Анализи

Патот на Македонија до НАТО е далеку од завршен

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Министерот Димитров е оптимист дека ратификацијата ќе заврши за помалку од година | Фото: НАТО

Македонија направи голем чекор кон полноправно членство во НАТО, кога министрите на земјите-членки на алијансата во Брисел го потпишаа пристапниот протокол, со што и овозможија на земјата да стане 30-тата членка на клубот, под новото име Република Северна Македонија.

Сепак, „патот не е завршен“, забележа македонскиот министер за надворешни работи на церемонијата на потпишувањето.

Неговите зборови делумно се однесуваа на многуте тековни реформи во земјата, но и на фактот дека сите 29 парламенти на НАТО државите ќе треба да го ратификуваат протоколот пред Македонија да стане членка.

Дотогаш Република Северна Македонија, како што ќе се нарекува наскоро, ќе нема право на глас на состаноците на Алијансата.

Димитров, кој наскоро ќе ја продолжи турнејата низ главните градови на земјите-членки на НАТО, се надева дека процесот ќе заврши за помалку од една година.

„Обично тоа (процесот на ратификација) трае една година, така што тоа е некоја рамка“, рече тој.

„Но добар дел земји-членки се натпреваруваат која ќе биде втората (држава) што ќе го потпише протоколот (откако Грција, како што е најавено, ќе го стори тоа во петок)“, додаде тој.

„Тие знаат колку беше тешко и колку лидерство беше потребно за да се реши овој проблем“, им рече Димитров на македонските медиуми, мислејќи на неколкудеценискиот спор меѓу Грција и Македонија околу името.

„Оптимист сум и се надевам дека во нашиот случај ќе биде потребна помалку од една година“, продолжи тој.

Познавачите на состојбите од регионот исто така се оптимисти, но додаваат дека ентузијазмот за проширување во некои земји на НАТО значително избледел во последните неколку години, што може да предизвика одолжувања во нивните парламенти.

Тие се надеваат дека Македонија ќе може да ја искористи атмосферата создадена откако Скопје и соседна Грција го потпишаа историскиот „договор за името“ минатата година.

Димитров со амбасадорот Ламбридис од Грција, која се очекува прва да го ратификува протоколот | Фото: Влада на РМ

„Повеќето НАТО земји, особено најзначајните, го загубија апетитот за понатамошно проширување на Алијансата“, вели за БИРН поранешниот амбасадор на Црна Гора во НАТО и поранешен НАТО координатор Веско Гарчевиќ.

Сепак, тој додава: „Добро е за Македонија што ова не е фактички нов бран на проширување, како што велат некои. Ова е исполнување на обврските (на НАТО) од (самитот во 2008 во) Букурешт“.

„На Македонија ѝ беше ветено членството уште одамна, но за жал таа требаше да чека до овој момент за да се квалификува“, Гарчевиќ  потсетува на самитот на НАТО во Букурешт.

Првиот човек на македонската невладина организација Евроатлантски совет и соработник на премиерот Заев, Исмет Рамадани, за БИРН вели дека Македонија треба добро да го искористи овој момент.

„Македонија треба да ги искористи симпатиите од западните држави по пробивот со името и да се обиде да го забрза процесот, затоа што тоа (расположение) нема да трае засекогаш“, вели тој.

„Во исто време, шефот на НАТО Јенс Столтенберг се покажа како голем пријател на нашата земја, па неговото влијание во земјите-членки исто така треба да биде од помош“, додаде тој.

„Очекувам процесот да се заврши до крајот на оваа година, со што ќе станеме полноправна членка во јануари 2020 година“, продолжи Рамадани.

Од друга страна, Гарчевиќ смета дека патот на Македонија кон НАТО веројатно ќе биде сличен на тој на Црна Гора, што стана членка на НАТО во јуни 2017 година, на крајот од процесот за ратификација што траеше 13 месеци.

Како што вели Гарчевиќ, една од главните политички причини за неговиот став е што иако Македонија има статус на „ѕвезда“ во регионот, како единствен охрабрувачки пример од Балканот во последниов период, сепак тоа само по себе нема да биде доволно за да поттикне многу НАТО парламенти да го забрзаат темпото на ратификација.

За земјите членки на НАТО, „вклучувајќи ги и САД, пристапувањето на Македонија не е приоритет во моментов. Затоа процесот може да трае долго колку што траеше и за Црна Гора“, предупредува тој.

„Во САД, кои што порано беа најсилен промотор на проширувањето, сегашната администрација и претходната не му дадоа големо значење на овој процес“, додаде тој.

Потпишувањето се следеше во живо од владиниот прес-центар | Фото: Влада на РМ

Кога гласањето за Македонија ќе дојде во сенатот на САД „не би требало да има проблеми, но одложувањата може да се користат како тактика“, продолжува Гарчевиќ.

Тој се плаши дека се можни слични сценарија во Франција и во Шпанија, „кои исто така не се воодушевени од проширувањето“.

Во некои други земји, како Белгија, ратификацискиот процес трае подолго во секој случај, бидејќи системот на владеење има повеќе нивоа.

Во Белгија одобрување ќе треба да се бара и од регионалните парламенти и од државниот парламент, што може да ја забави ратификацијата.

„Овие процедури може да бидат одличен изговор за одолговлекување“, забележува Гарчевиќ.

Некои противници на договорот за името со Грција во Македонија, како малата вонпарламентарна проруска партија „Единствена Македонија“, побараа од други НАТО членки, како Турција и Унгарија, да го блокираат пристапувањето на земјата со нератификување на протоколот.

Но експертите ја отфрлаат загриженоста дека се можни неволји од Турција или од Унгарија.

„Ова се само очајни обиди на мали и маргинални групи и политички фактори да направат нешто, но нивното влијание е незначително“, вели Рамадани.

„Турција е традиционално наклонета кон проширувањето на НАТО на Балканот“, се согласува Гарчевиќ.

„Во случајот со Црна Гора, таа го ратификуваше пристапниот протокол многу брзо“, заклучи тој.