Анализи

Директори ги кријат трошоците, никој не бара да одговараат

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Претпријатијата објавуваат само триесетина отсто од податоците што се должни да ги објават | Фото: Shutterstock

Со последните измени на Законот за јавните претпријатија, директорите добиваат заменици. Со претпоследните, донесени во април минатата година, тие добија обврска да ги објавуваат на интернет тримесечните и годишните финансиски извештаи, или во спротивно ќе бидат отпуштени. Многумина не ја исполнија оваа обврска. Ниту еден не ја загубил функцијата поради тоа.

Законските обврски за објавување на јавните податоци предвидуваат прецизни рокови за тоа до кога претпријатието треба да ги даде на увид на јавноста оперативните и финансиските извештаи. Според нив, тримесечните финансиски извештаи се објавуваат најмногу 30 дена по истекот на тримесечјето, а годишните 15 дена откако сметката ќе се поднесе во Централниот регистар. Ако претпријатието нема интернет-страница, овие документи треба да ги објави на страницата на основачот – Владата или општината.

Неисполнувањето на оваа обврска, пак, претставува основа за да се разреши директорот пред да му истече мандатот. Но, досега никој не ги повикал овие директори на одговорност.

Центарот за граѓански комуникации, во анализата за транспарентноста и отчетноста на претпријатијата во државна сопственост објави дека на крајот од ноември минатата година биле исполнети условите да се разрешат дури 18 директори, од кои 12 на локални претпријатија и шест на претпријатија чиј основач е Владата. Дел од нив и натаму доцнат со објавувањето.

Меѓу претпријатијата што не ги испочитувале роковите за објавување на барем еден од бараните документи (годишниот оперативен извештај, годишниот финансиски извештај или тримесечните финансиски извештаи) биле и Македонски железници – инфраструктура, Македонски шуми, ЈП Стрежево, Македонска радиодифузија и други.

Сепак, на прашањето од БИРН дали во Владата се води евиденција и се разговара за ненавременото исполнување на овие обврски, од владиниот кабинет одговорија само со цитирање на законот и не прецизираа што ќе прават со директорите што не го испочитувале.

„Според законот, доколку јавното претпријатие нема своја веб-страница или нема услови да ги објави извештаите на веб-страната, тие треба да се објават на веб-страната на Владата или на веб-страната на општината, т.е. на веб-страната на основачот на тоа јавно претпријатие“, се вели во писмениот одговор од Владата.

Многу ниска транспарентност

ЈП за државни патишта е најтранспарентно со 52 отсто објавени податоци | Фото: ЈП за државни патишта

Истражувањето на ЦГК, со кое се опфатиле 30-те најголеми претпријатија и на државно и на локално ниво, кои заедно располагаат со околу 700 милиони евра годишно, покажало дека просечното ниво на транспарентност во нив е 28 отсто. Поточно, толкав број податоци објавуваат овие субјекти, од она што им е законска обврска (за јавните претпријатија) или што се смета за добра пракса (за акционерските друштва).

Дури и најтранспарентното претпријатие, ЈП за државни патишта, има објавено само 52 отсто од податоците, а најнетранспарентното, АД Градски трговски центар – нула отсто.

Половина ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните одбори, а биографии на лицата што управуваат со овој државен капитал може да се најде само кај две претпријатија. Информациите за седниците на управните одбори или податоците за нивните надоместоци не ѝ се ставени на увид на јавноста преку интернет-страниците на самите компании.

Не се почитува ниту задолжителната обврска за објавување на плановите за јавни набавки и на нивните измени, и тоа од две третини од претпријатијата опфатени со истражувањето. Само две акционерски друштва, МЕПСО и Државна лотарија, на своите страници ги објавувале огласите за јавни набавки, а само ЈП „Водовод“ од Куманово ги објавувало известувањата за склучените договори. Известувања за реализираните договори, пак, нема никаде, за да се види дали работите биле извршени според склучениот договор или се потпишувале анекси.

Најбогатите се најзатворени

Државните акционерски друштва строго ги чуваат своите тајни | Фото: БИРН

Акционерските друштва во државна сопственост, пак, не се опфатени со обврските од Законот за јавните претпријатија, па иако располагаат со најмногу пари, не мораат на јавноста да ѝ презентираат никакви информации во врска со своето финансиско работење. Објавувањето на извештаите се смета за добра пракса според стандардите на ОЕЦД (Организацијата за економска соработка и развој). Тоа не го практикува ниту една од компаниите, како ЕЛЕМ, МЕПСО, Државна лотарија, Водостопанство, Македонски железници – транспорт, АД за стопанисување со станбен и деловен простор, кои според податоците на ЦГК, и според проверката на БИРН, на своите страници не објавиле ниту еден годишен или финансиски извештај за последниов период.

Токму за овие компании често излегуваат афери за високо платени позиции со ниски квалификации, за вработување роднини на сегашни или поранешни функционери, за набавка на мебел од телешка кожа и за други примери за трошење на народните пари, што наидува на силни критики во јавноста.

Владата, која е задолжена да ги назначува и да ги разрешува директорите на овие компании, вели дека не може да ги натера да бидат потранспарентни.

„Во однос на акционерските друштва, Владата на Република Македонија може само да им укаже, но не да им даде обврска да ги објават извештаите од своето работење“, велат од владиниот кабинет за БИРН.

 Честа е праксата со овие акционерски друштва да раководат истакнати партиски кадри. Сегашниот лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски беше директор на ЕЛЕМ, пратеникот на СДСМ, Васко Ковачевски стана директор на РЕК Битола, што е дел од ЕЛЕМ, поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Рустеми е прв човек на „Македонски пошти“ итн. И новата измена со која се воведуваат заменички позиции беше критикувана како можност да се користи за партиски вработувања. Таа беше донесена по предлог на четворица пратеници, Александар Кирацовски и Борче Трпевски од СДСМ, Реџаиљ Исмаили од ДУИ и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците, кој беше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но ја напушти.