Вести

Камерите на „Безбеден град“ не препознаваат лица

Дел од податоците за системот се класифицирани

Камерите за „ловење“ сообраќајни прекршоци од проектот „Безбеден град“ (Safe city) немаат можност ниту за „face recognition“, односно препознавање лица ниту во возилата, ниту на пешаците, посочува Министерството за внатрешни работи во одговор за БИРН.

Како што може да се забележи на самите камери кои се во функција една недела, се набавени од италијанската марка „Tattile“. На веб-страницата на произведувачот пишува дека вакви камери имаат инсталирано во 75 земји во светот.

Бидејќи на страницата на „Tattile“ постојат повеќе модели, побаравме од МВР да прецизира кои уреди се поставени на патиштата во земјава. Одговорот беше дека станува збор за класифицирана информација. МВР за класифицирана информација го смета и споделувањето со јавноста на вкупниот број инсталирани камери досега, каков сет од мета податоци содржат снимките од камерите, како и тоа кој е задолжен да го одржува системот.

Уверуваат дека безбедноста на податоците е загарантирана. Пристап до снимките имаат „само овластени вработени во ‘Безбеден град’, како и специјално обучени лица во надлежните сектори кои работат со системот“.

Во првите 24 часа камерите само во Скопје регистрираа над 110 илјади прекршоци. Следниот ден таа бројка на прекршоци се преполови.

Велат дека пристапот е строго контролиран со утврдени протоколи. Секој што има пристап до системот, има т.н. „индивидуална корисничка сметка креирана според строго дефинирани правила и нивоа на овластување“. Тоа значи дека сите пријавувања, прегледи и промени оставаат електронски траг, т.н. „детален лог механизам“, „кој обезбедува целосна трага за безбедносна и форензичка анализа“.

Прашавме колку долго ќе се чуваат снимките. Конкретен одговор не добивме, освен објаснување дека тоа ќе биде во согласност со важечките прописи и интерни политики на МВР.

На прашањето до колку метри е опсегот на снимање на камерите, од МВР не одговорија конкретно, велат дека станува збор за „мали растојанија“.

За локациите за тоа каде се поставени камерите одлучувале сите служби во МВР, кои „дале сугестии каде да се постават одреден број видео позиции“.

Технички карактеристики на камерите | Фотоскрин: Веб-страница на Tattile

Сајтот на производителот на овие камери открива дека станува збор за едни од технолошко понапредните камери за видеонадзор во сообраќајот. За еден од моделите што е инсталиран во земјава „Smart + Speed“, пишува дека наеднаш може да снима по три сообраќајни ленти со прецизност од над 99 отсто.

Едната од двете камери во уредот ја снима регистрацијата, а другата го снима целото возило. Уредот тежи осум килограми, има заштита од вода, прашина и кондензација и може да издржи екстремни температури од -40 до 60 степени.

Податоците од камерите се заштитени со енкрипција и автентификација.

Системот една недела е во фаза на тестирање. За да биде ставен целосно во функција следната година, треба да бидат усвоени сет закони во парламентот.