„Може да поминам заедно со вас? Се плашам да одам долу сама“, ни рече една дваесетгодишна девојка додека се симнувавме по скалите на подземниот пешачки премин кај хотелот „Континентал“.
Овој премин е изграден пред повеќе од 50 години и е замислен да функционира самоодржливо, односно со изнајмувањето или со продажбата на локалите во него да се покриваат трошоците за неговото одржување, а сопствениците да се грижат за хигиената и за светлото внатре.
Неколку децении беше единствениот таков објект во Скопје, додека со истата замисла не се изградија преминот кај трговскиот центар „Скопјанка“ во Аеродром и надземниот премин „Влајко“ во Влае, кои се стари дваесетина години.
Она што е заедничко за сите нив денес е дека, не само што не си ја остварија својата самоодржлива функција, туку одвај имаат некоја функција – најголемиот број дуќани се празни и напуштени, пристапите се полни со ѓубре, а граѓаните избегнуваат да ги користат.
Освен што биле потрошени пари за изградба, низ годините, за овие премини се трошат илјадници евра за одржување и за поправки. Само „Влајко“ досега чинел над 700 илјади евра, според достапните податоци.
Додека во многу градови низ Европа и на Балканот, подземните премини се едни од најживите места и функционираат како мини трговски центри, во Скопје, по повеќедецениски обиди, тој концепт не успеа.
Надвозник што „одмора“ во викенди
Спуштените метални решетки беа првото нешто што го видовме на преминот „Влајко“, кога го посетивме едно саботно попладне. Беа опкружени со лименки, отпадоци од храна и со многу догорчиња од цигари. Се обидовме да влеземе од другата страна, но и оттаму беше затворено. Веќе на петтата скала се ширеше силна миризба на урина.
Ниту ескалаторот не работеше. Дел од неговата стаклена ограда беше искршена, а другиот дел беше исчкртан со графити.
Како што подоцна дознавме од Општина Карпош, преминот има работно време, бил отворен само во работни денови од 7 до 19 часот. Ниту тоа не се почитува секогаш, бидејќи кога вториот пат го посетивме преминот во работен ден, беше затворен веќе во 18 часот. Барем отпадоците беа собрани.
„Влајко“ е изграден во 2006 година над булеварот Партизански одреди, во населбата Влае, во близина на мостот Обединети нации. Покриениот и затворен премин има 16 дуќани, по осум од двете страни, и простор за минување меѓу нив.
На дваесетина метри од него има пешачки премин со семафори на самата улица, кој функционира постојано. Пешаците тука имаат избор дали да се качуваат по скалите на „Влајко“ или да го почекаат зеленото светло долу, на булеварот.
Своевремено неговата изградба на тоа место се објаснуваше со потребата да се олесни и да се направи побезбеден пристапот до основното училиште „Димо Хаџи Димов“ за учениците што живеат на спротивната страна од булеварот. Денес учениците ретко го користат.
Во 2006 година, општината потроши околу 600 илјади евра за неговата изградба. Во исто време, во Општина Чаир се изгради надземен премин без дуќани и дополнителни елементи, па Општина Карпош беше критикувана дека со парите за „Влајко“ можела да изгради 30 такви премини.
Тоа што требаше да ја оправда инвестицијата беше идејата за самоодржливост. Од продажбата на дуќаните требаше да се врати дел од инвестицијата и да се обезбедат пари за одржување. Во медиумските архиви има информации дека за време на изградбата во 2005 година се продале два дуќана, а уште еден во 2006 година. Сепак, катастарските податоци денес покажуваат дека сите локали се во сопственост на општината.
Работи само еден – канцеларија за помош и нега во домот. До неодамна имаше и пратеничка канцеларија за средби со граѓани, но се затвори. Има и канцеларија на шумарскиот инспекторат. Приватни бизниси што би остварувале приход и би го покривале одржувањето – нема.
Не само што инвестицијата не се врати, туку „Влајко“ продолжи да троши општински пари. Во 2010 година биле потрошени дополнителни 54 илјади евра за систем за комфорна климатизација, а следната година уште 43 илјади евра за градежно-занаетски работи, покажуваат податоците од јавните набавки. Инвестицијата за ескалаторот, пак, изнесуваше 83 илјади евра.
Единствената канцеларија што работи е таа за помош и нега во домот. Наменета е за лица со тешкотии, но до неа се стигнува само по скали. За ова општината доби препорака од Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата, да ги поправи електричните скали. Тоа не се случи во зададениот рок, па од Комисијата поднесоа прекршочна пријава.
Побаравме средба со претставник на општината за тоа какви се плановите со „Влајко“, но тоа беше одбиено. Испративме седум прашања по имејл, на кои добивме краток одговор.
„Надвозникот се одржува како и останатиот дел од јавните површини во општината. Но, секоја вечер на ова место се собираат тинејџери што го користат за дружење, при што оставаат отпадок кој го чистат нашите служби“, рекоа од општината.
Подземен премин како ничија земја
Миризбата на фекалии, нечистотија и ѓубре се чувствува уште на влезот на подземниот премин „Скопјанка“, кој се наоѓа до истоимениот трговски центар во Аеродром, во близина на железничката станица. Светлото беше многу слабо, но доволно за да се видат расфрланите остатоци од храна и пијалаци, распаднатите ѕидови и празните дуќани.
Во тунелот има петнаесетина трговски објекти, повеќето во приватна сопственост, според катастарските податоци. Иако разни бизнис-регистри на интернет покажуваат дека во тунелот „Скопјанка“ се активни десетина фирми, со адреси и телефони, таму може да се видат само два отворени дуќани.
Вработените во едниот рекоа дека тунелот не се користи поради тоа што не им изгледа безбедно на граѓаните. Во минатото, кога работеле сите дуќани, не било така.
„Луѓето се жалат – слабо е осветлено, нема фреквенција и избегнуваат да го користат преминот. Немало иницијативи да се среди во овие две децении. Јас ги менував неонките, никој друг не го интересира. Само еднаш дојдоа да ги сменат, пред десетина години, и потоа оставија сѐ на нас. Ако ние не зачистиме, нема никој“, ни рече сопственикот на една менувачница лоцирана во преминот.
Колку долго трае оваа состојба со преминот, покажуваат и дел од коментарите на интернет-форумите, каде што се зборува за оваа тема.
„Наместо да градат нови, нека ги осветлат и исчистат старите подземни премини. Како пример ќе ги посочам подземниот премин кај „Скопјанка“ и кај „Континентал“. Да ти е страв да погледнеш, а не да поминеш, и плус трујат на измет. Срамота“, напишал еден скопјанец уште во 2011 година.
Малкуте дуќанџии велат дека повеќепати барале помош од надлежните институции да се вклучат во одржувањето на преминот за да ја подобрат неговата состојба, но без успех.
„Имаме хигиеничарка што сами ја плаќаме. Сме барале, сме пишувале дописи, било за чистење, било за осветлување – ништо. Битно од Општина Аеродром ни дојдоа да ни кажат дека треба да се тргнат рекламите од улицата“, рече еден од трговците.
Еден инцидент на почетокот на март годинава, кога во преминот беше забележано истекување фекалии, го вклучи алармот на жителите и ги потсети институциите дека подземниот тунел постои. Во решавањето на проблемот се вклучи и Општина Аеродром со нејзината комунална инспекција.
„На иницијатива на Општината, уште следниот ден проблемот беше саниран од страна на јавното претпријатие „Водовод и канализација““, изјавија од Општината.
Но, кога нема вонредна состојба и кога треба да се реши редовното одржување на преминот, тогаш никој не е надлежен. Град Скопје целосно се иззема од одговорност, општината го посочува како одговорно Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а тие велат дека немаат надлежности. Истиот одговор стигна и од Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор.
Додека трае оваа ситуација, претрчувањето преку булеварот е опција што ја избираат сѐ повеќе пешаци што не сакаат ниту да поминат низ подземниот тунел, ниту да одат 150-200 метри до следниот пешачки премин. За среќа, и покрај густиот сообраќај, ретко има посериозни инциденти. Во архивата на Министерството за внатрешни работи е забележан случај од 2018 година, кога бил прегазен пешак на тоа место.
Заборавен премин по половина век
Преминот кај хотелот „Континентал“, кој оди под булеварот Александар Македонски, е единственото место во радиус од околу еден километар каде што пешаците може безбедно да поминат од едната на другата страна. Иако над нив има густ сообраќај и се вози брзо, тие што ги затекнавме на скалите од преминот велат дека го користат само ако мораат.
„Не е безбедно. Нема светло, преку ден може да поминеме побргу, но навечер нема шанси“, ни изјавија две девојчиња што ги сретнавме на скалите, кои водат кон Природно-математичкиот факултет.
Од двете страни на булеварот има факултети, од едната има студентски дом, од другата големиот трговски центар „Ист гејт“ и други содржини. Тоа значи дека околу овој простор има голем број млади луѓе. Но, за да се стигне од едната до другата страна, потребни се две-три минути да се оди низ нечист, темен тунел, кој мириса на урина.
И минувачите и дуќанџиите паметат дека преминот имал подобри времиња. Но, во последно време, од десетина дуќани работат само три – бурекчилница и две копирници. И тие се со скратено работно време, најмногу до 15 часот, а потоа тунелот потонува во мрак. За хигиената и за светлото се грижат самите дуќанџии.
„Кога бараме некој да се погрижи за хигиената од Општина Гази Баба нѐ упатуваат кон Град Скопје, од таму кон Гази Баба. Никој не прави ништо, ние што сме тука, ако зачистиме, тоа ќе биде“, ни рече една од вработените во бурекчилницата.
Одговори за тоа дали и кога ќе има подобрување на ваквата состојба, побаравме во Општина Гази Баба, кои нѐ пренасочија кон Град Скопје, велејќи дека преминот е под нивни ингеренции.
Од Општината, како што рекоа, неколкупати им праќале дописи со фотографии, со цел да реагираат од Град Скопје и да преземат мерки за подобрување на состојбата, но оттаму до сега немало никаква реакција.
Од Град Скопје не одговорија ниту на новинарските прашања во врска со преминот.