Интервјуа

Како независните иницијативи станаа проблем за големите партии

Интервју со Габриела Илиевска, независна советничка и претседателка на Советот на Општина Битола

Првичниот мотив, поради кој Габриела Илиевска влегла во политиката, бил желбата за почист воздух во Битола, еден од најзагадените македонски градови. Иако првично сакала да студира право, животот ја насочил кон медицината, но стремежот кон барањето правда не ја напуштил.

Како прва жена што формирала независна граѓанска листа „Поинаку“ во Битола, денес е претседателка на општинскиот совет и советничка, која три изборни циклуси опстојува без членство во партија.

Сепак, на прагот на новите локални избори е загрижена поради најавените измени на Изборниот законик поддржани од големите партии од власта и од опозицијата, со кои драстично се зголемува бројот на потписи потребни за независните листи да учествуваат на избори.

Според неа, ако се изгласаат новите правила, нема да ја погодат само неа и „Поинаку“, туку директно ќе го ограничат правото на избор.

„Ударот не е врз нас, туку врз граѓаните“, заклучува таа.

Поголем праг за потписи – помал простор за независните

„Се плашат. Не од нас, туку од тоа што не сме нивни“ | Фото: БИРН

Ако помине новото законско решение, наместо досегашните 350 потписи, независните групи во Битола ќе треба да соберат 850. Тоа значи дека луѓето што сакаат да дадат поддршка, ќе добијат рок од 15 дена, кога, во работно време, ќе мора да се појават во битолската канцеларија на ДИК и лично да потврдат дека сакаат граѓанската иницијатива да учествува на претстојните локални избори.

А според досегашното искуство на Илиевска, во „партизиран град“ како Битола, собирањето потписи од локалното население не оди лесно.

„Ќе бидат сликани, пријавувани. Замислете со 1.100 гласа може да станете пратеник, а за (кандидирање н.з.) советник да ви требаат 850 потписи“, укажува таа.

„Тоа е само една нова врата што ја затвораат затоа што се плашат. Не од нас, туку од тоа што не сме нивни.“

Подемот на независните граѓански иницијативи се случува некаде по 2013 година, кога локалните активистички групи решават да влезат на изборните листи. Најголемо незадоволство има за прашањата од областа на екологијата и урбанизмот. Трендот продолжува во 2017 година, за на изборите во 2021 година, независните листи да освојат рекордни 67 советнички мандати во 34 општини.

„Поинаку“, со своја листа за првпат се појавува во 2017 година, кога во Битола освојува две советнички места.

Илиевска се потсетува дека тогаш никој не ги сметал „за опасност за работата на Советот“. Во Битола, советниците од СДСМ имале комотно мнозинство, па независните биле буквално игнорирани.

Работите се менуваат на следните избори, во 2021 година, кога од „Поинаку“ освојуваат три мандати, ниту една партија нема мнозинство, па одлуките почнуваат да зависат од „независните.“ Така и Илиевска ја избираат за претседателка на Совет, со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, која бргу почнува да бледнее.

Од „Поинаку“ бараат реализација на проекти, а партиите имаат други планови.

„Политичките партии, кога ќе дојдат на власт, седнуваат на маса и буквално по шема се врши пазар. Пазар на директори, пазар на заменици, пазар на вработувања, пазар на управни одбори и на сè како што оди надолу, сè е со некаков пазар“, вели Илиевска.

„Ние сме тргнале со една друга идеологија дека треба да се вработуваат професионалци. И тука е стравот, никој не сака надвор од партија да има некој што контролира што прават тие, бидејќи таму има еден друг закон – партијата пред сѐ.“

Надвор од партијата

Советничка на предлог на ВМРО Народна | Фото: БИРН

Партиските игри не ѝ се непознати. Во 2013 година, за првпат станува советничка на предлог на партијата ВМРО Народна, иако тврди дека никогаш не била нејзин член. Ова искуство било отрезнувачко.

„Уште во првите две години сфатив дека партиите се партии, таму поединецот не може да го крене својот глас и одлуки се носат онака како што ќе одлучат во партија.“

Оттука доаѓа и нејзиниот цврст став дека независните листи мора да останат надвор од партиите, и покрај цената што ја плаќаат – да работат без поддршка, без пари од државата и редовно да бидат цел на пропагандната партиска машинерија.

Ако, на пример, „Поинаку“ е регистрирана како партија, тогаш би требало да собере 1.000 потписи, ама од државата би добивала и многу пари. Со последниот изборен резултат, тоа би значело околу 60-70.000 евра годишно меѓу двата изборни циклуси, плус уште илјадници евра за медиумската кампања пред самите избори.

„Сметам дека државата не треба да дава пари за политички партии. Тоа е мој став и тој став нема да го сменам“, остра е Илиевска.

„Можеби е време да видиме кој колку вреди, ама без пари искористени од граѓаните.“

Мала победа, голема блокада

Мета на закани и физички напад | Фото: БИРН

А токму од партиите ги добиваат и најголемите сопки, и тоа „од инает“, ќе рече Илиевска. Не ѝ е тешко да наброи многу примери, кога им се кочеле проекти, само затоа што биле предложени од независната група.

Се потсетува на заложбата на својот соборец и советник, Иван Чулакоски од „Поинаку“, кој бил револтиран од смрдеата во градот предизвикана од течноста што старите комунални возила ја разлеваат по улиците при пренос на отпадот.

Во договор со комуналното претпријатие, самиот дизајнирал и изработил посебно корито каде што ќе се собира течноста, кое пробно го монтирале на еден камион. Проблемот бил решен, но следниот ден коритото било отстрането со образложение дека не е по стандарди и нема хомологација.

Неколку месеци подоцна, преку буџетот, од „Поинаку“ успеале да обезбедат милион евра за набавка на нови комунални возила.

„Излезе директорот и рече дека не ги сака. Замислете, ги изгласа Советот и директорот даде изјава дека не ги сака и дека не му требаат, а градот е депонија, смрди, корне на сите страни. Значи не сакаат наше корито, не сакаат наши пари, сакаат да смрди во градот. Јас друго објаснување немам“, револтирана е Илиевска.

Остра на јазик, понекогаш дури и цинична, со колегите од „Поинаку“ често може да се види како дел од герила акциите со кои се обидуваат да го привлечат вниманието на граѓаните за проблемите во родниот град. Така, минатите избори, откако во неколку часа ги собраа потписите за учество, облечени како за на плажа, се сликаа на местото каде што требаше да се отвори базен, за да ја потсетат власта за неисполнетите проекти.

Неодамна, облечени во чизми, се движеа низ поплавениот пазар во Битола и ги покажуваа распаднатите тоалети, како пример за лошата грижа за јавните простори во градот. Редовно се бунат и за преплатени проекти, кои се распаѓаат само што ќе бидат пуштени во употреба.

Ваквиот начин на работа на многумина им боде очи. Затоа и често се мета на закани преку социјалните мрежи, и таа и нејзините соборци од „Поинаку“. Еднаш дури и физички била нападната во ресторан, од бизнисмени што имале проблем со општината и им било кажано дека таа е виновна.

„Иако Советот не дава ниту одобренија, ниту дава дозволи за градба, ништо од тоа не е надлежност на Советот… за жал, ова искуство мислам дека ќе го паметам до крајот на животот“.

Но, и покрај сѐ, не планира да се откаже, независно од прагот на потписи, кој годинава ќе им го наметнат партиите, бидејќи измените во Изборниот законик веќе се стигнати во собранието.

Манипулација со германскиот изборен модел 

Илиевска бара да се олесни учеството на избори за граѓанските групи | Фото: БИРН

Пред неколку месеци, слични вакви измени кои ги изгласа Собранието, а предвидуваа прагот на собрани потписи да биде 1% од запишаните гласачи за секоја општина, беа укинати од страна на Уставниот суд. Образложение беше дека го ограничуваат обезбедувањето фер и еднакви услови за демократски и политички натпревар.

Новите, пак, кои се предложени сега, имаат уште повисок праг од укинатите од судот. Нив ги бранеше и самиот премиер Христијан Мицкоски, тврдејќи дека биле правени по германски модел. Независните го обвинија за манипулација и објаснија дека меша праг за влез во парламент во Германија, со собирање потписи за една граѓанска група воопшто да може да учествува за избори.

„Премиерот не кажува и дека за да може граѓански листи да се кандидираат на избори во Германија треба да соберат само 200 потписи“, појаснуваа независните граѓански иницијативи.

Во Скопје, пак, според последните најави, за независна граѓанска листа воопшто да може да стигне до избори, би требало да собере 3.500 потписи – неколкукратно повеќе потписи од оние потребни за формирање партија.

Од друга страна, Илиевска смета дека, не само што не смее да се покачува прагот, туку напротив, дополнително треба да се олесни учеството на граѓанските групи, кои ги гледа како мотор на демократијата на локално ниво.

Свесна е дека многумина не успеваат да ја видат важноста на ваквите иницијативи, честопати изостанува и јавната поддршка за нив, но вели дека таа е присутна, иако е тивка.

„Не е точно дека луѓето не се свесни. Проблемот е што се апатични, веќе не веруваат никому, не веруваат на системот, не веруваат во промени, не веруваат дека некој може и сака да ги смени работите. Можеби тоа е она што сѐ уште ме држи“, искрена е Илиевска.

За неа, независните иницијативи се доказ дека промената е можно сценарио, дури и кога системот се обидува да ги исклучи. Затоа и верува дека тие ќе опстанат.

„Би сакала во 2025 година, од која било иницијатива во Македонија, да добиеме независен градоначалник.“