„Сѐ на едно место, и животот и смртта. Така некако ни беше во тие денови“, вели таа.
„Ја почувствувавме сета жестина на гранатирањето“
Воените дејства во Олово започнале во август 1992 година, кога градот го нападнала Војската на Република Српска, а го бранела Армијата на БиХ. Локалните лекари тогаш прв пат виделе повреди од граната, вели медицинската сестра, Мевлида Кулиќ.
„Пет лица беа ранети, три посериозно, а едно дете загина. За нас тоа беше страшно“, се сеќава Кулиќ.
Поранешниот началник на санитетот во Олово, Мујо Хоџиќ, објаснува дека поради интензивното гранатирање, повеќе не било безбедно да се работи во подрумите на здравствениот дом.
„Ја почувствувавме сета жестина на гранатирањето, затоа што здравствениот центар беше многу впечатлива цел – големата и бела зграда беше оптички видлива од позицијата од каде доаѓаа гранатите. Така што целата предна страна на здравствениот дом беше уништена и буквално беше претворена во една голема урнатина“, вели Хоџиќ.
Тогаш решиле да го преместат здравствениот центар на локација надвор од опсегот на артилериските проектили. Хоџиќ бил еден од оние што биле вклучени во пронаоѓањето на соодветна локација на местото наречено Паска лука, еден и пол километар одалечено од Олово, на патот кон Завидовиќи.
Специјалистот по интерна медицина и сегашен директор на здравствениот дом Олово, Изудин Куќановиќ, вели дека пациентите и персоналот биле пренесени во подземната болница ноќта на 3 мај 1993 година.
„Објектот се наоѓаше практично во земја. Направен е така што беше ископан простор, а потоа беше направена и дрвена конструкција, која повторно беше покриена со одредена количина земја“, вели Куќановиќ.
„Така, овој безбедносен момент, го решивме со изградба на ваков објект, но сепак губевме луѓе, затоа што немавме хирургија и затоа што превозот до Тузла траеше четири и пол, до пет часа“, раскажува тој.
„Прашав дали бебето е живо“
Првиот тим хирурзи што пристигнал во помош на подземната болница во Олово, дошол од Тузла.
Тимот го предводел лекарот, Абдулах Фазлиќ, кој на екипата на БИРН ѝ ја покажува напуштената болница и медицинската опрема што сè уште е на пропаднатите полици.
„Еден воен хирург не може да ја промени ситуацијата на теренот, но тој може да се потруди да има помалку жртви“, вели Фазлиќ, додавајќи дека тоа значи да се прилагодите на условите и на работата, со она што ви е на располагање, за да спасите животи.
Тој додава дека во една пригода, додека оперирал, возачот бил тој што му помагал, затоа што никој друг не бил слободен.
Снимателот, Златан Копиќ, кој со својата камера снимал воени прилози во оваа болница, раскажува дека покрај операциите и ампутациите, тој снимил и едно породување со царски рез.
„Едно преубаво искуство. Бебето беше машко, па штом го извадија, прво мочкаше, а потоа заплака. Една прекрасна животна приказна, освежување во сето тоа“, со смеење прераскажува Копиќ.
Мајката на тоа бебе, Сенаида Зукиќ, вели дека ниту неа, ниту бебето ќе ги имало, да не била воената болница. Таа планирала да се породи во Тузла, но патот до овој град бил блокиран.
Бидејќи породувањето не одело во најдобар ред, на мајката морало да ѝ се направи царски рез.
„Кога се разбудив, бев студена, ме тресеше треска … Во тој момент имав толку големи болки, што дури и не прашав за бебето. Акушерката, Сенада (Селибашиќ), беше многу прекрасна и позитивна личност, ме тешеше, ми помагаше колку што можеше. Ме болеше толку многу, што не можев да станам“, вели Зукиќ.
„Кога Сенада ми го донесе бебето, прашав дали бебето е живо и дали има едно кило“, се сеќава Зукиќ низ солзи, објаснувајќи „дека нема зборови со кои може да ги опише настанот и чувствата“.
„Тоа требаше да се сочува“
Болницата, која се смета за симбол на воениот отпор во Олово, денес е напуштена и пропаѓа.
Пред неколку години, Фазлиќ за прв пат по војната го посетил своето поранешно работно место под земјата. Поголемиот дел од овој објект е руиниран и обраснат со зеленило.
„Наминав и видов дека забот на времето веќе го уништил ова и дека воената болница Олово е девастирана. Ме заболе длабоко во срцето“, вели Фазлиќ.
„Верувајте ми, се чувствував исто како да стојам пред моја изгорена родна куќа. Тоа требаше да се сочува“, истакнува тој.
Куќановиќ смета дека болницата требало уште одамна да стане музеј и едукативен центар.
„Болницата во Олово, воената болница, за населението на општина Олово и за сите раселени лица, кои ги имаше илјадници во областа Олово, значеше живот. И за нашите ранети борци, значеше живот“, нагласува Куќановиќ.
Кулиќ вели оти постоела идеја, болницата да се претвори во музеј и целата опрема од операциската сала да се остави како експонат. Но, тоа не се случило поради недостиг на пари.
Џемал Мемагиќ, градоначалник на општина Олово, за БИРН изјави дека очекува болницата да биде обновена за две или три години.
Сепак, тој додава: „Самата локација е таква што, според мое мислење, бара многу финансии“.
Оние кои порано работеле во болницата или биле нејзини пациенти, се тажни поради нејзиното распаѓање. За новинарката, Амира Милуниќ, планот за реконструкција на болницата, нуди надеж дека тоа ќе се промени.
„Задоволна сум што гледам дека тие разговараат и дека е можно, еден ден, воената болница да се реконструира“, нагласува таа.