприлика 105.000 евра.
ТВ21 добила 81.000 евра, 1ТВ и 24 Вести по близу 64.000 евра, додека Алфа ТВ нешто под 30.000.
Или вкупно на сите телевизии што емитуваат програма низ целата држава платени се 738.000 евра.
Меѓу локалните ТВ-станици, најмногу пари отишле кај ТВ Студио Тера, околу 5.600 евра, додека кај радијата Канал 77 е на прво место, со нешто повеќе од 13.000 евра.
Весникот Коха, пак, добил најмногу меѓу печатените медиуми, и тоа речиси 6.500 евра.
Од Собранието за БИРН велат дека оваа распределба ја направиле „врз основа на изјаснувањето за учество во јавната пропаганда од страна на пратеничките групи и пратениците што не се организирани во пратенички групи и согласно вкупниот број на медиуми што доставиле ценовници до Државната изборна комисија“.
Со оглед дека Законот за референдум во детали не ја дефинира јавната пропаганда, за ценовниците беа искористени правилата од Изборниот законик.
Таму се вели дека цената по секунда за платено политичко рекламирање не смее да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните 3 месеци пред денот на распишување на изборите.
БИРН побара Собранието да ни ги достави и договорите со фирмата или со фирмите што ги изработиле радио-телевизиските спотови, пораките и билбордите за референдумот. Меѓутоа, оттаму ни пишаа дека Собранието само го организирало емитувањето на пропагандата, а пратениците се тие што им доставиле пропагандни материјали „подготвени за објавување“.
Останува нејасно кој ги платил, колку чинат и кој ги изработил радио-телевизиските спотови што ги дале пратениците на Собранието и кои може и денес да се видат на јутјуб-акаунтот на партиско-невладината коалиција „Излези за европска Македонија“. Интересно е дека владиниот Генерален секретаријат ја регистрирал интернет-страницата на оваа коалиција, izlezi.mk.
Според она што беше соопштено пред референдумот, освен овие 1,3 милиони евра од кои се искористија 900.000, Владата одвои дополнителни 6.500 евра за кампања преку социјалните медиуми Фејсбук, Твитер, Инстаграм и преку Јутјуб.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ по референдумот шпекулираше дека Владата и СДСМ потрошиле многу повеќе пари за референдумот, отколку што беше најавено.
Партијата прашуваше дали СДСМ преку официјална и неофицијална медиумски и теренска кампања потроши над 3 милиони евра за референдумот.