Регион

Како вирусот на криминален авторитаризам го уби Зоран Ѓинѓиќ

Интимната врска помеѓу организираниот криминал и авторитарната политика, беше клучен фактор што доведе до атентат врз Ѓинѓиќ

Оваа седмица се одбележуваат 18 години од атентатот на Зоран Ѓинѓиќ, првиот демократски избран премиер на Србија, по Втората светска војна. Овој атентат, повеќе од кој било друг настан во изминатите две децении, имаше штетно влијание врз демократизацијата на земјата.

Сепак, колку сме подалеку од тој кобен ден -12 март 2003 година, толку повеќе сфаќањата за заднината и историските процеси што доведоа до убиство на српската демократија во нејзиниот зародиш, се позаматени. Ако ги оставиме настрана најчудните теории на заговор за убиството, неколку од нив (лажни) доминираат во јавниот дискурс.

Не, тие не го убија Зоран Ѓинѓиќ поради неговата решеност да ги испорача осомничените за воени злосторства на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија.

Не, тој не беше убиен поради неговата волја конечно да го пресече косовскиот јазол. За разлика од братоубиствените југословенски војни во 90-тите, племенскиот национализам не беше причина, туку средство што неуспешно се користеше во обидот да се соберат масите зад злосторствата.

Ѓинѓиќ беше убиен затоа што беше подготвен да му зададе смртоносен удар на еден од најмоќните криминални синдикати во земјата. Луѓето што го убија, го сторија тоа за да избегнат одење во затвор. Тој беше убиен како резултат на заговор, меѓу Земунскиот клан, група насилници од српското подземје, и членови на безбедносниот естаблишмент на земјата.

Во филмот „ЏФК“ од 1991 година, актерот, Кевин Костнер, кој го игра окружниот јавен обвинител, Џим Гарисон, испрашува човек кој наводно е вмешан во атентатот на 35-тиот американски претседател. На прашањето на Гарисон, „А кој го уби претседателот?“, човекот одговара (цитирајќи го Черчил): „Тоа е мистерија! Мистерија завиена во загатка во енигма! … стрелците дури и не знаат!“.

За разлика од превезот на тајноста обвиткан околу убиството на Кенеди, што овозможи ширење на теории на заговор, широко следениот судски процес за убиството на Ѓинѓиќ, овозможи да се расветли кој, зошто и како го изврши неговиот атентат.

Сепак, многумина ја отфрлаат можноста дека гангстерите сами се осмелиле да го погодат првиот човек на српската влада. Тие сметаат дека криминалците, за да соберат храброст да извршат такво дело, морале да имаат поддржувачи во политичките кругови, кои им дале, повеќе или помалку, експлицитно одобрување за извршување на акцијата.

Во декември 2011 година, мајката и сестрата на Ѓинѓиќ, поднесоа приватна кривична пријава против Небојша Човиќ, соработник на Ѓинѓиќ и потпретседател на неговата Влада, и против Велимир Илиќ, незадоволен член на владејачката коалиција, во која наведоа оти тие двајца знаеле за плановите за убиство на премиерот и дека тоа не го пријавиле.

На судењето за убиството на Ѓинѓиќ, неколку сведоци изјавија дека Човиќ знаел за плановите и дека намерата била тој да го заземе местото на Ѓинѓиќ по убиството. Човиќ и Илиќ ги негираа овие обвинувања, а јавниот обвинител никогаш не покрена обвинение против некого од нив.

Луциус Касиус, еден од најпочитуваните римски судии, го формулирал прашањето „Cui bono“ („Кој има корист?“), како водечки принцип на кривичната истрага. По убиството на Ѓинѓиќ, Човиќ стана вршител на должноста премиер, но тоа траеше само четири дена. Од друга страна, атентатот доведе до ослабување на Демократската партија на Ѓинѓиќ, и на крајот на годината, неговиот главен ривал, Воислав Коштуница, дојде на чело на српската влада.

Партијата на Коштуница, пред атентатот, ја водеше најодвратната кампања против Ѓинѓиќ, а неколку негови блиски соработници имаа контакти со главните конспиратори на атентатот.

Соработниците на Коштуница кои беа во контакт со Земунскиот клан, беа уапсени за време на вонредната состојба што уследи по убиството на Ѓинѓиќ, но наскоро беа ослободени. Никогаш не беа обвинети за вмешаност во заговорот за убиство на премиерот.

Убиства на политички емигранти по договор

Слободан Милошевиќ

Дали убиството на Ѓинѓиќ беше можно, без детален политички заговор? Во својата книга, „Анатомија на еден момент“, Хавиер Серкас, ги опишува различните, во многу случаи, целосно некоординирани постапки на разни политички актери, што се случија за време на обидот за државен удар во Шпанија, на 23 февруари 1981 година.

Користејќи ја метафората за бременост, Серкас овие политички активности ги нарекува „плацентата што го храни пучот“. Слично на ова, во случајот на убиството на Ѓинѓиќ, без директно учество во заговорот за атентат, хаотична мрежа на некоординирани политички маневри од различни интересни групи, подготвени да ја дестабилизираат владата на премиерот, обезбеди плодна почва за заговорниците.

Сепак, тоа сè уште не објаснува како обичните криминалци би се осмелиле да го убијат премиерот. За да го разбереме ова, треба да се вратиме најмалку во 70-тите години.

До падот на Берлинскиот ѕид, терористичкото насилство беше вообичаено средство за решавање на политичките спорови во Европа, а тајната служба на комунистичка Југославија практикуваше своја верзија на државен тероризам. Со цел да се неутрализираат политичките емигранти, кои му се спротивставуваа на режимот на Јосип Броз Тито, службата договараше со југословенските криминалци, извршување на атентати во странство.

Во 2016 година, белгиски суд осуди поранешен југословенски разузнавач и двајца југословенски криминалци на казна доживотен затвор, за убиство на албански активист за човекови права од Косово, во 1990 година. Истата година, германски суд осуди двајца хрватски разузнавачи од времето на Југославија, на доживотен затвор за убиство на хрватски емигрант во 1983 година. Ова беа само некои од жртвите на политичката полиција на комунистичка Југославија.

Во замена за услугите што му ги нудеа на комунистичкиот режим, гангстерите добиваа логистичка поддршка во бавењето со криминал во Западна Европа, додека истовремено неказнети живееја во Југославија. Благодарение на овој однос, за две децении, југословенскиот безбедносен апарат полека стана криминализиран.

Потоа дојдоа 90-тите, војните и грубиот капитализам од посткомунистички југословенски вид. Поранешните насилници, поттикнати од приходите од ограбувањата во војните, од трговијата со дрога и криминалните приватизации, влегоа во мејнстримот на југословенскиот социјален и политички живот. Границата меѓу државата и криминалот целосно исчезна. Како и атентаторите на Ѓинѓиќ, и сите други криминалци почнаа да веруваат дека се помоќни од државата.

Да се ​​сметаат Милошевиќ и 90-тите години за извор на секакво зло, е честа грешка при толкувањето на модерната историја на југословенските земји. Владеењето на Милошевиќ и крвавите југословенски војни означуваат крај на периодот на инкубација, кога симптомите на заразната болест станаа очигледни.

Вирусот на криминален авторитаризам беше присутен во Србија и во поголемиот дел од регионот, уште од формирањето на првите современи држави. Комунизмот, национализмот и дивиот западен капитализам во последните 30 години, се само најновите мутации на тој ист вирус.

Србија и другите земји во регионот ја чекаат вакцината, надевајќи се дека членството во ЕУ може да биде чудотворниот лек што им е потребен.

Срѓан Цвијиќ (Srdjan Cvijic) е соработник во Институтот за хуманистички науки во Виена и член на Советодавната група Балкан во Европа.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.