Регион

Во услови на пандемија на Косово се одржуваат поинакви комеморации

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, кој често присуствува на комеморациите низ целата земја, овој пат објави пораки на Фејсбук

Повеќето тела на жртвите, беа пронајдени неколку години по масакрот. Посмртните останки на братот на Лиман, Луан, кој имал 21 година кога бил убиен, беа откриени дури во 2014 година, во масовна гробница во близина на Призрен. Три жртви сѐ уште се водат како исчезнати.

Оваа година, поради пандемијата на корона вирусот, комеморацијата за жртвите од масакрот во Мала Круша, беше поинаква. Наместо голем собир, само блиски членови на семејствата на жртвите, дојдоа на гробиштата за да им оддадат почит на убиените.

„Имаше уште две семејства на гробиштата, неколку метри оддалечени од нас“, вели Лимани за БИРН.

„Беше тоа многу тивка комеморација. Ми се чинеше како да има помалку почит. Но, на состанокот овде во селото, решивме да не ја одбележуваме оваа годишнина, поради пандемијата. Време е да избегнуваме сè и да останеме дома“, истакнува тој.

Во Косово, на пролет, обично се одржуваат серија големи комеморации за жртвите од масакрите извршени од силите на Слободан Милошевиќ, откако НАТО започна со воздушните напади врз Југославија, кон крајот на март 1999 година.

Како Агрон Лимани, и многу други семејства на жртвите на масакрите во Косово, им оддадоа почит на своите најблиски со кратки посети на нивните гробови или останаа дома и објавија соодветни пораки на социјалните мрежи.

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, кој често присуствува на комеморациите низ целата земја, овој пат објави пораки на Фејсбук. Неговата последна објава беше посветена на жртвите од селото Резала, каде на 5 април 1999 година, српските сили убија 98 албански цивили.

„Во овој типичен масакр на невооружени цивили од страна на српската држава, главно беа убиени мажи, што јасно ја покажува природата на масовните злосторства против човештвото (извршени во Косово), за кои ниту еден командант и непосреден извршител не беа изведени пред лицето на правдата“, напиша Тачи.

И премиерот во заминување, Албин Курти, објави порака на Фејсбук, по повод годишнината од масакрот во селото Ибица, во северозападната косовска општина Србица, каде 147 албански цивили беа убиени од српските сили, на 28 март 1999 година.

„Не можеме да уживаме во пролетта веќе 21 година. Насекаде во Косово, секој ден во текот на овие месеци, ги спомнуваме нашите најблиски, членовите на семејствата и пријателите, кои ги уби или однесе фашистичката машинерија на српската држава“, напиша Курти.

„Наша обврска е да не ги заборавиме“

Одбележување на масакрот во селото Велика Круша. Фотографија на Смаил Латифи.

 Мал број официјални претставници ги посетија гробиштата за да им оддадат почит на воените жртви на масакрите. Но, Смаил Латифи, градоначалникот на Ораховац, сепак одржа говори и положи венци на местата на најмалку пет масакри во неговата општина.

„Јас лично учествував во одбележувањето на 21-годишнина од масакрите во Пусто Село, Бела Црква, Велика Круша, Мала Круша, Целина и Оперуша. Дури и во овие тешки времиња предизвикани од пандемијата, им оддадов почит и на оние што паднаа за време на војната, особено на цивилите“, вели Латифи за БИРН.

Тој додаде дека само неколкумина присуствувале на неговите говори. „Беа само првите луѓе на селата и ретко кој член на семејствата на жртвите“, додаде тој.

„Не организирав никакви собири, ниту пак повикав на масовни комеморации. Мислам дека ги следев препораките на Светската здравствена организација и на Институтот за јавно здравје (на Косово). Одржувавме растојание и повеќето од нас имаа маски. Сè на сè, тоа беа мали комеморации, иако видов дека болката на семејството е иста“, нагласи Латифи.

Косовската влада, во борбата против ширењето на корона вирусот, воведе ограничување на движењето и постојано ги повикува граѓаните да останат дома.

Но, сепак, Латифи, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, планира да продолжи да ја одбележува годишнината од убиствата што се случија во пролетта 1999 година.

„Во овие тешки времиња, јас се шегувам дека немаме причина да се плашиме од одбележувањата, затоа што оние што паднаа не го пренесуваат вирусот“, се пошегува тој.

Додека семејствата и официјалните лица, по повод комеморациите, објавуваат пораки на социјалните мрежи, Латифи посочува дека сè уште е важно лично да им се оддава почит на жртвите. „Наша обврска е не само да ги почитуваме, туку и да не заборавиме што се случи тука“, нагласи тој.

Шаќир Аруќи од селото Резала, реши оваа година сам да оди на селските гробишта, за да ја одбележи годишнината од смртта на неговите двајца браќа.

Јахе и Исуф, чии посмртни останки беа пронајдени во 2015 година во масовна гробница во Рашка, Србија, беа меѓу 98 Албанци убиени во селото на 5 април 1999 година.

„Отидов сам и положив цвеќиња на нивните гробови“, вели Аруќи за БИРН.

„Сеќавањата и болката се сè уште свежи и исти“, додаде тој.